ДОНЕСЕНА ЕДНОГЛАСНА ОДЛУКА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЈАВЕН МАСОВЕН ПРОТЕСТ

image_pdfimage_print

ОДРЖАНА СЕДУМНАЕСЕТАТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

ДОНЕСЕНА ЕДНОГЛАСНА ОДЛУКА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЈАВЕН МАСОВЕН ПРОТЕСТ

Советот на СОНК, во проширен состав, на 17 и 18 мај оваа година, ја одржа својата седумнаесета редовна седница, на која што беа разгледани повеќе точки во надлежност на нашиот Синдикат.

На една од точките, од дневниот ред на седницата, се изврши анализа на досегашните активности во дејностите што ги обединува СОНК, но и се направија согледувања и сондажа од одржаните состаноци на регионално ниво и мислења од страна на членството за идните чекори што треба да ги направи нашиот синдикат, за остварување на барањата утврдени од минатата година и врз основа на истите се одржаа протести во повеќе градови во нашата држава.

Од дискусиите и анализите по однос на платите, поединечно за секоја дејност, членовите на Советот на СОНК го констатираа следното:

– Во дејноста детска заштита – детските градинки и покрај тоа што на неколку средби и на највисоко ниво и на ниво на претседатели на синдикални организации, на кои што од страна на Министерот за труд и социјална политика, беше ветувано дека со донесувањето на Законот за детска заштита, каде што со бодови се регулирани работните места на носителите на дејноста( не за сите вработени), ќе има зголемување на платите на вработените од оваа дејност, сеуште нема никаков резултат. Ставот на СОНК, по однос на ова прашање е дека треба да се потпишат измени и дополнувања на Колективниот договор за детска заштита, во кој што ќе бидат вградени сите работни места и се направат корекции на коефициентите, согласно постоечките закони.

– Во дејностите основно, средно и високо образование и наука и покрај укажувањата и барањата од страна на раководството на СОНК и доставените заклучоци од страна на Советот на СОНК, за усогласување на платите, согласно процентуалното зголемување на минималната плата на национално ниво, на средбите со Министерот за образование се добива одговор дека во Буџетот за овие дејности е предвидено зголемување на платите за 5% , што не е доволно за следење на растот на висината на минималната плата во Р.М. Ставот на СОНК е дека процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво, треба да биде пропорционален и во делот на зголемување на платите, согласно постоечките колективните договори за основно и средно образование, а во најскоро време да се потпише Колективен договор за високо образование и наука.

– Во дејноста култура и покрај настојувањето на СОНК, долгогодишната неправда кај вработените во оваа дејност,каде што за исто работно место во иста организација или во друга организација во културата, се земаат различни висини на плати, да се регулира со Колективен договор за култура. Наместо на ваков начин да се регулираат платите во оваа дејност, еднострано, без учество на СОНК, Министерството за култура решава да се нивелираат платите во оваа дејност. Ставот на СОНК, по однос на ова прашање е дека треба под итно да се потпише Колективниот договор за култура и платите да се регулираат по истиот.

По извршената опширна анализа, Советот на СОНК, едногласно донесе Одлука, во корелација со КСС,  на 8ми јуни оваа година, да се организира Јавен масовен протест во Скопје, на платото пред Влада на Република Северна Македонија, на кој ќе се побара остварување на барањата на вработените од јавниот сектор, каде што секако припаѓаат дејностите што ги обединува нашиот Синдикат.