ЛЕГИТИМНА И НЕПОКОЛЕБЛИВА РЕАКЦИЈА НА СОНК ДОВЕДЕ ДО ТОА РЕМЕНСКИ ДА РЕТЕРИРА
( ГИ ОБЈАВУВАМЕ ИНТЕГРАЛНО ТЕКСТОВИТЕ ОД ИЗВЕСТУВАЊЕТО ОД МИНИСТЕРОТ РЕМЕНСКИ И ОДГОВОРОТ НА ИСТОТО ОД СОНК )
( ГИ ОБЈАВУВАМЕ ИНТЕГРАЛНО ТЕКСТОВИТЕ ОД ИЗВЕСТУВАЊЕТО ОД МИНИСТЕРОТ РЕМЕНСКИ И ОДГОВОРОТ НА ИСТОТО ОД СОНК )
Министерството за труд и социјална политика на 21-11-2016 година има доставено писмен документ, насловено до директорите на Јавните установи за деца – детски градинки, без архивски број и без потпис и печат, што само овој ,, недостаток,, документот го прави невалиден, но укажува и на крајно неодговорен однос на споменатото Министерство. Меѓутоа, многу посериозни се другите аспекти на овој т.н. документ кои преставуваат исклучително грубо кршење на неколку закони, колективни договори, Правилник, меѓународни конвенции и т.н.
Имено, со ,, документот,, им се наредува на директорите на детските градинки да воведат 40 часовно неделно работно време и за воспитувачите и негователите во детските градинки, што е целосно спротивно на член 67, ставовите 2 и 3 од Законот за заштита на децата, Колективниот договор за детска заштита и Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца.
Скандалозниот ,, документ,, е авторско дело на –Одделение за инспекциски надзор од дејноста заштита на децата, кое е дел од МТСП и наведени имиња и презимиња на двајца инспектори ( кои од фактот што нема нивни потпис и заверка , не може да ги наведеме заради веродостојноста на нивниот идентитет).
Но како и да е, со застрашувачкиот,, документ,, им се наредува на директорите …,,да доставуваат електронски извештаи за дневно присуство на вработените…,, и тоа почнувајќи од ДЕНЕС,,…, а во спротивност им следува :
1. Глоба во износ од 1000 евра за установата…и
2. Глоба во износ од 30% од 1000 евра за директорот на установата!!!
Каква е оваа моќ, на која ќе и позавидат и најмоќните императори и властодршци во историјата…Со половина страничка на лист хартија, воведувате принудна управа во сите детски градинки во државата; пресудувате износ на парична казна ако не ве послушаат и секако за неважечки ги ставате – Законот за работни односи; Законот за детска заштита; Колективниот договор за детска заштита; неколку меѓународни конвенции…а, да надлежностите на локалната самоуправа – што беше тоа?!!! Да, да – детските градинки се под надлежност на единиците на локалната самоуправа. А само две инспекторки од Одделението за инспекциски надзор од дејноста заштита на децата при МТСП, дури без да стават свој потпис, ги суспендираа надлежностите на сите општини во Р.Македонија и тоа со благослов на актуелниот технички министер за труд и социјална политика госпоѓата Фросина Ременски.
Приказната да биде уште по неверојатна, но за жал е вистинита, споменатата министерка на Прес – конференција одржана на 23-11-2016 година, не само што не се огради од веќе направениот скандал, туку на прашање на новинар го направи уште поголем , со одговорот дека тоа било направено заради тоа што воспитувачите и негователките оделе на партиски митинзи, а децата во градинките останувале да ги чуваат хаузмајстори !!! И онака , дополнително – СОНК не ги штител правата на работниците, туку влегол во политички води ( а тоа веројатно било строго забрането, доколку не си технички министер и не си потпретседател на политичка партија ).
