Реакција на СОНК во врска со неисплатените декемвриски плати во неколку општини во Р.Македонија

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) изразува голема загриженост во врска со неможноста на вработените во детските градинки, основите и средните училишта во неколку општини во државата, да го остварат своето законско право, да земат плата за месец декември 2017 година. Имено, заради причини од политички карактер, Советите на општините Чаир, Тетово, Теарце и Гостивар сеуште ја немаат завршено  законската процедура за усвојување на општинскиот  Буџет за 2018 година, со што се доведуваат до тотална финансиска блокада и се оневозможува повеќе илјади вработени од  дејностите што ги покрива СОНК да не можат да земат плата.

СОНК укажува на сериозноста на ваквата ситуација и бара максимална одговорност од сите чинители, креатори на овој проблем, со цел што поитно да се надмине ваквата ситуација и да може да се исплатат платите во најкраток можен рок. Во спротивно, синдикалните организации на СОНК во кои нема исплатено декемвриска плата, изгледно е дека ќе донесат Одлуки со кои ќе применат и по радикални синдикални мерки во интерес на одбрана на правата загарантирани со Закон и Колективен договор.




СЕ СЛУШНА ГЛАСОТ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, во текот на вчерашниот ден, 17 јануари 2018 година во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија се оддржа предупредувачкиот Јавен протест.

На  масовниот протест зедоа учество членовите од единаесетте грански синдикати од Јавниот сектор на КСС кои јавно го искажаа своето незадоволство и кажаа: ДА за зголемување на платите во Јавниот сектор, согласно процентот на зголемување на минималната плата, Да за исплата на К-15, Да за почитување на колективните договори, Да  се почитува гласот на репрезентативните синдикати при носење на законите, Да за пристоен живот, …..но и НЕ за најавеното селективно зголемување на платите во Јавниот сектор, Не за За кршење на законите и колективните договори, НЕ за мобинг на работните места…..

Ден пред одржувањето на протестот  членовите на Извршниот одбор на КСС беа примени во Владата на Р. Македонија од членови на Владата, каде што разговараа за прашања што беа поставени во Барањата на КСС. Раководството на КСС доби уверување од ресорните министри присутни на средбата, дека за најголемиот дел на отворени прашања не постои реална пречка за надминување на недоразбирањата и дека во наредниот период по пат на социјален дијалог ќе отпочнат преговори и ќе се бараат решенија по однос на проблемите во дејностите од Јавниот сектор.

Протестот заврши со обраќање пред присутните на Претседателот на КСС,  Благоја Ралповски и Претседателот на СОНК, Јаким Неделков.




Jавен протест

Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), раководството на СОНК влегува во завршна фаза на подготовките за најавениот социјален протест, што ќе се одржи на 17 јануари 2018 година во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија.

На овој протест активно учество ќе земат 11 грански синдикати кои се здружени во  КСС, кои на 21  Декември  2017 година  донесоа Одлука со која јавно ќе го изразат своето незадоволство за односот на актуелната власт кон репрезентативните синдикати, неможноста преку социјален дијалог да ги остварат своите социјални барања, како и да го искажат својот револт за сé пожестокиот притисок на раководните лица во јавните установи врз синдикалните активисти.

Ги повикуваме сите членови на гранските синдикати здружени во КСС, возрасните членови на нивните семејства, останатите синдикати во Република Македонија, невладини организации, работници кои се солидарни и согласни со нашите барања да  излезат на овој јавен протест и да не поддржат.




СОНК ВО ЗАВРШНА ФАЗА ОД ПОДГОТОВКИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНИОТ ПРОТЕСТ

Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), раководството на СОНК влегува во завршна фаза на подготовките за најавениот социјален протест, што ќе се одржи на 17 јануари 2018 година во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија.

На овој протест активно учество ќе земат 11 грански синдикати кои се здружени во  КСС, кои на 21  Декември  2017 година  донесоа Одлука со која јавно ќе го изразат своето незадоволство за односот на актуелната власт кон репрезентативните синдикати, неможноста преку социјален дијалог да ги остварат своите социјални барања, како и да го искажат својот револт за сé пожестокиот притисок на раководните лица во јавните установи врз синдикалните активисти. Ваквите состојби во дејностите што ги покриваат гранските синдикати во КСС, а секако и во СОНК, на раководствата и на  членовите на синдикатите им даваат и погоем поттик и енергија за изразување на своето незадоволство преку протест, а особено по молкот и игнорантскиот однос на власта, која и покрај уредно доставена документација за протестот, сеуште не најде за потреба да разговара со раководството на КСС за проблемите на работниците во јавниот сектор и нивните барања.

Раководството на СОНК очекува во последната недела до одржување на протестот од страна на власта на сите нивоа, да се направи обид за спречување на членовите на нашиот синдикат да излезат на мирен протест. Ова ќе го сметаме за директно мешање во работата на синдикатите, што е со Устав загарантирано право и за таквите постапки законодавецот предвидел и казна затвор до 3 години. Сакаме навреме да предупредиме и да укажеме дека секој оној кој ќе се обиде на било каков начин  да го спречи социјалниот протест ќе биде соочен со правна постапка против него. Воедно, го охрабруваме нашето членство  да пријавува и доставува информација и документација доколку има обид за дејствија од страна на лица или претставници на институции, со кои се попречува правото на протест. Исто така, сакаме да ги предупредиме и директорите и раководните лица на установите ( градинки, училишта, културни установи, високообразовни и научни установи) да не планираат активности како што се совети, семинари итн., во периодот кога е закажан Јавниот Протест. Со оглед дека протестот е закажан  повеќе од две недели и таквите постапки на директорите ќе ги сметаме за обид на спречување за одржување на Јавниот Протест што е казниво според Кривичниот законик на Р. Македонија.




Реакција на СОНК во врска со не продолжување на договорите за работа на работниците во детските градинки, основните и средни училишта

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија (СОНК), остро реагира на масовното НЕ продолжување на работните договори  на вработените во детските градинки, основните и средни училишта, од страна на директорите на установите, а по налог на повисоките органи на локалната и централната власт.

Имено, изминативе денови сме сведоци дека, на голем број  наставници, воспитувачи и негователи, со повеќегодишно работно искуство,  без никаква причина  НЕ им се продолжува договорот за работа,  а на нивно место се примаат нови работници кои по некои “чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство,  ги пополнуваат вештачки испразнетите места. Се запрашал ли некој како ќе делува промената на ,,втората мајка” на половина од учебната година, врз  психата на децата во нивната најрана возраст?!

Ваквата состојба за СОНК е апсолутно неприфатлива  и апелира до надлежните, наместо да се занимаваат со кадровски прашања  и отпуштање од работа каде што  нема реална потреба за тоа, да се позанимаваат со конечноте решавање на статусот на истите работници и да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време,  на начин како што е предвидено  со Законот за работни односи, како и со Спогодбата потпишана помеѓу социјалните партнери СОНК , МОН, МТСП и Министерството за култура во 2008 година, со што во изминативе години, над 8000 работници го решија својот статус на трајно вработување. Исто така, сакаме да укажеме  дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките,  а со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата,  подолг временски период  сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со и така преголемиот број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. СОНК најостро ќе реагира на ваквата ситуација,  нема да дозволи работа во такви услови и ќе ги употреби сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на своите членови.

За ваквите состојби, СОНК укажуваше и реагираше неколку месеци наназад  до ресорните министерства по писмен пат, за што доби и ветување од министерката за труд и социјална политика, на редовна седница на Советот на СОНК, дека ниту еден вработен во детска заштита нема да остане без работа, напротив, ќе  има потреба од нови вработувања?!.  За жал, МОН не не удостои со одговор на нашата реакција за повеќемесечниот едностран прекин на процесот на трансформација на договори за работа на вработените во образованието.

СОНК ги повикува сите работници – членови на СОНК во дејностите детска заштита, основно и средно образование на кои НЕ им е продолжен  договорот за работа, да се обратат до  правната служба на синдикатот и да ги остварат своите права на бесплатна правна помош.

Исто така, СОНК ги повикува надлежните во дејностите  детската заштита, образованието и културата,  да ги почитуваат законските одредби за усогласување на минималната плата со платите во дејностите според колективните договори и многу посериозно да се позанимаваат со социјалниот статус на вработените во образовните и културни установи, како и конечно  да отпочне  социјалниот дијалог и партнерство  со репрезентативниот синдикат – СОНК, на начин и интензитет како што налагаат законите, колективните договори и реалните потреби, а не само декларативно, според изјавите на некои министри од овие дејности.