Почитуван/а г-дин/ѓа градоначалник,
Од името на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, Ви се обраќам со ова писмо со мое лично убедување дека ќе му посветите максимално внимание и дека во рамките на Вашите надлежности ќе постапите по него.
Имено, Вие како градоначалник и како Општина имате големи надлежности врз организирање на работата и воспитно-образовниот процес во училиштата од Вашата Општина, а особено во овој период на пандемија од смртоносниот вирус Ковид-19. Од таа причина, се обраќаме до Вас со упатување на неколку предлози од наша страна, со што сметаме дека ќе придонесеме заеднички во намалување на ризикот од ширење на заразата помеѓу вработените во училиштата и што е најважно, спречување на евентуални можни кобни последици.
- Безусловно почитување на одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа, при што директорите на училиштата треба да изготват и спроведат Изјава за безбедност за секое работно место. Исто така, согласно овој закон, да се изработи Проценка на ризик на работните места, како и утврдување на Ковид возраст на вработените.
- Како резултат од погоренаведеното, Ви предлагаме да извршите реорганизација на работниците и тоа:
-повозрасните работници и работниците кои имаат поголема Ковид возраст да се префрлат на работни места коишто ќе бидат со помала можност за физички контакт со други луѓе односно со помал ризик од зараза;
-работниците кои своите работни обврски можат да ги извршуваат по електронски пат од далечина, да им се дозволи тоа да го прават во домашни услови;
-на сите оние наставници, кои изведуваат настава од далечина од училишните простории, доколку изразат желба тоа да го прават во домашни услови, со сопствен интернет, компјутер итн., тоа да им биде дозволено од страна на директорот;
-на оние наставници, коишто патуваат до училиштето со јавен градски превоз или групирани во приватни возила, каде што за жал нема соодветни услови за настава од далечина, по нивно барање да им се овозможи настава од далечина од дома;
-во паралелките каде што се изведува настава со физичко присуство, освен веќе пропишаните заштитни мерки и средства, да се користат и UV светилки кои што се докажани во стерилизација на просторот.
За дел од овие предложени конкретни мерки СОНК и МОН веќе разговараа и ги усогласија ставовите, а како резултат на тоа, од страна на Министерката за образование и наука, на 21.10.2020 година, беше упатено Известување до директорите на училиштата, со можност за организација и реорганизација на воспитно-образовниот процес.
Почитуван/а,
Во услови на секојдневно зголемен број на заразени и починати луѓе во државата, ова би бил наш заеднички скромен придонес во борбата за спречување од ширење на оваа опасна болест и од името на двете институции што ги претставуваме, како и според надлежностите што ги имаме, би биле пресреќни доколку се превземат конкретните предложени заштитни мерки и со тоа, како општествено одговорни лица, би спасиле можеби и многу човечки животи.
Со почит,
Претседател,
Јаким Неделков с.р.