Госпоѓата технички министер Ременски е должна пред граѓаните на Р. Македонија, така јавно и смело како на 23-11-2016г, да ги објави установите чии вработени за време на работа биле на митинзи на било каја политичка партија, да објави во кои детски градинки и кога хаузмајсторите ги чувале децата во истите и што таа и нејзините инспектори превзеле во врска со ваквиот невиден скандал, ако навистина постои такво нешто. Но доколку нема докази за изнесеното тврдење, тогаш најмалку што треба да направи е веднаш да поднесе оставка од исклучително важното место технички министер за труд и социјална политика.
А за изнесеното тврдење дека СОНК не ги штител правата на работниците и дека влегол во политички води, истото ќе треба да го докаже во судска постапка , во согласност со Кривичниот законик на Р. Македонија, со кој е строго забрането мешање во организирањето и активностите на синдикатите.
Но, најважно и најитно од се е – ВЕДНАШ да го повлече скандалозниот документ и да покрене постапка на поединечна одговорност за тие што го направиле истото. Доколку тоа не биде направено, СОНК најавува дека во текот на првите работни денови од наредната недела ќе организира голем Протест пред седиштето на МТСП во Скопје, на кој покрај членовите на СОНК од детските градинки, ќе бидат повикани да присуствуваат членовите на СОНК од сите дејности, како и членовите на другите синдикати, а сето тоа во согласност со одредбите на Законот за работни односи.
СОНК ќе ги превземе и сите други легитимни и легални мерки што му стојат на располагање и нема да отстапи од неговата обврска за заштита на правата на своите членови, како што тоа го правел многупати до сега и никогаш ниту отстапил, ниту ќе отстапи кога се доведени под прашање интересите на своето членство. А овој случај, досега е без преседан.
РЕАКЦИЈА И БАРАЊЕ НА СОНК ПОСЛЕ ИЗВЕСТУВАЊЕТО ДО ДИРЕКТОРИТЕ НА ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ
Предмет: Неодложно и итно повлекување на Известување од МТСП до директорите на детските градинки
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК од Министерот за труд и социјална политика Фросина Ременски, БАРА НЕОДЛОЖНО И ИТНО ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ИЗВЕСТУВАЊЕТО од МТСП од 21-11-2016 година, доставено до директорите на Јавните установи за деца-детските градинки.
Со споменатото Известување, кое по ниеден основ не може да се класифицира како документ кој може да излезе од било кој државен орган, а најмалку од Министерство, а тоа од следните причини:
– ,, документот,, ниту има деловоден број, ниту има потпис и заверка на истиот од овластен претставник од Министерството;
– Наведени се како потписници лица со функција- инспектори за надзор на дејноста заштита на деца, кои со ништо немаат овластување да издаваат документи со извршна наредба до директори на јавни установи и кои се под надлежност на единиците на локалната самоуправа;
– Со ,, документот,, грубо го кршат Законот за заштита на деца и особено член 67, ставот 2 и ставот 3 ( Сл.Весник 27/16) ; Правилникот за изменување на Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца бр 11- 1446/2 од 21-02-2014 година( Сл. Весник на Р.М. бр.40 од 25-02-2014 година); Колективниот договор за детска заштита .
СОНК е вчудоневиден од леснотијата со која МТСП и особено најодговорните во овој државен ресор дозволиле, да излезе во нивно име, ваков небулозен документ со кој се направени повеќе тешки законски повреди, со голема веројатност и кривични дела, а исто така нанесена е и непоправлива штета врз работата на детските градинки и кај сите вработени во истите и посебно врз родителите на децата кои се згрижени во овие установи.
Од тие причини СОНК бара, согласно позитивните закони во нашата држава, да биде утврдена поединечната одговорноста на сите инволвирани во овој тежок скандал, особено ако се има во предвид дека станува збор за ресорно Министерство кое е најодговорно во делот на спроведување на законите во установите и претпријатијата. Вакви ,, друмски документи,, беа одлика на едно време , кое е завршено пред повеќе од еден век. И овој непобитен факт дополнително фрла невиден страм, кој мора да биде казнет.
СОНК од Владата на Република Македонија, која напоменуваме дека веќе е писмено известена, бара итно превземање на соодветни мерки според надлежностите што ги има согласно законите на државата.
Од Министерот за труд и социјална политика Фросина Ременски и од дополнителниот заменик министер Диме Спасов , бара итно да ја утврдат одговорноста на авторите на споменатиот документ и да покренат соодветни постапки согласно законите на нашата држава.
СОНК укажува дека, доколку веднаш не биде поништен овој скандалозен документ, итно и неодложно ќе ги преземе сите легални и легитимни средства, влучително и протест пред МТСП, како и организирање на штрајк во детските градинки, со солидарна помош на сите установи во делот на образованието, согласно Законот за работни односи.
Прилог : ,, документот,, Известување од МТСП
Најголемиот грански синдикат во Република Македонија, а во дејностите од системот на образование и еден од најголемите и на регионално ниво, нашиот СОНК подолги години или поточно, од почнувањето на неговото реформирање пред петнаесеттина години е несомнено лидер на сите реформи во синдикализмот и во земјата и пофторуваме и во Регионот.
Само да потсетиме, во безброј јавни кажувања од страна на највисокото раководство на СОНК, во целиот споменат период предлагавме, инсистиравме и прашања по прашања успевавме да ги реализираме со надлежните државни органи на сите нивоа, кои се легитимни социјални партнери. Тоа е така заради непобитните аргументи на СОНК за воспоставување на современи односи, со договарање на современи стандарди во делот на социјалното партнерство и дијалог.
СОНК рушејќи ги надминатите стереотипи, околу сфаќањето и позиционирањето на синдикатот, како организација на работниците, според модел на претходниот веќе одамна напуштен општествен систем, создаваше и натаму ќе создава синдикат, според најсовремени модели на најмоќните европски синдикати и од Соединетите американски држави. Овој факт, безмалку никој повеќе не го негира, со исклучок на некои – кои и самите не можат да се дефинираат каде припаѓаат, дека СОНК е најзаслужниот за незапирливото менување на синдикализмот во нашата држава, по примерот на најсовремените синдикати во светот.
СОНК и во овој случај, пред присутните на работно – свечениот настан при потпишувањето на Меморандумот, го истакна исклучителното значење за подигнувањето на стандардите на партнерскиот и социјален дијалог, преку кои Република Македонија, не само што ќе се изедначи со земјите од Европската унија, туку за добар дел од нив и ќе биде чекор понапред.
Оркестрираната и диригирана хајка против Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, која дневно добива во жестина, сигурни сме дека како главна цел има разбивање на единството на Синдикатот и на ослабнување на неговата реална моќ, што ја има во одбрана на самостојноста и на правата на своето членство. Непобитен е фактот дека со очигледна поддршка од една од политичките партии во државата и со активно вклучување на неколку од информативните гласила, кои се блиски или под нивна контрола, стана пракса, без малку секој ден да се повторуваат лаги преку поединци кои биле или формално сеуште се членови на нашиот Синдикат, а кои одамна се збогувале со сопствената чест и достоинство и без поговорно одработуваат туѓи нарачки.
Како поинаку да се толкува повторувањето на една лага во врска со платите во образованието, кои – ,, требало да се формираат според коефициенти од колективните договори и да бидат помножени со висината на минималната плата, за секое работно место поединечно” !!! Додатно, со неспроведување на таквата ,,законска” обврска, наставниците биле оштетени за 70 евра секој месец…”
Во оваа приказна особено зачудува фактот што најодговорните од СОНК, вклучително дури и Советот, кој е највисок орган на најголемиот синдикат во Р. Македонија, само пред една недела доставија Соопштение до јавноста , во кое во целост беше дадена постапката за формирањето на платите по колективните договори и што е правило кое се применува од страна на потписниците на истите. Но и покрај тоа, дел од средствата за јавно информирање и натаму ги пласираат опасните лаги и со перфидни наслови и текстови за отчленување од СОНК,…,, заради вршење на притисок од страна на раководството на Синдикатот врз членството за плаќање на синдикалната членарина…” Не сме сигурни дали се работи за свесна или потсвесна реакција од страна на таквите ,, коректни” новинари, но непобитен е фактот дека СОНК, постои и функционира, врз основа на синдикална членарина и нема додатни средства, особено не од фондации, Тогаш, каков е тоа грев на раководството да бара членовите да плаќаат членарина, која произлегува од малкуте обврски, за разлика од правата што ги имаат како членови на Синдикатот За која цена и за каква ,, мирна ноќ” го прават тоа и членовите кои наместо во сопствената организација проблемите ги,, решаваат” преку медиумите, како и тие што им помагаат во тоа – само тие знаат.
