О.О.У. БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ ОД СКОПСКИ АЕРОДРОМ – ДОМАЌИН НА ДИРЕКТОРОТ НА ETUCE И РАКОВОДСТВОТО НА СОНК

О.О.У. Браќа Миладиновци од скопски Аеродром – домаќин на директорот на ETUCE и раководството на СОНК

 

Директорот на европската Конфедерација на синдикатите за образование, г-ѓа Сузан Флокен, придружувана од раководството на СОНК, беше во посета на општинското основно училиште ”Браќа Миладиновци” од Скопје, каде што имаше можност да поразговара со директорот на училиштето, г-динот Тони Димов и со членовите на синдикалната организација на СОНК од оваа установа.

Од страна на директорот бевме информирани за работата на училиштето кое е единствено во градот Скопје, што успешно работи со две наставни програми, националната програма и меѓународната IB програма. Тој ни посочи за потешкотиите во нивното работење и реализација на законските обврски, но воедно и искажа позитивни ставови во однос на ангажираноста и високиот професионализам на вработените во тоа училиште, што резултира со одлични резултати кај учениците. Тој, исто така, го подржува ангажирањето на СОНК за  подобрување на социјалниот статус на вработените, особено за неговото училиште, при што побара помош и подршка од СОНК за изнаоѓање на законско решение за наградување на вработените кои работат по споменатите две програми.

Претседателот на синдикалната организација на СОНК, г-ѓа Анета Велкоска, во кратки црти ни ја опиша работата во оваа синдикална организација, партнерскиот однос со директорот на училиштето, активното учество во Регионалниот одбор на СОНК, како и за статутарното право на секој од членовите, преку синдикалната организација, да може да даде придонес во севкупното работење на СОНК. Во дискусијата, од страна на повеќе членови на синдикалната организација, беше кажано дека се задоволни од работењето на нивната организација, но побараа поголемо ангажирање од сите оние коишто имаат законска можност да придонесат за подобрување на платите во образованието, подобрување на условите за работа, како и подобрување на законските решенија во основното образование.

Г-ѓата Сузан Флокен беше воодушевена од работењето на училиштето и од посветеноста на сите вработени, а особено на наставниците за реализација на наставните програми.  Таа се согласи дека просветните работници во Македонија заслужуваат многу повеќе во однос на личните доходи, вложување во инфраструктурата во училиштата, наставните средства и помагала, едукација на наставниците, а особено за вакви училишта кои што реализираат две наставни програми.