Владата со нова тактика “трај- прај”
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија – СОНК реагира на начинот на носење на одлуки на Владата, особено од сферата на социјално-економскиот статус на работниците. Имено, на последната 37 седница на Владата, донесена е Уредба, со која на корисниците на буџетските средства за плати и додатоци на плати им се укинува правото на исплата на додатоци и надоместоци на плата, согласно Закон и Колективен договор, за време на траењето на вонредната состојба.
СОНК сосема ја разбира моменталната состојба и економската моќ на државата во период на криза, ја разбира и потребата за солидарност во овие тешки времиња за сите граѓани во државата, особено со најпогодените и најсиромашните, но ако зборуваме за солидарност, како социјални партнери, во најмала рака требаше да бидеме прашани или консултирани.
СОНК како претставник на околу 30.000 вработени во јавниот сектор и убедливо најголем синдикат во државата, реагира на непостоење на социјален дијалог и партнерство, кои се со закон задолжителни помеѓу социјалните партнери. Иако се наоѓаме во вонредна состојба, тоа не значи дека одредбите од законите се суспендирани и дека уредбите што ги носи Владата ќе се темелат исклучиво врз база на еднострана проценка. Од тие причини бараме, при носење на уредби со кои ќе биде намалена социјалната сигурност на работниците и другите права, да се почитуваат законите, особено Законот за работни односи, законите за дејности и Колективните договори. Впрочем, платите и надоместоците на плати се уредуваат со Закон, Колективен договор или Договор за вработување, па дури и во вонредна состојба овие акти не смеат да се суспендираат.
Од погоренаведеното, СОНК е убеден дека транспарентноста и социјалниот дијалог можат само да помогнат во овие тешки моменти за сите нас, а нашиот синдикат-СОНК во многу наврати и претходно е веќе докажан синдикат кој што ги негува европските вредности на партнерство и социјален дијалог.