Со најголема одговорност, уште еднаш информираме дека минималната плата не е основица со која се формира висината на платите според колективен договор, во било која гранка во приватниот сектор или дејност во јавниот сектор. Согласно член 105, точка 2 од Законот за работни односи во кој стои… ,, При исплатата работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот”… Согласно Колективниот договор за средно образование во член 34, став 1 стои…,, Најниската плата за најнизок степен на сложеност ја утврдуваат и објавуваат потписниците на овој Колективен договор, најмалку еднаш во календарската година…” Ваква одредба задолжително има во секој колективен договор на ниво на работодавец или на гранка, во кои меѓу другото, се регулираат и платите. Тоа значи дека во секој од тие колективни договори, социјалните партнери што ги потпишуваат истите се договараат за висината на најниската плата за најнизок степен на сложеност, кој потоа се множи со секој поединечен коефициент на сложеност за секое работно место. Доказ за тоа е Спогодбата помеѓу СОНК и МОН, потпишана на 28-10-2014 година, во која јасно стои во точка 1 од истата… ,, Најниската плата за најнискиот степен на сложеност за вработените во средните училишта изнесува 12.492 денари,,… а во точка 3 од истата стои…,, Основната плата на работникот не може да биде пониска од објавената висина на минималната плата во бруто износ во тековната година,,… Многу јасно е како што е и во ЗРО и во колективните договори, дека станува збор за две сосема различни категории, кои патем кажано различни се носителите како надлежни на истите, како и корисниците. Тоа значи дека- износот на гарантираната плата ја утврдува Владата на Р.М. со Закон, со претходно усогласување околу висината на истата со социјалните партнери, атоа се репрезентативните федерации на синдикатите и репрезентативните организации на работодавачите. Минималната плата се однесува само на категорија на работници каде висината на нивната плата е пониска од најниската плата за најнизок степен на сложеност, утврдени со колективен договор.
Ја користиме оваа прилика, да укажеме на опасноста со натпревар во наддавање на износ на минимална плата од било кои причини, а уште повеќе што токму СОНК е иницијатор за воведување на минимална плата во 2006 година, за кое имаме непоборливи докази и повеќе од 40.000 потписници на таа иницијатива во споменатата година. Од тука е и нашата дополнителна обврска дека, минималната плата неизбежно создава потреба од зголемување на платите во сите степени на сложеност на работните места, во секое претпријатие или установа и тоа соодветно на постоечкиот сооднос по колективен договор или закон. Во спротивно, ќе се создаде урамниловка, со сите последици за кои не треба посебно да се елаборира. Уште поопасно е барањето или формирањето на мислење дека износот на минималната плата треба да биде износ со кој ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места, со што би се зголемила просечната плата во државата, што многу наликува на пат послан со цвеќе, а кој води во пеколот.
Сакаме да завршиме со пораката дека, СОНК и натаму ќе остане самостоен и моќен Синдикат , кој максимално ќе ги штити и развива правата на своето членство, а ,, адутите” кои сега ги користат разбивачите и помагачите на ,, непослушниот” СОНК , многу брзо ќе им се претворат во бумеранг.
