НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

Деновиве се изнаслушавме лелеци и плачови од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) кои што, како што велат тие, биле излажани од министерството за култура, а во врска со нивелација на платите во културата.

Премногу наивно од СКРМ, а и од сите оние кои поверувале во дилот помеѓу министерството за култура и “нивниот социјален партнер” – СКРМ, дека со мартовска плата ќе има нивелација на платите во установите од културата. Наивно, аматерски и со голема доза на потценување на вработените во културата е оваа лажна информација пласирана  во јавноста на крајот на минатата година, а во интерес на двете споменати институции, секој од свој интерес за поентирање во дадената ситуација.

Ќе изнесеме неколку факти кои го поткрепуваат нашето тврдење, за кои што објавивме статус и став на СОНК околу оваа проблематика уште на 26 декември 2018 година со наслов “Траги-комична претстава по сценарио , режија и главни улоги на министерството за култура и СКРМ”, што изворно може да се прочита на нашата страница тука.

Со таа објава дури не беше спомнато ниту дека доаѓа и  период на избори, период каде што согласно изборниот законик не е возможно зголемување на платите во јавниот сектор. Но и покрај тој силен факт, двете институции до пред некој ден беа убедени во сопствените лаги. Едните дека ќе направат добро дело и конечно нешто ќе направат за вработените во културата, а другите дека заради нив ќе се нивелираат (зголемат) платите на дел од вработените во културата.

Едните ќе си купат социјален мир и одбегнување на реалноста, а другите ќе станат “херои во културатa” и со такви евтини лаги и манипулации ќе зграбат што поголем број на членови, кои патем речено, секојдневно со лаги се обидуваат да зачленат членови на сметка на отчленување од СОНК.

Впрочем, СКРМ не престанува да лаже заради сопствени интереси дека е единствениот синдикат за култура кој што се грижи за вработените во културата, а особено за уметниците, дека е заслужен за договорот за нивелација на платите, за изготвување на нов колективен договор во културата, закон за култура………и што уште не, само да дојде до што повеќе членови, повеќе членарина, повеќе лични интереси на поединци.

Логична последица на се ова е прашањето, како сега раководството на СКРМ ќе му објасни на своето членство, зошто нема нивелација и зголемување на платите во март?! Зарем ќе се правдаат дека не знаеле за изборниот законик?! Или, ќе сметаат за доволно дека со една блага, неубедлива реакција, па и со срамежлива закана дека ќе немаат разбирање за нивните изговори, а и нема да имаат ниту грам толеранција, ниту минута доцнење……..

Дали е доволно ова за работниците во културата???

Впрочем, ова е проблем на СКРМ, и според народната поговорка “како ќе си посееш, така ќе си жнееш” !

Нашата цел со објавување на овој текст е да ја изнесеме вистината во јавноста, а особено кај културните работници, дека со лаги и манипулации не може да се дојде до успех, кој што впрочем, сите го посакуваме.

Вистината е една и единствена, а тоа е дека СОНК долг период работеше со министерството за култура за изедначување (нивелација) на платите согласно колективниот договор, кој што беше изработен и поминат на јавна расправа во синдикалните организации од културата. Единствен проблем беше примената односно, СОНК не сакаше да го потпише тој договор додека не се обезбедат средства за реализација.

Се другото е лага и манипулација со културните работници, на сопствена штета на дејноста, а во интерес на поединци.

И на крајот, не заборавајте дека СОНК континуирано преку средствата за јавно информирање и особено преку организирање на јавни протести го искажува незадоволството на членовите од културата за хаосот во однос на плати, надоместоци на плати, работни услови, кариерен развој и други проблеми што ги имаат вработените во оваа дејност.