ОБЈАВЕН ИНТЕРЕН ОГЛАС за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК

Советот на СОНК, како највисок орган помеѓу два конгреса, на својата 2-ра редовна седница, одржана на 2-12-2021 година, а согласно Статутот на СОНК, донесе Одлука за објавување на Интерен оглас за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК.

Интерниот оглас за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК, може да се погледне подолу:




ОДРЖАН VII-от КОНГРЕС НА СОНК

ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ – РЕИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК

Во текот на вчерашниот ден, 13.10.2021 година, во исклучително пријатна и работна атмосфера се одржа VII-от Конгрес на СОНК.

На Конгресот, согласно Одлуката за бројот и составот на делегати, од вкупно 119 беа присутни 115 делегати од сите дејности што ги застапува СОНК. Секако, на Конгресот присуствуваа делегации од социјалните партнери и соработници на СОНК, како и делегации од земјите од странство поточно синдикати од образование, со кои нашиот синдикат има долгогодишна синдикална соработка.

Согласно Дневниот ред, Делегатите на VII-от Конгрес едногласно ги усвоија следните документи:                                                                                                      -Извештај за работата на СОНК во мандатен период од декември 2015 до октомври 2021 година;                                                                                                  -Програма за работа на СОНК за мандатен период октомври 2021 – октомври 2026 година;                                                                                                                -Статут на СОНК;                                                                                              -Резолуција за усогласување на платите на вработените во детските градинки, основното и средното образование со Законот за минимална плата;                  -Резолуција за заштита на претседателите на синдикалните организации на СОНК; -Резолуција за исплата на целосна плата на заболени и  во изолација од пандемијa; -Резолуција за почитување на Законот за работни односи во делот на примена на гранските (посебните) колективни договори.

По усвојување на документите, Делегатите на VII-от Конгрес  го реизбраа Јаким Неделков за претседател на СОНК и му дадоа доверба да го води СОНК во наредните 5 години.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 




СОВЕТОТ НА СОНК ГИ УТВРДИ КОНГРЕСНИТЕ ДОКУМЕНТИ

Највисокиот орган на одлучување помеѓу два Конгреса, Советот на СОНК, на својата 28 – ма редовна седница утврди повеќе документи кои се од стратешко значење за претстојниот VII Конгрес на СОНК. Имено, по скоро еден месец јавна расправа во близу 600 синдикални организации на СОНК во целата држава, со можност за разгледување и давање на соодветни конструктивни забелешки и изјаснување по одредени прашања, Советот на СОНК го утврди конечниот текст на документите кои ќе бидат пред делегатите на Конгресот. На седницата беше утврден текстот на следниве документи: Извештај за работа на СОНК во овој мандатен период, Програма за работа во новиот мандатен период, статутарни измени, утврдување на кандидат (и) за претседател на СОНК, деловник за работа на Конгресот, членови на надзорен одбор на СОНК, избор на работни тела на Конгресот итн.

Советот на СОНК, по добиените записници од 20 Регионални одбори, а врз основа на изјаснувањето на синдикалните организации на СОНК, како единствен кандидат за претседател на СОНК на претстојниот Конгрес го утврди досегашниот претседател Јаким Неделков, кој доби поддршка од 17 Регионални одбори.

VII Конгрес на СОНК ќе се одржи на 13 октомври 2021 година во Скопје, на големата сцена во Македонскиот народен театар, со почитување на пропишаните протоколи за работа и заштита за време на пандемија.




КОНГРЕСНИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЈАВНА РАСПРАВА ПРЕД ЧЛЕНСТВОТО НА СОНК

ОДРЖАНА 27-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

На 14-08-2021 година, Советот на СОНК, во проширен состав, ја одржа својата 27-ма редовна седница, на која беа усвоени повеќе Предлог документи за работата на престојниот VII-ми Конгрес на СОНК.

Имено, согласно Статутот на СОНК, Одлуката за одржување на VII-от Конгрес на СОНК и Одлуката за одржување на изборни активности во СОНК на сите нивоа, Советот на СОНК на седницата усвои:

  • Предлог – Извештај за работата на СОНК за периодот од декември 2015 година до септември 2021 година;
  • Предлог Програма за активностите на СОНК за периодот од октомври 2021 до октомври 2026 година;
  • Предлог – Статут за измени и дополнувања на Статут на СОНК;
  • Предлог – Критериуми за избор на Претседател на СОНК;
  • Носење Одлука за број и состав на делегати за VII-от Конгрес на СОНК.

Сите овие документи, најтранспарентно и демократски, впрочем како и досега, ќе бидат на јавна расправа во синдикалните организации на СОНК и секој наш член ќе има право да даде свои забелешки, мислења и предлози по однос на истите. По расправата по овие документи во синдикалните организации на СОНК, која треба да заврши најдоцна до 10-ти септември оваа година, претседателите на регионалните одбори на СОНК, сите издржани предлози ќе ги сумираат и достават до Советот на СОНК, кои ќе бидат вградени во конечните текстови на документите за VII-от Конгрес на СОНК.

