ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ДОБРЕДОЈДЕНО, НО НЕ ДОВОЛНО ЗА ПРОФЕСИЈАТА И ДОСТОИНСТВОТО НА ПРОСВЕТНИОТ РАБОТНИК

Денес во Владата на Република Македонија беше потпишана Спогодба помеѓу Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков, за зголемување на платите од 5% во основното и средното образование.

СОНК не се откажува од барањето за поголемо зголемување на платите во дејноста образование и во наредниот период се очекува да продолжат преговорите помеѓу СОНК и МОН.

СОНК е убеден дека со зголемување на платите од 5% не се достигнува вредноста на реалниот труд на вработените во образованието, но исто така е убеден и дека доколку постои коректен партнерски однос и социјален дијалог помеѓу двете институции во наредниот период, ќе се изнајдат соодветни решенија за зголемување на платите на вработените во образованието, а со тоа ќе се подигне мотивацијата кај просветните работници и како финален производ ќе имаме поквалитетно образование.

Радува фактот што и претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Зоран Заев и Министерот за образование и наука, г-динот Арбер Адеми во своите изјави пред медиумите се согласија дека платите на вработените во образованието се мали и дека максимално ќе се заложат во наредниот период да дојде до поголемо зголемување на платите.

СОНК се ќе стори, во рамките на своите надлежности, да го врати достоинството на професијата-просветен работник.

 

 




ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ                 ОРГАНИЗАЦИИ НА СОНК ОД ГРАДИНКИТЕ

ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

Раководството на СОНК на 24.08.2018 година одржа работна средба со претседателите на синдикалните организации на СОНК од детска заштита – градинките, на која што присуствуваа најголемиот дел на раководството од оваа дејност.
Исто така, на оваа работна средба беше поканет да присуствува и министерот за труд и социјална политика или овластени лица од страна на министерот, но за жал, на истата не присуствуваше министерот, ниту имаше образложение за неприсуство на претставниците од ова министерство.

На работната средба се отворија повеќе прашања и проблеми со кои што се соочуваат вработените, членови на СОНК од дејноста заштита на деца. Имено, главен акцент беше ставен на игнорантскиот однос од страна на ова министерство, поточно немањето социјален дијалог и партнерство со што би се надминале повеќето проблеми во детските градинки. Беа отворени и прашањата по однос на условите за работа во детските градинки како за вработените така и за децата кои што престојуваат и немањето услови за работа со двојно или тројно зголемен број на деца и непочитување на нормативите и стандардите утврдени во законските акти за оваа дејност.
Исто така, на работната средба претставниците го пренесоа незадоволството на вработените од детските градинки по однос на социјалниот статус, кое е на најниско ниво, како во државата така и во нашето опкружување. Со зголемување на најниската плата на национално ниво, еднострано е суспендиран веќе потпишаниот колективен договор, каде што за секое работно место е утврден соодветен коефициент, со што неколку работни места се изедначуваат со платите, а истите се приближуваат до носителите на дејноста.
По исцрпната дискусија на голем број вработени во градинките, на крајот од работната средба се донесе Заклучок дека, доколку овие погоре посочени проблеми најитно не се решат по пат на социјален дијалог, раководството на СОНК да организира генерален штрајк во оваа дејност. За овие и други прашања што се во надлежност на СОНК, Советот на СОНК ќе расправа на редовна седница што ќе се одржи на 31.08.2018 година, на која ќе се донесе конечна Одлука за организирање на штрајк во детските градинки во Република Македонија.