УСВОЕН ФИНАНСИСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА СОНК ЗА 2023 ГОДИНА
Советот на СОНК едногласно го усвои Финансискиот извештај по предлог на Надзорниот одбор на СОНК
На ден 21.03.2024 година, Надзорните одбори на Советот на СОНК и Синдикалниот фонд го разгледаа финансиското работење на Советот и Фондот во 2023 година. Двата Надзорни одбори констатираа дека во изминатата година финансирањето на Синдикатот е стабилно и уплатата на синдикална членарина е во континуиран пораст, што е резултат на континуираното зголемување на платите во дејностите што ги застапува СОНК. Исто така, Надзорните одбори констатираа дека се намалени режиските и другите трошоци за непречено функционирање на организацијата, додека пак, неповратните средства за помош на своите членови, кои ги доделува Синдикалниот фонд, се зголемени во однос на минатата година. Севкупна оценка е дека Советот на СОНК и Синдикалниот фонд работат домаќински, средствата се трошат наменски, се води уредна книговодствена документација и двете сметки се во одлична состојба.
Управниот одбор на Синдикалниот фонд предложи, а Собранието на Фондот го прифати зголемувањето на основицата на Синдикалниот фонд, која ќе изнесува 10.000,00 денари. Тоа би значело дека износот на сите неповратни помошти (за новороденче, за подолготрајно боледување, за повреди на работно место, за пензионирање, за материјална штета од пожар и поплава, за школување на студенти надвор од место на живеење, за трајна неспособност за работа и за смрт), во наредниот период ќе се зголеми за 25%.
Собранието на Синдикалниот фонд го прифати предлогот на Управниот одбор, во наредниот период, синдикалниот бескаматен кредит да се зголеми од 22.000,00 на 25.000,00 денари, кој ќе се враќa на максимални 10 месечни рати.
Освен овие финансиски зголемувања на веќе постоечки основи, за помош на членовите на Синдикалниот фонд беа предложени и прифатени уште два нови основи за неповратна помош, и тоа:
- материјална помош за родител, член на Синдикалниот фонд, чие дете тргнува во прво одделение. Оваа помош ќе биде во примена од новата учебна година 2024/2025, а ќе изнесува 50% од основицата.
- материјална помош на член на Синдикалниот фонд за склучување на брак, која ќе изнесува 100% од основицата.
Со оглед на тоа што Синдикалниот фонд одлично функционира и има доволно средства да ги сервисира барањата на своите членови, Собранието на Фондот се заложи и во наредниот период да воведе нови помошти, за што апелира до сите синдикални организации, кои не се членки на Фондот, да се зачленат и да ги уживаат привилегиите од своето членување.
По завршување на работата на Надзорните одбори, Советот на СОНК на својата 27-ма редовна седница, одржана на 22.03.2024 година, едногласно го усвои Финансискиот извештај за работењето на СОНК во 2023 година.