РЕАКЦИЈА НА СОНК ВО ВРСКА СО НАПАДИТЕ ОД ВИСОКИ ПРЕТСТАВНИЦИ ОД СОЦИЈАЛ-ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ
Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ( СОНК ) , на седницата одржана на 15-10-2016 година, расправаше во врска со зачестените напади врз СОНК од страна на високи претставници на една од политичките партии во Република Македонија. Во подолг период, а особено во последно време, со ваквите политикантски активности, СДСМ прави повреда на уставно загарантираното право на синдикално организирање и активност, а во исто време со притисоците што ги врши врз СОНК прави кривично дело ,санкционирано со Кривичниот законик на Р.М.
Досега не е познат случај во периодот од самостојноста на Р.Македонија, политичка партија, јавно преку прес-конференции да врши напади со невистини, шпекулации и целосни дезинформации за активности на легитимен и легален Синдикат во Република Македонија, кој е и членка на сите меѓународни асоцијации на синдикално организирање. Ваквото однесување е без преседан и во пошироки рамки, а особено не на просторите на Европскиот континент.
Вчудоневидува фактот , потпретседател на оваа политичка партија преку прес-конференција, одржана на 23-ти септември о.г. да врши невиден напад врз најголемиот грански синдикат во државата,а на протестот организиран од страна на истата политичка партија за време на празникот 11 октомври, група на нивни преставници пред седиштето на СОНК, повторно во име на споменатата политичка партија, со транспаренти атакуваа врз нашиот Синдикат и вчерашниот ден, претседател на комисија за образование на општинската организација од Прилеп, повторно преку прес-конференција, со пласирање на целосни невистини изврши груб напад врз СОНК.
Советот на СОНК, го повикува највисокото раководство на Социјал- демократскиот сојуз веднаш да превземат мерки, согласно Уставот, законите и меѓународните конвенции, да престанат ваквите вчудоневидувачки однесувања и да ги тргнат целосно обидите за рушење на угледот, со крајна цел и разбивање на нашиот Синдикат.
Советот на СОНК, укажува дека, доколку не бидат превземени бараните мерки од страна на споменатата политичка партија, веднаш ќе побараме да дојдат претставници од Интернационалата за образование и Европската конфедерација на синдикатите за образование, чија редовна членка е СОНК повеќе од деценија и пол, како и Меѓународната организација за труд, со цел на лице место да бидат запознати со сите овие случувања и со конкретни докази за истото. Исто така, СОНК ќе ги информира и амбасадите во Република Македонија, вклучително и Амбасадата на европската унија.
СОНК го има правото да превземе и други мерки, во одбрана на самостојноста и интегритетот на организацијата и тоа ќе се случи доколку, повторуваме, в е д н а ш не престанат досега невидените однесувања на политичка партија во подолг временски период и не само во нашата држава.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, најостро реагира на изјавата на Петар Атанасов, член на највисокото раководство на СДСМ, дадена денес ( 23-09-2016 година),во изјава за средствата за јавно информирање. Со изјавата, во која споменатиот висок преставник на оваа политичка партија, изнесе исклучително исконструирани невистини против СОНК, со што направи грубо кршење на Уставот на Република Македонија, во делот на гарантирана слобода на организирање и делување на синдикатите, Законот за работни односи, повеќе меѓународни конвенции ,кои ги има ратификувано нашата држава и други правни акти. Отфрлајќи ги изнесените небулози, кои не би требало да си ги дозволи ни сосема неупатен човек во споменатите правни акти, а секако пресметано дадени со цел да му нанесе штета на угледот и вкупното функционирање и работење на најголемиот грански Синдикат во Република Македонија, Петар Атанасов убедени сме дека се судри и со повеќе членови од Кривичниот закон во Република Македонија.
Тврдењето на Петар Атанасов, дека СОНК со писмен допис им забранувал на директорите на училиштата да распоредуваат класни раководства на наставниците кои не се членови на СОНК, ги надминува сите граници кои можат да бидат толериранина. Патем кажано, СОНК има голема документација за вакви или слични однесувања на високи претставници на СДСМ и во времето кога истата раководеше со Владата на Р. Македонија ( 2002-2006 година). Како потсетување:- блокирање на ж-ро сметките на СОНК повеќе од 1 месец во 2005 година, без никаква основа; исклучување на службените телефони на СОНК ; асистирање за бркање на раководството на СОНК од зградата на Работнички дом; целосно инволвирање на фингирање на т.н. Конгрес и обид за формирање на паралелен синдикат со исто име и … списокот е многу долг и затоа тука ќе го завршиме овој дел. И тогаш, а сигурно и сега резултатот од ваквите очајнички обиди за пресметка со СОНК, кој никогаш не одработува за политичките партии, секако вклучително и за СДСМ, ќе им биде зачленување во нашиот Синдикат и на оној многу мал дел на вработени во образованието, кои не се членови, токму од ,, пријателското” убедување од СДСМ.
Вистината, спротивно со изнесената тешка невистина од страна на Атанасов е – утврдениот дополнителен коефициент во висина од 0,20 за класно раководство во основните и средните училишта со Колективните договори за двете дејности, што СОНК ги има потпишано со Министерството за образование и наука и кои важат само за членовите на нашиот Синдикат, како што впрочем е секаде во современите држави. Иако можеби е одвишно, ама сепак ќе го кажеме аргументот дека Синдикатот не брани интереси на сите работници, туку само на тие, кои доброволно се зачлениле во таа организација и со тоа му пренеле овластување за застапување со надлежните органи во врска со правата и обврските од работен однос. Значи, законското право и обврска на директорите да распоредуваат класно раководство на наставници, кои ги исполнуваат условите за тоа, СОНК ниту може, ниту го брани тоа,. Но, за тие наставници кои не се членови на СОНК, не може да се примени споменатиот додаток утврден со колективните договори или уште појасно кажано, ќе биде исто како во времето на СДСМ кога ја остваруваше власта, а наставниците тоа добро го знаат, немаше додаток за класно раководство. Се наметнува, само по себе прашањето, што ќе го упатиме до Петар Атанасов – кој му е аргументот, во денешните тврдења, дека СОНК ги намалил правата, кога непобитни се фактите дека СОНК, особено во последните десетина години ги зголеми платите во образованието повеќе од двојно, секако преку социјален дијалог и соодветни договори и документи со ресорното Министерство, трансформирани се повеќе од 9.000 работни места од определено на неопределено работно време, нема технолошки вишоци и покрај намалениот број на ученици заради проблемот со наталитетот… и нема Закон за замрзнати плати , како што беше од 1992 до 2002 година.
Ете тоа се дел од причините поради кои со никакви лаги, закани , притисоци, шарени ветувања не успеваат тие што сакаат да го нема СОНК. Но, тие што го кршат Уставот и законите, како што денес го направи Петар Атанасов, ќе треба да дадат одговор во меѓународните синдикални организации, во кои СОНК е редовна членка, во Меѓународната организација на трудот , пред претставниците на меѓународната заедница во Р. М. и други надлежни организации и органи.
Вклучувајќи се во акцијата за солидарност со настраданите семејства, кои претрпеа огромна штета од неодамнешната поплава што ја зафати Република Македонија, особено неколку посебни делови во Скопје и околината, како и во тетовскиот регион, на посебната сметка на Црвениот Крст на Република Македонија, СОНК уплати паричен износ од 150 000 денари. Раководството на СОНК смета дека најприкладно беше да се доделат директно финансиски средства, бидејќи во Црвениот Крст на Република Македонија најдобро ги знаат најитните потреби што ги има погоденото население, отколку да доделуваме пакети со продукти со храна или облека, која можеби во овој момент не е толку потребна или веќе ја има во доволни количини.
Придржувајќи се целосно кон воспоставените принципи на нашиот Синдикат, а во тој контекст, имајќи предвид дека се работи за чисто хуманитарна активност, раководството не ни помислува оваа состојба да се користи за правење на било каков маркетинг и затоа не е доставена никаква информација преку средствата за јавно информирање.
