ОДРЖАНА 11-та РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК
СОНК ПРОДОЛЖУВА ДА РАБОТИ ТРАНСПАРЕНТНО И ОТЧЕТНО ПРЕД СВОИТЕ ЧЛЕНОВИ
Советот на самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК на 31.03.2018 и 01.04.2018 година ја одржа својата 11-та редовна седница, на која што се разгледуваше и усвојуваше финансиското работење на сметката на Советот на СОНК, информација околу финансиското работење на Синдикалниот фонд како и за некои актуелни состојби за дејностите кои што ги покрива СОНК.
Извештај за финансиското работење на Советот на СОНК поднесе членот на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, Чедомир Спасовски, кој што ги презентираше податоците од приходите и расходите од финансиското работење на Советот за 2017 година, при што констатира дека приходите по основ на уплатена членарина се стабилни и се во висина од претходните години, што индиректно покажува дека членовите на СОНК редовно уплаќаат членарина и дека членството е во приближно ист број во однос на претходните години. Во однос на расходните ставки презентирано е дека трошењето средства во 2017 година е намалено во однос на 2016 година, средствата се трошеле наменски исклучиво само за синдикални потреби, оправдани со соодветна документација. Ваквиот извештај на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, по расправа и позитивна критика, беше едногласно усвоен од страна на членовите на Советот на СОНК.
Исто така, како информација, беше презентирано и финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК, кој што работи во добра кондиција, со зголемување на реализација на барања за помошти и кредити согласно Правилникот на Синдикалниот фонд. Овој извештај, исто така, беше едногласно усвоен од Собранието на Синдикалниот фонд по предлог на Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК, на седници одржани на 29.03.2018 година.
На оваа седница на Советот на СОНК беше расправано и за состојбите во СОНК во однос на социјалниот дијалог и партнерство на сите нивоа, а особено се расправаше за проблемите на дел од вработените во детска заштита, основното и средното образование кои што во последниот период останаа без работа. Советот на СОНК искажа големо незадоволство за ваквите состојби во овие дејности и констатира дека со промена на власта на сите нивоа се направи класична политичка дискриминација каде што на местото на веќе вработени работници се примаат нови, кои што очигледно ги “ исполнуваат безусловно“ сите критериуми.
Во врска со ваквата настаната ситуација, Извештај поднесе и правниот застапник на СОНК кој што даде емпириски извештај со бројот на правни услуги на членовите на СОНК кои се обратиле до него. Исто така, тој ја објасни правната процедура која што треба да се запази во однос на поведување на правни постапки на секој еден кој што ќе има потреба за тоа.