ОДДРЖАНА 5- ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

Објавено на: 24. 04. 2017
Прочитано: 107 пат(и).

СОНК ПОАКТИВНО ЌЕ УЧЕСТВУВА ВО ГРАДЕЊЕТО И РАЗВИВАЊЕТО НА КСС

 

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука  и култура на Република Македонија ( СОНК ) , на 22-04-2017 година, ја одржа 5-та редовна седница во проширен состав  (претседателите и секретарите на регионалните одбори на СОНК) , на која на Дневен ред беа разгледани Извештајот за финансиското работење на Советот на СОНК за 2016 година и Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2016 година ( информативно).

На седницата на Советот на СОНК беше поканета и присатна  претседателот на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, г-ѓа Мери Ристеска, која  го презентираше Извештајот за финансиското работење на Советот на СОНК за 2016 година, со  детално образложение за приходите и расходите на Советот на СОНК. Заедничка констатација и на членовите на Советот и на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, претставуван од претседателот на Надзорниот одбор е дека финансиското работење на СОНК е во согласност со актуелните закони, приходите врз основа на уплата на членарина се стабилни,  додека пак продолжува практиката на намалување на расходите и во 2016 година.  Според изнесеното  Советот на СОНК  оцени дека средствата на Советот на СОНК рационално се користени, исклучиво за програмските цели на СОНК и едногласно го усвои финансискиот Извештај на Надзорниот одбор на Советот на СОНК за 2016 година.


Исто така, Советот беше информативно  запознат со работењето на Синдикалниот фонд, врз основа на  Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2016 година , кој беше усвоен од  Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК. Со овој Извештај, Советот беше информиран за бројот на остварени парични средства на членови на солидарниот фонд по разни основи, како и доделување на бескаматни кредити. Констатација беше дека фондот одлично работи и дека членовите  се задоволни од постоењето на ваквата помош од страна на нашиот Синдикат.

Во продолжение на седницата се расправаше за актуелните состојби во дејностите образование, наука и култура. Општа констатација беше дека, заради актуелната политичка криза во државата, дел од планираните активности на СОНК не можат да се реализираат и дека во овој период најголем дел од активностите се насочени кон решавање на индивидуални проблеми на членови на СОНК, како и неколку издвоени состојби во установи во детските градинки. Советот на СОНК остро реагираше на обидите на неколку директори од детските градинки за зголемување на  работното време на негувателите и воспитувачите, спротивно на одредбите на Законот и  Колективниот договор. Советот на СОНК донесе Заклучок дека ќе ги примени сите легитимни средства за одбрана на правата на своите членови согласно Закон, Колективен договор и меѓународни Конвенции.

Советот на СОНК расправаше и за учеството на СОНК во работењето на Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија (КСС), каде што по расправата се дојде до заклучок дека СОНК треба по активно да се вклучи во работата на КСС,  да продолжи со градење и развивање на оваа најголема синдикална организација на национално ниво, со цел да израсне во моќна синдикална организација по теркот на развиените европски и светски синдикати, кој многу по успешно ќе ги бранат и унапредуваат работничките права. 

ПРЕТХОДНА СТАТИЈА

НОВА ПОНУДА ОД ХАЛК БАНКА ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК