ОТВОРЕНА ПОКАНА ЗА ПРИСУСТВО НА СЕДНИЦАТА НА СОВЕТОТ НА СОНК
ДО МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА, АБДИЛАЌИМ АДЕМИ
До
Абдилаќим Адеми
Министер за образование и наука
Почитуван Г – дине Министер Адеми,
Со нужно почитување и со надеж дека конечно ќе прифатите да дојдете на седница на највисокиот орган на одлучување на СОНК, ете одлучив да Ве поканам со вака отворена покана, иако добро знам дека тоа не е многу вообичаено. Но за жал, почитуван Г-дине Министер, сигурно дека не е вообичаено скоро повеќе од половина година и во истиот период кој знае колку пати, Ви имаме испраќано покани да присуствувате на седниците на Советот и за нас од непознати причини досега не го направивте тоа ниту еднаш. Дополнително се чувствуваме непријатно и поради фактот дека досега не добивме ниту писмен, ниту усмен одговор на поканите.
Почитуван Г-дине Министер, втора недела огромен број на наши членови, ама истите се и Ваши јавни службеници,се во штрајк. Нивните легитимни претставници во Советот на СОНК донесоа Одлука за штрајк, откако членовите претходно, во огромно мнозинство, се изјаснија за Барањата и за штрајк и повеќе пати Советот едногласно ги носи одлуките за продолжување на штрајкот, ама исто така Ве повикува итно да продолжат, поточно да започнат преговори со Вас.
Последната Ваша изјава дека ќе продолжите да преговарате со СОНК, само доколку штрајкот биде прекинат, истата ја коментираа многу компетенти лица како од Р. Македонија, така и од меѓународни организации и од тие причини јас нема да се впуштам во коментар за тоа. Намерата на испраќањето на отворенава покана ми е многу искрена и ќе бидам исклучително радосен доколку ја прифатите и да дојдете на седницата на Советот во недела, на 01-02-2015 год. Пред целата јавност Ви ветувам дека Вие ќе го имате почетното обраќање на седницата и можноста да им објасните зошто е потребно, прво да го прекинат штрајкот, па после да преговарате со СОНК, за веќе изречените казни по резултатите од екстерното оценување на учениците, за кои денес дознаваме дека е издаден налог за пресметување со платата за јануари и зошто толку лесно поминавте преку изјавата на првиот синдикалец за образование во Европа, кој патем речено имаше чест и лично тоа да Ви го каже, дека тоа е единствен случај и несреќен македонски изум.
Почитуван Министер, Ве молам, дојдете на седницата и кажете им на тие што донесоа Одлука за штрајк, дека не им се реални барањата за зголемување на платите, иако и Вие знаете дека се најниски од сите европски држави, се разбира вклучувајќи ги и сите соседни земји.
Почитуван Г-дине Министер, кажете им исто така, како се спроведе екстерното тестирање, каков нов квалитет покажаа заменските наставници, за разлика од овие ,,непослушни” наставници, меѓу кои ги има и стотици и ститици со звања – истакнат и особено истакнат просветен работник и стотици од нив биле наставници на сите министри, досегашни премиери, претседатели на државата, универзитетски професори, пратеници, амбасадори, познати инженери, истакнати доктори во медицината, светски познати културни дејци… И сега, дел од нив ќе ја завршуваат својата просветителска мисија, како казнети, што значи лоши наставници.
Почитуван Министер, членовите на Советот од кои најголемиот дел се наставници, исто така кажете им, како можеа да бидат толку “наивни“ и без никаква “вистинска“причина, толку месеци наназад и досега девет дена да бидат во штрајк, само заради тоа на претседателот на синдикатот, кој исто така е нивни колега наставник, преку штрајк да му одработат да биде реизбран и тоа дури после една година.
И за жал, сосема на крај, Ви ветувам, ако навистина изнесете аргументи со кои ќе не убедите дека сме погрешиле, што на гарантирано право со Устав, но и вродено човечко право за одбрана на сопственото достоинство се одваживме да побараме нешто за што Ви ги презентиравме нашите аргументи, а досега единствено имаме добиено одговор дека ниедно од нашите барања не се реални, па и дури преку Ваши гласноговорници, дека се штетни и за самите нас. Во таков случај ќе Ве испратиме со аплауз
Почитуван Г-дине Министер, Ве молиме, дојдете конечно, на седницата на Советот на единствениот репрезентативен синдикат за образование во Р. Македонија, што меѓу другото Ви е и законска обврска. Искрени поздрави,
П.С. Седницата ќе се одржи на 01-02-2015 год. (недела), со почеток во 13 часот во салата за состаноци на СОНК – пошта 2 (нова железничка станица).
Претседател,
Јаким Неделков