ОДДРЖАНИ РАБОТНИ СРЕДБИ ВО РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК, КИСЕЛА ВОДА И ЧАИР

ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК БАРААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ, СОГЛАСНО МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Во текот на оваа недела  (9-10-2017 и 12-10-2017 година) највисокото раководство на СОНК, претседателот на СОНК и генералниот секретар на Советот на СОНК, одржаа две работни средби со членството  од синдикалните организации, при регионалните одбори на  СОНК – Кисела Вода и Чаир

На средбите, од страна на претставниците од синдикалните организации на СОНК беа отворени повеќе прашања кои се од особена важност за дејностите, но и поединечни – лични прашања на дел од присутните. Како за илустрација ќе издвоиме неколку актуелни теми: намалување на бројот на ученици во паралелка, растеретување од водење на двојна евиденција и администрација и во образованието и во детските градинки, зголемување на платите во образованието, науката и културата, почитување на колективните договори во целост, почитување на нормативот за формирање на групи во градинките, изготвување на Колективен договор за високо образование и наука, потпишување на колективниот договор за култура …

 

 

Главен акцент во дискусиите и во двата регионални одбори на СОНК, беше ставена примената на минималната плата, согласно Закон за минимална плата, во сите дејности на СОНК. Имено, СОНК го поздравува зголемувањето  на минималната плата и нејзината примена со септемвриска плата во 2017 година, но со отпочнувањето на примената на минималната плата, доаѓа до нарушување на соодносот на коефициентите на сложеност по работни места,  утврдени во потпишаните колективни договори во детската заштита, основно и средно образование и колективните договори на ниво на работодавец во дејноста култура. На овој начин, практично, различни работни места по сложеност, со различни утврдени коефициенти, земаат иста висина на плата, што е во спротивност на колективните договори или практично се суспендираат колективните договори во делот на платите.

По однос на ова прашање,во изминатиов период имаше огромни реакции од членството на СОНК со кои се бара од раководството на СОНК  итно да преземе активности насочени кон соодветните државни органи за усогласување на платите согласно минималната плата и распонот на коефициенти по сложеност на работните места, што се утврдени со колективните договори.  Исто така, беше подвлечено и побарано, доколку не дојде до брзо решение на овој проблем по пат на социјален дијалог, СОНК да превземе и други легални и легитимни средства за остварување на своите права, вклучувајќи ги и протестите како и штрајк.