ОДРЖАНА ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ YOUWELL

На 15 ноември 2024 година во хотел Солун, Скопје, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК одржа Финална конференција во рамки на Erasmus+ проектот “Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата – YouWell” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, на која присуствуваа над 50 претставници од основното, средното и високото образование.

Конференцијата ја отвори претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој ги поздрави сите присутни, накратко ја образложи важноста на самиот проект и потребата од негово продолжување во иднина.

На финалната конференција присуствуваа и претставници од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје и Министерството за образование и наука, кои го пофалија проектот и резултатите кои се постигнати во истиот, изразувајќи подготвеност за поддршка на вакви проекти, кои ќе ги мотивираат младите да останат во нашата земја и да придонесуваат за поквалитетно образование.

На оваа конференција, можност имаа да се обратат и сите оние кои учествуваа и беа дел од овој проект, односно  наставниците едукатори и нивните менторирани наставници.


Наставниците едукатори го искажаа задоволството од можноста да работат на ваков проект и сметаат дека е одлична можност за размена на идеи и споделувања на искуства. Ја презентираа пилот програмата и начинот на работа со нивните менторирани млади наставници во текот на изминатите 10 месеци и ги посочија клучните проблеми со кои тие се соочуваат на своите работни места.

Менторираните наставници пак, го искажаа задоволството што имаа ментори во поинакво светло од оние кои ги добиваат согласно закон. Посочија дека овој проект е реализиран во вистинско време и дека на секој наставник му е потребен ментор со којшто ќе соработува во текот на целиот работен циклус.

Финалната конференција заврши со заклучок дека овој проект треба да се продолжи со вклучување на повеќе наставници во него. Беа нагласени клучните резултати и идните чекори за подобрување на квалитетот на образованието, кои би ги мотивирале младите наставници да ја продолжат својата работа со истиот ентузијазам што го имале при изборот на професијата.