СОНК реагира во однос на расределбата на средствата од буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура на име за проекти

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК реагира во однос на расределбата на средствата од буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура на име за проекти, на кои конкурираат организации од невладиниот, односно граѓанскиот сектор.

Имено, СОНК реагира на, според нас, нефукционалното трошење државни пари, обезбедени преку Министерството за култура за дел на проекти кои всушност со ништо не ја отсликуваат, презентираат или воздигнуваат културата во Република Македонија, особено не преку финансирање на проекти кои во најмала рака се сомнителни во оправданоста да бидат одобрени преку ова Министерство, како и проекти кои се поднесени од членови на комисии и кои одлучуваат за доделување на средства за туѓи, но и за свои апликации.

Огромно е разочарувањето кај културните работници кои се вработени во установите од културата, а кои реално се едни од најслабо платените работници во Јавниот сектор и очигледно се заборавени од страна на државата. Се чини дека Министерството за култура не е заинтересирано да го потпише и имплементира Колективниот договор за култура, со тоа и да се надмине проблемот со различните плати во оваа дејност, воедно и да се подигне висината на платите на ниво со кое што на културните работници ќе им се врати достоинството на нивната професијата.

За таа цел, СОНК апелира до Министерството за култура итно да продолжат преговорите за потпишување на Колективниот договор, како и обезбедување на средства за имплементација на истиот. Во спротивно на сите ќе ни биде јасно дека државата нема интерес за подигнување на социјалниот статус и мотивираноста на работниците во една од најзначајните дејности во државата, што е обележје на вековното постоење и културно воздигнување на народите што живеат во Република Македонија.




Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) во дводневна посета на СОНК

На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК , на 1ви и 2ри март оваа година, во работна посета пристигна Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) госпоѓа Сузан Флокен.

СОНК е полноправна редовна членка  на  ETUCE повеќе од 2 децении, организација во која што членуваат над 11 милиони членови здружени во повеќе од 150 репрезентативни синдикати од над 50 европски држави.

Во своите редовни активности нашиот синдикат континуирано испраќаше информации во оваа многу важна меѓународна организација од областа на синдикатите за образование со што ја информираше за актуелните состојби во однос на социјалниот дијалог и партнерство помеѓу релевантните социјални партнери, односно МОН и СОНК, како и значењето и почитувањето на репрезентативноста на синдикатите во однос на неговата улога во креирање на образовната политика и реформирањето на образовниот процес во Р.Македонија. Во таа смисла, СОНК укажуваше на незадоволителниот партнерски однос со МОН во рамките на законите и меѓународните конвенции кои ја третираат оваа проблематика.

Во својата посета г-ѓа Флокен оствари работна средба со Министерот за образование и наука,  г-ѓа Рената Дескоска со која што разговараа за прашања поврзани со образованието во Р.Македонија како и за улогата на СОНК како репрезентативен социјален партнер во градењето на образовните реформи, законските измени, условите за работа на просветните работници како и социјалниот статус на вработените во образованието. Во своето обраќање, г-ѓа Флокен подвлече дека цврсто стои зад активностите на СОНК и има полна подршка од Европската конфедерација на синдикатите за образование со што му даде големо признание на нашиот синдикат пред надлежните од МОН и исто така истакна  дека се ќе стори во рамките на нејзините надлежности да придонесе за подобрување на партнерскиот однос помеѓу  двете институции и взаемно почитување од страна на истите.

Во понатамошните активности на високиот синдикален претставник од  ETUCE беа остварени и работни средби со дел од раководството на СОНК, членови на Советот, на кои што подетално се запозна со организациската поставеност на нашиот синдикат, нејзиното функционирање и изворно за проблемите во Регионалните одбори согласно нивните надлежности.