РЕАКЦИЈА НА СОНК ВО ВРСКА СО НЕМОЖНОСТА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКАТА
СООПШТЕНИЕ
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го изразува своето огромно разочарување и незадоволство од институциите на системот, коишто на директен или индиректен начин влијаат врз неисполнување на договорот помеѓу МОН и СОНК за зголемување на платите во високообразовните институции, за 10% започнувајќи од јануарската плата 2020 година.
СОНК нема директно да го впери прстот во ниту една институција или поединец, меѓутоа нема да премолчи во изнесување на фактите коишто доведоа до ваква неповолна ситуација за вработените во високото образование и за нас како организација, која има надлежност и статутарна обврска да ги штити нивните интереси.
Непобитен е фактот дека министерството за образование и наука требаше да го реализира договореното зголемување на платите за 10% од јануари 2020 година. Доколку ова договорено зголемување не можело да се реализира заради законски или други пречки, МОН требаше најпрво да разговара и изнајде решение заедно со СОНК, како договарач со МОН, но, пред се и заради докажаната репрезентативност на национално ниво, во дејноста образование. Спротивно на ова, МОН бараше “решение” со ректорите на државните универзитети, при што изнајдоа “соломонско” решение во рамките на универзитетите да иницираат формирање на нов универзитетски синдикат, којшто би бил репрезентативен. Со тоа, би можеле да потпишат колективен договор на ниво на работодавач, кој би содржел еден член, а тоа би било само за зголемување на платите од 10%. Срамно и недозволиво. Според СОНК, ваквиот начин на решавање на проблемот создаде дополнително нови проблеми, коишто укажуваат дека по потреба кога сакаат и како сакаат работодавачите можат да формираат синдикални организации, но, кога ќе заврши потреба можат да ги згаснат. Исто така, се покажа дека под притисок на академската власт, многу лесно, експедитивно и масовно можат да се формираат синдикати, што во практиката е сосема спротивно. Ваквите дејствија, според нас се спротивни и на нашите закони, но и на меѓународните конвенции, каде што многу децидно се укажува дека работодавачите не смеат да влијаат во организирањето и дејствувањето на синдикалните организации. Дејание без преседан, со елементи на кривична одговорност.
Решението за настанатиот проблем го понуди СОНК пред министерството за образование и наука. Во дел од универзитетите СОНК е репрезентативен синдикат, а во дел од универзитетите заедно со Независниот академски синдикат (НАкС) заеднички докажуваат репрезентативност и на тој начин во сите универзитети во Македонија имаше можност да се потпише колективен договор на ниво на работодавач. Во недостаток на грански Колективен договор, ова беше наједноставното решение. Но, очигледно дека оваа реална ситуација на некого не му одговараше и тврдоглаво се туркаше идејата за формирање на нов синдикат, што би бил под контрола на раководството на универзитетот, што по претходно дадено упатство и процедура успеа да формира синдикална организација, која патем кажано, до денес не успеа да се регистрира.
По жестоките јавни реакции на незадоволство на СОНК и НАкС, министерството за образование и ректорите донесоа одлука проблемот да се затвори со носење на законско решение, што доколку можело (а сметаме дека можело), требало да се стори уште кон крајот на декември 2019 год, за да се отпочне со примена со јануарската плата во 2020 година.
Но наместо тоа, денес сме соочени со неизвесноста на носење на измени на Законот за плати, со оглед на скорашното распуштање на Парламентот, а со тоа и неможноста за зголемување на платите во високото образование. Не смееме да го заборавиме и фактот што СОНК и МОН во изминатиот период имаа одличен партнерски однос, но со нереализирање на веќе договореното, се нарушува воспоставената рамнотежа помеѓу двата социјални партнери.
Дали беше неопходно да се создаде овој проблем? По нас, не. Ова на никому не му оди во прилог, особено не на министерот за образование и наука, во период пред парламентарни избори. Не им беше потребно и на дел од ректорите, затоа што тие не смеат да даваат изјави дека на таков начин се ангажирале за подобрување на социјалниот статус на вработените. Јасно им е на сите дека СОНК го договори ова зголемување и не се коректни такви изјави со што некој сака да се “кити“ со туѓи перја. Или пак, имаат потреба да се додворуваат пред своите вработени, на пример, можеби доаѓаат избори за Ректор во некој од универзитетите.
Навистина не би сакале да помислиме дека ова е некое смислено сценарио, со што ќе се купи одредено време, а со тоа и “мир“ во пресрет на распуштање на Парламентот заради изборите, ќе се заштедат средства за најмалку половина година, се до конституирање на нов Парламент и Влада.
Сигурно има и наша вина во целата оваа приказна, но тоа ќе го оставиме на нашите органи да го анализираат и констатираат. Но, исто така, јасно е дека во овој период не сме во можност да ги примениме радикалните средства, затоа што практично нема (или не сака) кој да го смени законското решение или да потпише и објави Колективен договор.
Едно е јасно. Вработените во високообразовните институции се крајно разочарани од ваквиот однос на институциите. Овие вработени најмалку го заслужуваат тоа, вработените имаат убедливо најниски плати во регионот, а да не зборуваме за Европа. Но, исто така, јасно е дека, ваквата постапка кон нив нема да биде заборавена и тие на свој сопствен начин ќе се оддолжат на оние кои, според нив, го направија ова.
Претседател,
с.р. Јаким Неделков