ПРИВРШУВА ОДРЖУВАЊЕТО НА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ НА СОНК

image_pdfimage_print

СО СЕКОЈ НОВ ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР, СИЛНО СЕ ПОТВРДУВА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА

При крајот на месец aприл, беа одржани едукативни семинари со регионалните одбори на СОНК од Чаир и Кисела Вода, а последниов викенд одржан е семинар со членовите на Регионалниот одбор на СОНК – Кичево.

Слично како и во претходните регионални одбори, семинарите се одржуваат според програма која се покажа за добро планирана, а тоа без исклучок го потврдија сите учесници на истите. Имено, во првиот дел од семинарите се предвидени излагања на претставниците од највисокото раководство на СОНК по три теми, во кои се внесени прашања од повеќе области, а кои се од посебен интерес за Синдикатот.

Имено, првата тема која оди под наслов  ,, Синдикатот – нужна потреба или наметната обврска за работниците”,го опфаќа периодот од првите синдикални активности при крајот на XVIII век, со изнесување на нај важни настани од последните два века, со посебен осврт од активностите во Р. Македонија и посебно на нашиот Синдикат. Во склоп на оваа тема отворено се зборува и за позитивните страни, што значи и за успесите на СОНК, но се зборува и за слабостите на нашиот Синдикат, почнувајќи од синдикалните организации, па се до највисоките органи.

Втората тема која е со наслов ,, Правна регулатива на Синдикатот, ја опфаќа правната регулатива, а која се однесува на правата и обврските на синдикатите ( Устав, Закон за работни односи и други закони), колективното договарање и нивоата на истото, со посебен осврт на колективните договори,што нашиот синдикат ги има потпишано и особено за правата утврдени по колоективните договори, кои се многу значајни за нашето членство, бидејќи се значајно повисоки од правата утврдени со соодветните закони, а некои од овие права од колективните договори се единствени, не само во регионот, туку и во европски рамки. Во рамките на оваа тема опфатен е и Статутот на СОНК.

Третата тема со наслов ,, Стратешки цели на СОНК во наредниот пет годишен период   е посветена на програмските определби на СОНК , утврдени на последниот VI-ти Конгрес, одржан при крајот на 2015 година; социјалниот дијалог помеѓу социјалните партнери, утврдени со ЗРО на сите нивоа, како и со посебен осврт на усвоените  четири Резолуции, усвоени на конгресот на СОНК. Како дел од оваа тема станува збор и за состојбите во нашиот Синдикат, од аспект на синдикални организации, регионални одбори, па се до Советот на СОНК, како највисок орган на нашиот Синдикат.

Во вториот дел од семинарите, учесниците имаа(т) можност да дадат свои мислења и за излагањата по веќе споменатите теми, да изнесат свои размислувања и за состојбите во синдикалните организации, од кои произлегуваат, како и за работата на регионалните одбори, во чиј состав делуваат. Според раководството на СОНК,  од  досега одржаните семинари во регионалните одбори, најчесто дискусиите се сведуваат на практично поставување на прашања за одредени реално постоечки проблеми, ама и по одредени проблеми кои реално не постојат, а задолжително се покренуваат како прашања од не информираност. Само како пример:  неразбирливо е како може да биде дилема и да се постави прашањето – за кого важат колективните договори??? ; во дел од регионални одбори има и натаму претседатели на синдикални организации, кои излегуваат со тврдење дека, паричните казни  од екстерното тестирање биле укинати само за минатата година;   прашањето за решавање на проблемот за превоз на вработените во образованието и натаму се упатува до МОН, со барање до централното раководство на СОНК, истото да го разрешува…

Без секакви дилеми, едукативните семинари што се одржаа во регионалните одбори и кои се при самиот крај за да бидат одржани во сите 20 регионални одбори на СОНК, може со сигурност да се заклучи дека се од голема корист. Меѓутоа, целосен резултат од едукативните семинари, ќе има тогаш кога истите ќе се одржат и во секоја синдикална организација на СОНК, така како што е договорено со претседателите на синдикалните организации и претседателите на регионалните одбори на СОНК.