ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL – ПОДДРШКА, МЕНТОРСТВО И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ПОЧЕТНИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Со задоволство Ве известуваме дека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го започнува Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at SchoolYouWell, во соработка со братскиот синдикат Подкрепа, како и останати партнери од Бугарија, Белгија и Словенија.

Проектот ќе трае 24 месеци, за кој период наставниците со искуство ќе имаат обука за менторство, со цел воведување и професионално усовршување на наставници почетници, кои штотуку влегуваат во наставничката професија.

Ефективното менторство на наставниците почетници може да заштеди време и трошоци, зголемувајќи ја ефективноста, задоволството од работата, задржувањето и привлечноста на професијата.

Целта на проектот е наставниците почетници да се чувствуваат безгрижно во нивното професионално патување и да развијат силна мотивација и компетенции да останат во избраната професија.

Повеќе информации за проектот можете да добиете на следните линкови:

www.youwellproject.eu – официјална веб страна на проектот

https://www.facebook.com/youwellproject – официјална facebook страна на проектот




СОНК И МЗЗПР ПРОДОЛЖУВААТ СО ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА РАБОТНА СРЕДИНА

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 20.02.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Велес и Штип.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, благодарение на двајца предавачи односно стручно лице за безбедност и здравје при работа, како и доктор по медицина на труд, кои се експерти во својата област.

        

Работилницата, на која се обработија актуелни теми за безбедноста и здравјето при работа, беше интерактивна, пришто експертите од стручен и научен аспект одговорија на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.




СОВЕТОТ НА СОНК ДАДЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА НОВИОТ ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА СИСТЕМОТ НА ПЛАТИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

На ден 18.01.2023 година, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 18-та редовна седница, на која беа разгледани повеќе прашања за актуелните состојби во детските градинки, основното, средното, високото образование и наука, како и културата.

На седницата, главен акцент беше ставен на предлог – законот за системот на плати во јавниот сектор и беа извршени темелни анализи по доставените забелешки од синдикалните организации.

По опширната дискусија и донесените констатации, Советот на СОНК едногласно донесе Заклучоци, кои може да ги погледнете ТУКА.

 




ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИТЕ УСЛУГИ НА МТЕЛ ПОБЛИСКУ ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ потпишаа Договор за деловна соработка.

Компанијата МТЕЛ, како трет телекомуникациски оператор на територијата на Македонија, обезбедува широк спектар на телекомуникациски услуги во делот на фиксната и мобилната телефонија, како и телевизиски и интернет услуги, а за членовите на СОНК подготви Специјализирана понуда со повластена цена на услугите.

Специјализираната понуда на МТЕЛ и повеќе детали можете да погледнете на следниот линк.




ТУРИСТИЧКИТЕ АРАНЖМАНИ НА Т.А.СКАУТ ОТСЕГА И ВО СИНДИКАЛНАТА ПОНУДА НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Туристичката агенција СКАУТ потпишаа Договор за деловна соработка.

Со овој договор, на членовите на СОНК им се овозможува купопродажба на туристички услуги од асортиманот на Т.А. СКАУТ, по повластени цени, на одложено плаќање, без камата, преку задршка од плата.

Повеќе детали околу актуелните понуди на Т.А.Скаут можете да погледнете на следниот линк.

 




СОНК на своите членови, синдикални пријатели, социјални партнери и деловни соработници им посакува среќни празници




ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА РАБОТНА СРЕДИНА – ПРЕДУСЛОВ ЗА КВАЛИТЕТНА И ПРОДУКТИВНА РАБОТА

СОНК и МЗЗПР ги презентираа резултатите од истражувањето за безбедноста на работните места во градинките, образованието, науката и културата

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК во соработка со Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР го реализираат проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”.

 

Со активностите од овој проект ќе се утврди општата состојба, недостатоците и моменталните слабости во врска со примената на безбедност и здравје при работа (БЗР) на национално ниво, во сите дејности што ги покрива СОНК.

По добиените крајни резултати од извршените активности ќе се преземат мерки за ефективно спроведување на БЗР процедурите во пракса.

Целта на овој проект е да се создаде една општа култура и познавање од областа на БЗР преку креирање на функционален систем за целокупниот кадар вработен во дејностите од детска заштита, образование, наука и култура.

Придобивка од реализацијата на овој проект ќе имаат сите засегнати страни, особено вработените во установите од детската заштита, образованието, науката и културата, како и синдикатите, работодавачите и надлежните министерства.

