Почнаа преговорите помеѓу СОНК и Владата

Во текот на вчерашниот ден, во Владата на Република Македонија започнаа преговорите помеѓу претставниците на Владата, предводени од Министерот за образование и наука, заменик претседателот на Владата за економски прашања и Државниот секретар за образование и наука од една страна и членови на Советот на СОНК предводени од претседателот на СОНК од другата страна. На работната средба, претставниците на СОНК го изнесоа и образложија Барањето за зголемување на платите во дејноста образование, кое се темели врз основа на зголемување на минималната плата и примена на  одредбите од законот за минимална плата. Исто така, беше укажано на големото незадоволство на вработените во образованието заради изедначување на платите на различни работни места со различна сложеност на работата, како и на фактот што останатите плати изминатите неколку години воопшто не го следат порастот на минималните плати. Од претставниците на Владата беше недвосмислено побарано да се отпочне веднаш со усогласување на платите според сегашните важечки Колективни договори и порастот на минималната плата во изминатиот период.

Од страна на претставниците на Владата беше презентирана економската, здравствената, енергетската и другите состојби во државата кои, според нив, не дозволуваат лесен и едноставен пристап и позитивен одговор на нашето барање, веднаш, на оваа работна средба. Сепак, тие истакнаа дека многу е важно просветните работници да имаат достоинствени плати на професијата, но, во исто време побараа и квалитетот на образованието да се подигне на повисоко ниво, за што и треба да се направат одредени организациски и реформски промени.

На крајот од средбата, претставницие на Владата побараа неколку дена за пресметка на финансисиката импликација врз основа на Барањето на СОНК, по што преговорите ќе продолжат понатаму.