ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ШТРАЈК

image_pdfimage_print

ОДРЖАНА 19-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК 

ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ШТРАЈК

На ден 23-08-2019 година, Советот на СОНК, во проширен состав, ја одржа својата 19-та редовна седница, на која се изврши детална анализа на социјалниот статус на вработените  во дејностите што ги обединува СОНК и изјаснувањата од одржаните состаноци на ниво на синдикалните организации на СОНК, а во врска со донесените Заклучоци на 18-та седница на Совет на СОНК, која беше одржана на 21-06-2019 година.

На седницата присуствуваше и Министерот за образование и наука  г-нот Арбер Адеми, со своите најблиски соработници, кој пред членовите на Советот на СОНК истакна дека како Влада на Р.С.Македонија вложуваат многу и се направени повеќе инвестициски вложувања  и реформи во делот на образованието. Секако дека како Влада имаат желба и силно се работи на идно зголемување на платите, но откако ќе имаме јасна слика, со јасни податоци како стојат работите генерално во државата.

Од опширната расправа на седницата по однос на социјалниот статус на вработените, Советот на СОНК констатира дека со донесувањето на Законот за детска заштита и потпишувањето на новиот Колективен договор за оваа дејност, лошата социјална состојба кај вработените во детските градинки е делумно ублажена и е во рамките на висината на минималната плата на национално ниво. Исто така, оваа состојба е ублажена и кај вработените во дејноста култура со нивелацијата на платите во оваа дејност, но за жал во сите степени на образованието вработените земаат плата под просекот на платата на национално ниво и со огромна процентуална разлика на минималната плата на национално ниво. Овие непобитни факти резултираат со заклучок дека социјалниот статус на вработените во образованието е под секое ниво и нивото на достоинството на просветниот работник.

Од констатираната социјална состојба кај вработените во основното и средно образование и изјаснувањето на синдикалните организации на СОНК по однос на Заклучоците од 18-та седница на Советот на СОНК, неминовен беше заклучокот дека најавеното зголемување на септемвриската плата од  5% не е доволен и смета дека процентот на зголемување на платите треба да е во согласност на процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво, односно севкупно за 25%. Од погоре наведените причини, доколку до 1-ви септември не се изнајде решение или утврди терминот на зголемување на платите во овие дејности, Советот на СОНК донесе едногласна Одлука во дејностите основно и средно образование, на првиот училишен ден, 2-ри септември да се одржи еднодневен предупредувачки штрајк.

Советот на СОНК, исто така, побара да се интензивираат преговорите со МОН, а најдоцна до крајот на месец септември, оваа година, да  се утврди процентот на зголемување на платите кај вработените во сите сфери на образованието, како и утврдување на терминот и процентот за зголемување на платите за 2020 година.  Доколку до предвидениот термин не се најде прифатливо решение, Советот на СОНК на почетокот на месец октомври ќе одржи седница на која ќе се утврдат идните чекори, не исклучувајќи го генералниот штрајк во сите степени на образование.