Во рамките на овој проект, се одржа јавна дебата на 23.12.2022 година, на која учесници беа дел од нашите членови, а се презентираа резултатите од истражувањето кое беше спроведено во период од 7 до 13 ноември 2022 година. Истражувањето беше по пат на анонимен, двојазичен прашалник, испратен до членовите на СОНК од сите 20 региони. На дебатата се анализираа одговорите на преку 1200 испитаници и се дискутираше за проблемите и потешкотиите со кои се соочуваат вработените во установите од дејностите што ги покрива СОНК. Јавната дебата беше оценета како конструктивна и со својата тема проникна до сите присутни, од каде произлегоа идеи, сугестии, предлози и препораки до сите релевантни чинители, како да се надминат одредени ситуации, а се со цел подобрување на функционалноста на имплементацијата на БЗР во образовниот и научниот сектор.

 




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на експерт за изработка на Национална стратегија за БЗР во дејностите на образование, наука и култура

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија за потребите на проектот ,,Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука” објавува  Јавен повик за ангажирање на експерт за изработка на Национална стратегија за безбедност и здравје при работа, во дејностите на образование, наука и култура.

Јавниот повик може да се погледне на следниот линк.




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на експерт за изработка на научна студија за состојбите со безбедност и здравје при работа во дејностите на образование, наука и култура, познавање на стандардите за БЗР и нивна примена во институциите од споменатите дејности во Република Северна Македонија

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија за потребите на проектот ,,Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука” објавува  Јавен повик за ангажирање на експерт за изработка на научна студија за состојбите со безбедност и здравје при работа во дејностите на образование, наука и култура, познавање на стандардите за БЗР и нивна примена во институциите од споменатите дејности во Република Северна Македонија.

Барањето за доставување на понуди може да се погледне на следниот линк:




ПОТПИШАН НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО ДЕЈНОСТА ПРЕДУЧИЛИШНО ЗГРИЖУВАЊЕ И ВОСПИТАНИЕ НА ДЕЦА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Министерството за труд и социјална политика – МТСП потпишаа нов Колeктивен договор во дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца.

По интензивни преговори на работните групи на СОНК и МТСП и со потпишување на овој колективен договор се решаваат голем број од предизивиците со кои се соочивме во минатиот период и се оди уште еден чекор понапред во зголемувањето на правата и условите за работа на работниците од оваа дејност.

Како резултат на добриот социјален дијалог и доверба помеѓу двата социјални партнери, успеавме да ги зголемиме платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15% и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите во иднина.

Континуиран раст на платите, со секое зголемување на минималната плата, ќе добијат и помошно – техничките лица, со новата договорена формулација за нивните плати, во овој колективен договор.

Со новиот колективен договор се надмина повеќегодишниот проблем со работното време на воспитувачите и негователите, односно им се дава можност за реализирање на другите програмски активности во други просторни средини, во установата или надвор од неа.

За членовите на СОНК се обезбедува регрес за годишен одмор, право коешто за прв пат го добиваат нашите членови и кое ќе отпочне со примена од 2023 година.

Исто така, за членовите на СОНК се воведува надоместок за работа во група со зголемен број на деца, надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишно воспитание и образование, преку иновативни и креативни активности во дејноста, надоместок за јубилејни награди за работа во градинката, како и други надоместоци и додатоци.

Покрај овие права, за членовите на СОНК се воведува и четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се предвидува учество во повеќе комисии во установата, заштита на синдикалниот претставник, а се зголемуваат и правата за време на штрајк.

Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот, се воспоставува право на приправникот да го полага приправничкиот испит по втор пат, а исто така се зголемуваат и роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.

Иако, за жал, не успеавме да го регулираме правото на плата на административните работници, бидејќи истата се регулира со Законот за административни службеници, сепак тие може да ги користат сите останати придобивки од овој колективен договор, како наши членови од оваа дејност, а во овој контекст би го издвоиле надоместокот за вршење на дополнителни работи и работни задачи надвор од систематизираното работно место.

Како Синдикат покажавме дека се бориме и понатаму ќе се бориме за правата на своите членови, кои заслужуваат подобри услови за работа, подобар социјален живот, поголеми синдикални, социјални и работнички права.

СОНК секогаш имал слух и разбирање за потребите на своите членови, а Колективниот договор е потврда за нивно почитување и фундамент за понатамошни заложби на СОНК и МТСП.