Раководството ќе превземе и додатни активности за кои смета дека нашата организација може да ги организира, со цел да им се олесни состојбата на оштетените од оваа природна катастрофа.
Советот на СОНК на третата редовна седница, одржана на 25-ти и 26-ти јуни, 2016 година, како главна точка на дневен ред, расправаше по Извештајот за одржаните семинари со членовите на регионалните одбори на СОНК.
Во обемната расправа, во која учествуваа најголемиот дел од членовите на Советотна СОНК (кој брои вкупно 43 членови), се направи опстојна анализа на резултатите од одржаните едукативни семинари во сите регионални одбори на СОНК. Заедничка оценка од дискусиите беше, дека семинарите биле добро организирани и од страна на учесниците на истите оценети се како многу потребни и корисни.
Посебно за одбележување е заедничката оценка на членовите на Советот, дека преку одржаните семинари, на кои учествувале 451 претседатели на синдикални организации, дека се детектирани и неколку по изразени слабости во дел од синдикалните организации, како и во одредени регионални одбори. Тоа не е состојба која треба да се смета дека е со некои сериозни размери и е вообичаена, особено во организации со огромен број на членство, како што е нашиот Синдикат. Но, за пофалба е подготвеноста на раководството, отворено да се разговара за таквите проблеми и навреме да се превземат активности, согласно Статутот на СОНК, за нивно што побрзо надминување. Радува фактот што сите членови на Советот, покажаа целосна подготвеност за надминување на ваквите состојби.
Издвоени се неколку детектирани слабости во организацијата. Една од нив е постоењето на значаен број на претседатели на синдикални организации ( вкупно 573 на ниво на држава) и тоа во сите дејности, како и во сите регионални одбори, кои недоволно ги проучиле Статутот и Програмата на СОНК, без кои е невозможно да бидат на висината на одговорноста што ја презеле како претседатели на синдикални организации. Исто така, евидентирано е дека значаен број на претседатели на синдикални организации, многу малку или без малку целосно, не ги познаваат колективните договори по дејности што ги има потпишано нашиот Синдикат со ресорните министерства, законите на дејностите, како и одредбите од ЗРО, барем во делот на синдикатите и колективните договори.
Има еден помал број на синдикални организации во кои е констатирано дека, многу ретко се одржуваат состаноци со членовите на тие организации, а претседателите на истите, на состаноци на регионалните одбори, настапуваат со изјави дека тоа се ставови, мислења, предлози, барања на членовите од конкретната организација! Таквите состојби се целосно неприфатливи и во наредниот период, регионалните одбори мора да посветат многу повеќе внимание на истите, а нивното надминување да биде согласно Статутот на СОНК.
Во однос на регионалните одбори, Советот констатира дека, генерално истите добро ги завршија истите за организирање и реализирање на едукативните семинари и во основа солидно ги извршуваат обврските согласно Статутот на СОНК и документите што ги усвојува Советот на СОНК. Меѓутоа, беше констатирано дека неколку регионални одбори не ја остваруваат потребната комуникација и размена на информации со централното раководство на Синдикатот, во некои сличаи и во подолг временски период. Има неколку примери на регионални одбори, кои со одредени свои активност излегуваат од надлежностите што ги имаат со Статутот на СОНК. За надминување на ваквите состојби, беше договорено во наредниот период задолжително да се почитуваат правата и обврските од Статутот на нашиот Синдикат.
По обемната и плодна дискусија, Советот усвои заклучок да се изготви Програма за синдикална едукација на сите нивоа и на првата наредна седница на Советот на СОНК да се усвои истата и да продолжат активностите за организација на семинари за едукација членовите на нашиот Синдикат.
Ќе го одбележиме и Заклучокот, што едногласно го усвои Советот на СОНК за покренување на званично барање пред надлежните институции и органи во државата, за правична и правна поделба на т.н. синдикален имот, стекнат во поранешниот општествен систем.