ЈАНУАРСКИТЕ ПЛАТИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ПОВИСОКИ ЗА 10%

Министерството за образование и наука – МОН на денешната работна средба со претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, излегоа со предлог за зголемување на платите на вработените во основното, средното и високото образование за 10%, отпочнувајќи од јануарската плата 2020 година. Всушност, тоа беше и барањето на СОНК, зголемувањето на платите во образованието да отпочне со јануарската плата, што по долги и тешки преговори и под притисок за организирање на Генерален штрајк, МОН го прифати ова барање. Со 10-те проценти се доби приближно процентот којшто го бараше СОНК за зголемување на платите во однос на минималната плата на национално ниво, што изнесува околу 25%, а со ова последно зголемување од 10% платите во образованието кумулативно се зголемени околу 22%.

На оваа работна средба договорено е во наредниот период да се отпочнат конструктивни преговори во врска со исплата на регрес за годишен одмор, исплата на реални трошоци за превоз, исплата на прекувремени часови од работа, реална исплата на работа во паралелки со комбинирана настава и други прашања коишто ќе се регулираат со измени и дополнувања на колективни договори за основно и средно образование. Исто така, договорено е што поскоро да се сретнат работните групи на МОН и СОНК за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука, којшто во работна верзија е изработен од страна на СОНК.