Регионалниот одбор на СОНК – Гостивар на ден 31.01.2022 година (понеделник) ја одржа својата 1-ва седница, на која беа отворени прашања од сите дејности кои ги застапува СОНК.
На седницата, главен акцент беше ставен на големото незадоволство заради стагнација на платите во однос на големиот раст на цените за животните трошоци и опаѓање на животниот стандард. Исто така, беше дискутирано и за Заклучоците од седницата на Советот на СОНК и постапување по истите, а беше отворено прашањето и за начинот на функционирање на синдикалните организации, со цел зголемување на членството во истите.
За таа цел, беше усогласен ставот дека периодот што следи ќе биде период на подигнување на правата на работниците, односно едукација и континуирана обука на членството во областа на синдикалната заштита, враќање на стекнатото право за регрес на годишен одмор, јубилејни награди и други додатоци на плата, продолжување на социјалниот дијалог со социјалните партнери, како и зајакнување на единството помеѓу членовите и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања.