РЕАКЦИЈА НА СОНК ПО ОДНОС НА ИЗЈАВАТА НА ПЕТАР АТАНАСОВ,ВИСОК ФУНКЦИОНЕР НА СДСМ

image_pdfimage_print

КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ,ВКЛУЧИТЕЛНО И КОЕФИЦИЕНТОТ ЗА КЛАСНО РАКОВОДСТВО, ВАЖАТ САМО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, најостро реагира на изјавата на Петар Атанасов, член на највисокото раководство на СДСМ, дадена денес ( 23-09-2016 година),во изјава за средствата за јавно информирање. Со изјавата, во која споменатиот висок преставник на оваа политичка партија, изнесе исклучително исконструирани невистини против СОНК, со што направи грубо кршење на Уставот на Република Македонија, во делот на гарантирана слобода на организирање и делување на синдикатите, Законот за работни односи, повеќе меѓународни конвенции ,кои ги има ратификувано нашата држава и други правни акти. Отфрлајќи ги изнесените небулози, кои не би требало да си ги дозволи ни сосема неупатен човек во споменатите правни акти, а секако пресметано дадени со цел да му нанесе штета на угледот и вкупното функционирање и работење на најголемиот грански Синдикат во Република Македонија, Петар Атанасов убедени сме дека се судри и со повеќе членови од Кривичниот закон во Република Македонија.

Тврдењето на Петар Атанасов, дека СОНК со  писмен допис им забранувал на директорите на училиштата да распоредуваат класни раководства на наставниците кои не се членови на СОНК, ги надминува сите граници кои можат да бидат толериранина. Патем кажано, СОНК има голема документација за вакви или слични однесувања на високи претставници на СДСМ и во времето кога истата раководеше со Владата на Р. Македонија ( 2002-2006 година).  Како потсетување:- блокирање на ж-ро сметките на СОНК повеќе од 1 месец во 2005 година, без никаква основа; исклучување на службените телефони на СОНК ; асистирање за бркање на раководството на СОНК од зградата на Работнички дом; целосно инволвирање на фингирање на т.н. Конгрес и обид за формирање на паралелен синдикат со исто име и … списокот е многу долг и затоа тука ќе го завршиме овој дел. И тогаш, а сигурно и сега резултатот од ваквите очајнички обиди за пресметка со СОНК, кој никогаш не одработува за политичките партии, секако вклучително и за СДСМ, ќе им биде зачленување во нашиот Синдикат и на оној многу мал дел на вработени во образованието, кои не се членови, токму од ,, пријателското” убедување од СДСМ.

Вистината, спротивно со изнесената тешка невистина од страна на Атанасов е – утврдениот дополнителен коефициент во висина од 0,20 за класно раководство во основните и средните училишта со Колективните договори за двете дејности, што СОНК ги има потпишано со Министерството за образование и наука и кои важат само за членовите на нашиот Синдикат, како што впрочем е секаде во современите држави. Иако можеби е одвишно, ама сепак ќе го кажеме аргументот дека Синдикатот не  брани интереси на сите работници, туку само на тие, кои доброволно се зачлениле во таа организација и со тоа му пренеле овластување за застапување со надлежните органи во врска со правата и обврските од работен однос. Значи, законското право и обврска на директорите да распоредуваат класно раководство на наставници, кои ги исполнуваат условите за тоа, СОНК ниту може, ниту го брани тоа,. Но,  за тие наставници кои не се членови на СОНК, не може да се примени споменатиот додаток утврден со колективните договори или уште појасно кажано, ќе биде исто како во времето на СДСМ кога ја остваруваше власта, а  наставниците тоа добро го знаат, немаше додаток за класно раководство. Се наметнува, само по себе прашањето, што ќе го упатиме до Петар Атанасов – кој му е аргументот, во денешните тврдења, дека СОНК ги намалил правата, кога непобитни се фактите дека СОНК, особено во последните десетина години ги зголеми платите во образованието повеќе од двојно, секако преку социјален дијалог и соодветни договори и документи со ресорното Министерство, трансформирани се повеќе од 9.000 работни места од определено на неопределено работно време, нема технолошки вишоци и покрај намалениот број на ученици заради проблемот со наталитетот… и нема Закон за замрзнати плати , како што беше од 1992 до 2002 година.

Ете тоа се дел од причините поради кои со никакви лаги, закани , притисоци, шарени ветувања не успеваат тие што сакаат да го нема СОНК. Но, тие што го кршат Уставот и законите, како што денес го направи Петар Атанасов, ќе треба да дадат одговор во меѓународните синдикални организации, во кои СОНК е редовна членка, во Меѓународната организација на трудот , пред претставниците на меѓународната заедница во Р. М. и други надлежни организации и органи.