ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

 

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

 

Почитувани членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), членови на останатите синдикати, работници, македонска јавност…

Преку овој првомајски проглас сакаме да се обратиме до членовите на СОНК и не само до нив, туку и до сите работници во државата, како и до целата јавност со наше видување на состојбите на работниците од аспект на социјално-економската положба, социјалниот дијалог и партнерство, сигурноста на работното место, безбедноста при работа и т.н.

Одбележувањето на Први мај, меѓународниот празник на трудот, датира уште од пред повеќе од 130 години, односно во спомен и чест на штрајкувачите од Чикаго, кои во 1886 година штрајкувале од први до четврти мај со единствено барање, а тоа е осумчасовно работно време. Штрајкот бил крваво задушен, при што полицијата употребила сила и како резултат на тоа имало и неколку жртви. Водачите на штрајкот биле уапсени, осудени и погубени.

На првиот конгрес на Втората интернационала одржан во 1889 година било одлучено:  “Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба”. Оттогаш, празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.

Први мај се слави секаде во светот, некаде со масовни протести, а некаде со првомајски викенд на некое излетничко место, со првомајска скара и музика. Во Македонија нема голема традиција за организирање на големи првомајски протести, освен симболични првомајски маршови или прошетки на некои синдикални организации, со што ќе се одбележи овој ден на работниците. Секако, ние како најголем Синдикат во државата имаме свој став околу ова прашање, дали масовно да се излезе на овој ден и да се протестира, во симболичен број да се маршира или ако е празник да се празнува на начин како што налага нашата традиција.

Нашиот став е дека празникот треба да се празнува, а за работа, секоја организација која се занимава со одбрана и зголемување на правата на работниците има на располагање цела година. И овој наш став да не изгледа гола демагогија, ќе го поткрепиме со неколку аргументи. СОНК во изминативе децении и години конкретно докажуваше и докажува со организирање на протести и штрајкови дека е единствениот Синдикат кој е во состојба тоа да го направи, без лажни закани и ветувања, без правење на сопствен маркетинг,  без разлика која политичка опција е на владеење…. Ако постои сомнеж во вистинитоста на овие факти, може многу лесно да се проверат, а и да се присетите која друга работничка организација во последнава деценија – две организирала сериозен протест или штрајк????

Со овој првомајски проглас нашата идеја не беше да се саморекламираме, туку, уште еднаш на ваков начин да го изразиме нашето незадоволство околу положбата на нашите членови во дејностите детска заштита, основно, средно, високо образование, наука и култура. И покрај сите заложби на нашиот Синдикат, во сите споменати дејности заеднички е фактот што тие како едни од најважните дејности во државата, ако не и најважни,  се на дното на скалилото на плати во јавниот сектор во државата, а пак и да не зборуваме за надвор од неа, во соседството и пошироко. Во последниве неколку години државата се обиде да направи обид за подобрување на социјалниот статус на оваа категорија на работници, но тоа беше сосема симболично и незадоволително од една страна, како и селективно, од друга страна. Зголемувањето на платите од 5% за детските градинки, основното и средно образование ни одблизу не ги задоволуваат основните потреби за егзистенција, наспроти зголемување на минималната плата на национално ниво од 20%. Ситуацијата во установите од културата и високото образование и науката е уште полоша, од позиција на ниски плати, дури ни без тие 5% зголемување во 2018 година. Ветувањата за зголемување на платите и во 2019 година за дополнителни 5% за СОНК се добродојдени, но процентот е апсолутно неприфатлив, односно низок. СОНК во повеќе наврати укажуваше и бараше усогласување на платите со процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво.

Што се однесува до социјалниот дијалог и партнерство, наша проценка е дека во последните неколку години е во  континуирано опаѓање. СОНК воопшто не е задоволен од односот на некои министерства кои за многу важни измени на законски решенија не го вклучуваат социјалниот партнер во изготвување на заеднички прифатливи решенија што се во интерес и на работниците и на државата, што впрочем е законска обврска. Исто така, цениме и дека селективниот однос кон одредени синдикати е апсолутно неприфатлив и спротивен на Законот.

За СОНК како грански синдикат и како дел од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) е исто така неприфатлив игнорантскиот однос на  ресорните министерства и на Владата  и покрај јавните упатени Барања за остварување на сериозни  средби и разговори со што би се затвориле отворените прашања и проблеми. Особено навредува ваквиот однос и покрај низата јавни социјални протести во изминатава година што ги организираше СОНК во рамките на КСС.  За ваквиот однос на државата кон релевантни социјални партнери во однос на социјалниот дијалог и партнерство во Македонија даде и Меѓународната Конфедерација на синдикати -ITUC во последниот свој извештај, каде  што Македонија е ставена  на  листата со држави од Африка, каде што правата на работниците секојдневно се кршат.

Севкупно, состојбите на работниците во Македонија се на многу ниско ниво, од аспект на социјален статус и економска сигурност, во однос на социјалниот дијалог и партнерство, во однос на почитување на законите и други правни акти, во однос на сигурноста на работните места, во однос на безбедноста при работа и т.н.

Доколку многу сериозно и многу брзо не се сфатат нашите укажувања, дотолку повеќе надлежните во државата ќе ја сфатат сериозноста и силата на нашиот Синдикат.

Не ја потценувајте одлучноста, силата и единството на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија.

Да живее 1-ви мај, меѓународниот ден на работниците, да живее СОНК, да живеат сите прогресивни сили во Македонија !!!

