СОНК на своите членови им ја честита Новата 2019 година и им посакува добро здравје, многу среќа, успех и благостојба.




ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЈАВНОСТА

Траги – комична претстава по сценарио, режија и главни улоги на министерството за култура и СКРМ

 Деновиве во јавноста излегоа со соопштенија  Министерството за култура и Синдикатот на културните работници, среќни и задоволни, едните дека ќе ги нивелираат платите во културата до месец март 2019 година, а пак другите дека, по нивна иницијатива ,,како најголем и единствен синдикат кој искрено и вистински се бори за правата на вработените во културата,, ќе се нивелираат и зголемат платите во културните установи.

Во ваквото сценарио и режија недостасуваат  конкретни одговори на конкретни прашања.

Прво, Министерството за култура не објаснува како  и на кој начин планира да извши нивелација на платите по работни места, односно според кој акт тоа ќе го направи?

Второ, ако мислеше со Колективен договор, со кој Колективен? Според оној во кој што СОНК и министерството во изминатиот период ги утврдија коефициентите по работни места и текст кој што беше на јавна расправа пред вработените во културните установи, или по новиот Колективен, кој патем речено е изготвен експресно од ….наводно министерството за култура, без ниту еднаш да се консултира , а камоли да се вклучи во работа единствениот репрезентативен синдикат за културата, а тоа е СОНК.

Трето, кој е доказот дека СКРМ е најголемиот синдикат за културата, впрочем, дали тоа го докажува со Решение за репрезентативност или во вакви околности доволно е да се самопрогласи!?

Четврто, нели се чини дека  Министерството за култура има селективен пристап кон синдикатите, односно во овој случај го фаворизира СКРМ, во оваа епизодна улога како главен актер!?

Петто, намерно или ненамерно (ајде да погодиме) го заборавија СОНК како Синдикат кој што ја заврши целата работа околу коефициентите за усогласување на платите по работни места.  СОНК бараше и од претходните министри како и од последниот министер за култура потпишување на Колективниот договор и негова примена веднаш.

Нели ова изгледа како онаа стара изрека ,, китење со туѓи перја.,,?

Шесто, треба на сите актери во оваа епизода да им стане јасно дека, со вакви обиди за девалвирање и потценување на нашата организација и сите оние кои членуваат во неа, нема да успеат во намерата за дисквалификација и дискредитација на  нашиот Синдикат, со цел да се намали неговата реална моќ како Синдикат. Историјата покажува дека во последните 25 години многумина се обиделе, но никогаш не успеале. Ве уверуваме дека и овој пат и во иднина тоа нема да ви успее!

Седмо, осмо, деветто…..има уште многу да се каже за главните играчи во оваа епизода, но за сега толку, со уште една напомена дека во прилог ќе го објавиме и нашето обраќање до министерот за култура од октомври оваа година, со Барања за решавање на социјалниот статус на вработените во културата, што е само еден од доказите дека , најмалку што можеше да направи министерството е да прифати и да го каже овој факт. Или….. овој документ од архивата на министерството до надлежните во министерството уште патува???

 

Zaklucoci-kultura

 

 




СОВЕТОТ НА СОНК ДОНЕСЕ И ЕДНОГЛАСНО ГИ УСВОИ ЗАКЛУЧОЦИТЕ

14-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

Советот на СОНК, во полн состав, на 26-10-2018 година ја одржа својата 14-та редовна седница, на која на дневен ред беа повеќе актуелни состојби од работењето на СОНК, а во надлежност на највисокиот орган на СОНК.

На седницата главен акцент беше ставено прашањето на продолжувањето на социјалниот дијалог , по одржаните средби со министрите во дејностите што ги застапува СОНК, а по неизбежниот прекин на истиот, во период на пред и по одржувањето на референдумот во Р.Македонија. По опширната дискусија, Советот на СОНК донесе заеднички став дека треба да се донесат Заклучоци, кои ќе се испратат до сите  министри, за продолжување на преговорите и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања во сите дејности што ги застапува СОНК, а во надлежност на СОНК, МОН, МТСП и Министерството за култура, што би значело, во дејноста детската заштита, основното, средното и високото образование, науката и во културата.

Советот на СОНК, по однос на ова прашање, едногласно ги донесе следните Заклучоци.




5 октомври – светски ден на наставниците




РАБОТНА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА

Денес, највисокото раководство на СОНК оствари работна средба со министерот за култура и неговите најблиски соработници, на која што беше расправано за повеќе прашања во интерес на културните работници. Особено беше подвлечено прашањето на ниските плати во дејноста култура, финиширање со Колективниот договор за култура како и негова имплементација.

Охрабрува фактот што министерот во потполност ги прифаќа нашите аргументи за наведените состојби во културата, како и искажаните негови ставови дека во наредниот период ќе направи максимални заложби за заокружување на веќе започнати процеси и дека во духот на социјалниот дијалог и партнерство ќе се дојде до прифатливи решенија и за СОНК и за Mинистерството за култура.




ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ РАКОВОДСТВОТО НА СОНК И МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Како што веќе беше најавено, во текот на денешниот ден се одржа работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за труд и социјална политика, на која што беа присутни над 50 претседатели на синдикални организации на СОНК од градинките.

Работната средба се одржа во конструктивна атмосфера, на која што се расправаше за прашања кои и СОНК и МТСП сметаат дека што поскоро треба да се затворат како реален проблем.

