ОДРЖАН МАСОВЕН ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ШТРАЈК НА СОНК

ОДРЖАН   МАСОВЕН   ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ  ШТРАЈК  НА  СОНК

Во текот на вчерашниот ден, 2-ри септември, почетокот на учебната година, врз основа на Одлуката на Советот на СОНК, донесена на 19-та редовна седница на ден 23-08-2019 година, во  синдикалните организации на СОНК од основното и средното образование, се одржа еднодневен предупредувачки штрајк.

Самата организација на предупредувачкиот штрајк, со сите пропратни материјали и најави за одржување, како и денот на одржување на истиот, со однапред договорениот тек во Упатството, доставен од страна на СОНК, помина на  достоинствено ниво. Исто така, вредно е да се напомене дека на предупредувачкиот штрајк немаше поголеми притисоци од власта на сите нивоа, почнувајќи од училиштата, локалните самоуправи и на централно ниво.

Од извештаите поднесени до штрајкувачкиот одбор на СОНК, од страна на претседателите на регионалните одбори на СОНК, во својство на претседатели на штрајкувачкиот одбор на ниво на секој Регион, може да се заклучи дека Одлуката на Советот на СОНК, со мали исклучоци, е испочитувана од сите синдикални организации на СОНК, но и поголем број од вработените кои не се членови на СОНК, кои по пат на солидарност се приклучија кон предупредувачкиот штрајк.

За овој еднодневен предупредувачки штрајк на СОНК и Барањата на Советот на СОНК, во знак на безрезервна поддршка, до СОНК во писмена форма пристигнаа многубројни писма со поддршка од страна на родители, членови на синдикални организации од дејноста предучилишно образование – детските градинки и културата, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, од сите грански синдикати на КСС, како и од синдикати за образование со кои СОНК има воспоставено билетерални односи од Република Србија,  Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Албанија, Косово, Република Српска,  и Европската Конфедерација на синдикати за образование – ETUCE, за што сме им бескрајно благодарни.

Наредниот период од еден месец, поточно во текот на месец септември, за Советот на СОНК, согласно Одлуката е период во кој, по пат на преговори, а во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство со Министерството за образование, се очекува да се постигне договор за висината на процентот и периодот на реализација на зголемување на платите на вработените во основното и средно образование.

Во овој период се очекува СОНК и МОН да го отворат прашањето за потпишување на Колективен договор за високо образование и наука.

Во почетокот на месец октомври, Советот на СОНК ќе одржи седница, на која ќе се разгледа исходот на преговорите со МОН, по однос на зголемувањето на платите во сите сфери на образованието и зависно од истиот ќе донесе одлука за натамошните чекори на СОНК.