 




ЈАКНЕЊЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ ВЕШТИНИ И СИНДИКАЛНОТО ДЕЛУВАЊЕ

СИНДИКАЛНА ШКОЛА НА СОНК

ЈАКНЕЊЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ ВЕШТИНИ И СИНДИКАЛНОТО ДЕЛУВАЊЕ

 

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК , под покровителство на Регионалниот одбор на СОНК – Чаир, организираше втора по ред работилница за неговото членство, од вкупно планираните дваесетина. На работилницата учествуваа претседателите на синдикалните организации од Регионалниот одбор на СОНК –  Чаир, како и дваесетина млади синдикални членови.  Во улога на  едукатор беше еминентниот професор по трудово право на факултетот „Јустинијан Први“, Лазар Јовевски.

Тема на оваа работилница беше ,, Јакнење на синдикалните вештини и синдикалното делување”,  на која што присутните поблиску се запознаа со синдикалното движење, синдикалното дејствување, како и улогата на Синдикатот во заштитата и унапредувањето на работничките права. Имено, ова е втора работилница по ред, со цел едукација на младите синдикални лидери за оспособување на синдикалното делување, соочување со проблемите при нивното работење, како  и начини и можности за нивно решавање.

Семинарот имаше голем интерес  од страна на членовите на Регионалниот одбор на СОНК – Чаир, а динамичното и интерактивното излагање на проф. Јовевски поттикна дискусија преку која членовите на СОНК ги искажаа своите проблеми и предизвици.

На крајот од семинарот, општ заклучок од присутните беше дека состојбите во дејностите образование, наука и култура можат да се подобрат единствено со одлучно и единствено дејствување на сите членови на СОНК , вклучувајки ги и најрадикалните методи,  со што конечно вработените во овие дејности би го завземале заслуженото место во општеството.

 




НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

Деновиве се изнаслушавме лелеци и плачови од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) кои што, како што велат тие, биле излажани од министерството за култура, а во врска со нивелација на платите во културата.

Премногу наивно од СКРМ, а и од сите оние кои поверувале во дилот помеѓу министерството за култура и “нивниот социјален партнер” – СКРМ, дека со мартовска плата ќе има нивелација на платите во установите од културата. Наивно, аматерски и со голема доза на потценување на вработените во културата е оваа лажна информација пласирана  во јавноста на крајот на минатата година, а во интерес на двете споменати институции, секој од свој интерес за поентирање во дадената ситуација.

Ќе изнесеме неколку факти кои го поткрепуваат нашето тврдење, за кои што објавивме статус и став на СОНК околу оваа проблематика уште на 26 декември 2018 година со наслов “Траги-комична претстава по сценарио , режија и главни улоги на министерството за култура и СКРМ”, што изворно може да се прочита на нашата страница тука.

Со таа објава дури не беше спомнато ниту дека доаѓа и  период на избори, период каде што согласно изборниот законик не е возможно зголемување на платите во јавниот сектор. Но и покрај тој силен факт, двете институции до пред некој ден беа убедени во сопствените лаги. Едните дека ќе направат добро дело и конечно нешто ќе направат за вработените во културата, а другите дека заради нив ќе се нивелираат (зголемат) платите на дел од вработените во културата.

Едните ќе си купат социјален мир и одбегнување на реалноста, а другите ќе станат “херои во културатa” и со такви евтини лаги и манипулации ќе зграбат што поголем број на членови, кои патем речено, секојдневно со лаги се обидуваат да зачленат членови на сметка на отчленување од СОНК.

Впрочем, СКРМ не престанува да лаже заради сопствени интереси дека е единствениот синдикат за култура кој што се грижи за вработените во културата, а особено за уметниците, дека е заслужен за договорот за нивелација на платите, за изготвување на нов колективен договор во културата, закон за култура………и што уште не, само да дојде до што повеќе членови, повеќе членарина, повеќе лични интереси на поединци.

Логична последица на се ова е прашањето, како сега раководството на СКРМ ќе му објасни на своето членство, зошто нема нивелација и зголемување на платите во март?! Зарем ќе се правдаат дека не знаеле за изборниот законик?! Или, ќе сметаат за доволно дека со една блага, неубедлива реакција, па и со срамежлива закана дека ќе немаат разбирање за нивните изговори, а и нема да имаат ниту грам толеранција, ниту минута доцнење……..

Дали е доволно ова за работниците во културата???

Впрочем, ова е проблем на СКРМ, и според народната поговорка “како ќе си посееш, така ќе си жнееш” !

Нашата цел со објавување на овој текст е да ја изнесеме вистината во јавноста, а особено кај културните работници, дека со лаги и манипулации не може да се дојде до успех, кој што впрочем, сите го посакуваме.

Вистината е една и единствена, а тоа е дека СОНК долг период работеше со министерството за култура за изедначување (нивелација) на платите согласно колективниот договор, кој што беше изработен и поминат на јавна расправа во синдикалните организации од културата. Единствен проблем беше примената односно, СОНК не сакаше да го потпише тој договор додека не се обезбедат средства за реализација.

Се другото е лага и манипулација со културните работници, на сопствена штета на дејноста, а во интерес на поединци.

И на крајот, не заборавајте дека СОНК континуирано преку средствата за јавно информирање и особено преку организирање на јавни протести го искажува незадоволството на членовите од културата за хаосот во однос на плати, надоместоци на плати, работни услови, кариерен развој и други проблеми што ги имаат вработените во оваа дејност.