На исцрпната расправа се дојде до констатација дека во периодот што следи МТСП и СОНК ќе работат на усогласување на ставовите во однос на отворените прашања и дека ќе излезат со заедничка информација во врска со новиот предлог-Закон за детска заштита како и со нацрт-текст на Колективниот договор за оваа дејност, усогласен со новиот закон за детска заштита. Нашето очекување е дека со соодветните законски измени ќе се дојде до системско решение со што вработените во детската заштита трајно ќе имаат можност за кариерен развој, утврдување на критериумите за напредување во кариерата, систем на наградување на трудот на вработените и други прашања кои што ќе се доуредат со Колективниот договор.

Исто така, на работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на СОНК и МТСП, а во врска со подобрување на условите за работа, намалување на административните обврски на негователите и воспитувачите, просторните капацитети и друго.




Среќна учебна година




ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ДОБРЕДОЈДЕНО, НО НЕ ДОВОЛНО ЗА ПРОФЕСИЈАТА И ДОСТОИНСТВОТО НА ПРОСВЕТНИОТ РАБОТНИК

Денес во Владата на Република Македонија беше потпишана Спогодба помеѓу Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков, за зголемување на платите од 5% во основното и средното образование.

СОНК не се откажува од барањето за поголемо зголемување на платите во дејноста образование и во наредниот период се очекува да продолжат преговорите помеѓу СОНК и МОН.

СОНК е убеден дека со зголемување на платите од 5% не се достигнува вредноста на реалниот труд на вработените во образованието, но исто така е убеден и дека доколку постои коректен партнерски однос и социјален дијалог помеѓу двете институции во наредниот период, ќе се изнајдат соодветни решенија за зголемување на платите на вработените во образованието, а со тоа ќе се подигне мотивацијата кај просветните работници и како финален производ ќе имаме поквалитетно образование.

Радува фактот што и претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Зоран Заев и Министерот за образование и наука, г-динот Арбер Адеми во своите изјави пред медиумите се согласија дека платите на вработените во образованието се мали и дека максимално ќе се заложат во наредниот период да дојде до поголемо зголемување на платите.

СОНК се ќе стори, во рамките на своите надлежности, да го врати достоинството на професијата-просветен работник.

 

 




ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ                 ОРГАНИЗАЦИИ НА СОНК ОД ГРАДИНКИТЕ

ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

Раководството на СОНК на 24.08.2018 година одржа работна средба со претседателите на синдикалните организации на СОНК од детска заштита – градинките, на која што присуствуваа најголемиот дел на раководството од оваа дејност.
Исто така, на оваа работна средба беше поканет да присуствува и министерот за труд и социјална политика или овластени лица од страна на министерот, но за жал, на истата не присуствуваше министерот, ниту имаше образложение за неприсуство на претставниците од ова министерство.

На работната средба се отворија повеќе прашања и проблеми со кои што се соочуваат вработените, членови на СОНК од дејноста заштита на деца. Имено, главен акцент беше ставен на игнорантскиот однос од страна на ова министерство, поточно немањето социјален дијалог и партнерство со што би се надминале повеќето проблеми во детските градинки. Беа отворени и прашањата по однос на условите за работа во детските градинки како за вработените така и за децата кои што престојуваат и немањето услови за работа со двојно или тројно зголемен број на деца и непочитување на нормативите и стандардите утврдени во законските акти за оваа дејност.
Исто така, на работната средба претставниците го пренесоа незадоволството на вработените од детските градинки по однос на социјалниот статус, кое е на најниско ниво, како во државата така и во нашето опкружување. Со зголемување на најниската плата на национално ниво, еднострано е суспендиран веќе потпишаниот колективен договор, каде што за секое работно место е утврден соодветен коефициент, со што неколку работни места се изедначуваат со платите, а истите се приближуваат до носителите на дејноста.
По исцрпната дискусија на голем број вработени во градинките, на крајот од работната средба се донесе Заклучок дека, доколку овие погоре посочени проблеми најитно не се решат по пат на социјален дијалог, раководството на СОНК да организира генерален штрајк во оваа дејност. За овие и други прашања што се во надлежност на СОНК, Советот на СОНК ќе расправа на редовна седница што ќе се одржи на 31.08.2018 година, на која ќе се донесе конечна Одлука за организирање на штрајк во детските градинки во Република Македонија.




СОНК УЧЕСТВУВАШЕ НА БАЛКАНСКА СРЕДБА НА СИНДИКАТИТЕ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

Во организација на хрватскиот синдикат на учителите, на 9 и 10 јули во Цриквеница, Република Хрватска, се одржа работна средба на балканските синдикати за образование, на која што активно учество зема и нашиот синдикат, СОНК. На состанокот беа присутни синдикатите – членки на Интернационалата за образование од земјата домаќин, Хрватска, како и синдикатите од Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Македонија. Врз основа на претходно потпишаната Спогодба за соработка и заедничко дејствување, синдикатите усвоија Резолуции со кои што бараат од надлежните органи и влади во сопствените држави да се подобри и подигне статусот на просветните работници, во однос на подобрување на условите за работа и платата за извршената работа, да го добијат заслуженото место во општеството, со што ќе се врати  достоинството на професијата. Репрезентативните синдикати да бидат почитувани како релевантни и рамноправни социјални партнери, особено при планирање на реформи во образованието како и при носење на нови закони или законски решенија.

Синдикалната борба за остварување на зацртаните цели ќе се продолжи со сите расположиви средства и методи што ни стојат на располагање и повеќе десетици илјади членови на нашите синдикати се спремни за заедничка акција. За тоа имаме и силна подршка од Европскиот комитет на синдикатите за образование, Европската Конфедерација на синдикатите за образование како и Интернационалата за образование.