На седницата беа отворени и повеќе прашања од интерес на членовите на СОНК од сите дејности и иницирани повеќе чекори за решавање на истите. Советот на СОНК заклучи дека најитно, во соработка со МОН, треба да се отворат и отпочнат преговори за потпишување на колективни договори за основно и средно образование, кои ќе бидат усогласени во делот на платите со минималната плата на национално ниво. Исто така,  беше разговарано да се дојде до договор со преговори, евентуално, со новата концепција во образованието да не се предизвикаат технолошки вишоци, особено во средното образование, како и за исплаќање на прекувремена работа на вработените кои работеа со физичко присуство и имаа зголемен обем на работа.

 




ДОНЕСЕНИ ОДЛУКИ ЗА РЕДОВНИ ИЗБОРИ ВО СОНК

ОДРЖАНА 26-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

Највисокиот орган на СОНК, Советот на СОНК во проширен состав, на својата редовна 26-та седница, која се одржа на 16.06.2021 година, по извршените детални анализи, донесе Одлуки за распишување на редовни избори во СОНК на сите нивоа.

Имено, водејќи сметка во услови на пандемија, која недозволуваше да се одржат редовните изборни активности во 2021 година, Советот на СОНК имаше донесено Одлука за пролонгирање на изборите во СОНК на сите нивоа, донесена на 23-та редовна седница, која се одржа на 04.09.2020 година. Ценејќи ги сегашните услови кога пандемијата е во опаѓање, Советот на вчерашната седница оцени дека Одлуката за пролонгирање на изборите на сите нивоа, треба да се стави вон сила , со што се  создаваат можности за распишување на редовни избори во СОНК.

Согласно Статутот на СОНК, Советот едногласно ги донесе следниве Одлуки:

-Одлука за одржување на VII-от редовен Конгрес на СОНК, кој ќе се одржи во месец октомври 2021 година;

-Одлука за датум и место на одржување на VII-от редовен Конгрес на СОНК, за кој Советот одлучи истиот да се одржи на ден 16.10.2021 во Скопје;

-Одлука за распишување на избори во синдикалните организации и региналните одбори на СОНК, кои активности во синдикалните организации треба да започнат на 18.10.2021 година, а да завршат најдоцна до 01.12.2021 година. Активностите во регионалните одбори да започнат на 01.12.2021 година, а да завршат најдоцна до 20.12.2021 година и

-Предлог дневен ред за работата на VII-от редовен Конгрес на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.

Советот оцени дека за одржување на состаноците во синдикалните организации и регионалните одбори, потребен е краток Извештај за работата на СОНК,  за мандатен период од декември 2015 до јуни 2021 година, којшто ќе им биде од помош на претседателите за реализација на состаноците. На овие состаноци, кои треба да се одржат во наредниов период,  освен Извештајот, пред членството треба да се презентираат и  донесените Одлуки од страна на Советот на СОНК.




И ОВАА ГОДИНА СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК СО НОВИТЕТИ ЗА СВОИТЕ ЧЛЕНОВИ

УСВОЕН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ФИНАНСИСКОТО РАБОТЕЊЕ НА СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

Согласно Статутот на СОНК, на ден 27.05.2021 година, беше одржана седница на Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК. На оваа седница беше разгледан Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2020 година, врз основа на документацијата изготвена од независно сметководствено биро.

Од членовите на Надзорниот одбор беше констатирано дека Синдикалниот фонд работи со позитивни финансиски резултати, а сите пристигнати  документи се навремено реализирани, по сите основи.

Исто така, беше одржана  седница на Управниот одбор, но и на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК, на која беше усвоен Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2020 година. На седницата беа отворени повеќе прашања во врска со можностите за воведување на евентуални нови поволности, зголемување на основиците на веќе постоечки основи, како и финансиските можности на Фондот за овие новитети, се со цел да се излезе во пресрет на потребите на членовите за користење на поголеми права од Синдикалниот фонд на СОНК.

Собранието на Синдикалниот фонд, кој го сочинуваат по еден претставник од регионалните одбори на СОНК, ги разгледа сите предлози и мислења и ги усвои следниве новитети:

  • На предлог на Собранието, Управниот одбор на Синдикалниот фонд донесе одлука да се зголеми висината на Синдикалниот кредит, кој претставува единствен основ каде средствата се повратни, од 18.000 на 20.000 денари.
  • Собранието едногласно го усвои предлогот за зголемување на основицата по основ материјална штета односно при пожар или поплава во домот на живеење кога корисникот на Фондот има претрпено потешка материјална штета. Основицата се зголемува во зависност од бројот на просечните плати, а корисникот има право на еднократна парична помош во зависност од висината на штетата.
  • Од членовите на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК едногласно беше усвоен предлогот за воведување на новина по други основи односно право на парична помош по основ на пензионирање. Со воведување на овој предлог, корисникот на Фондот има право на парична помош во износ од 50% од утврдената основица.

На крајот од седницата, од страна на Собранието беше констатирано дека Синдикалниот фонд на СОНК е од огромно значење за неговите членови. Членовите на Фондот, освен што имаат потреба од него, тие се и  презадоволни  со неговото функционирање и излегување во пресрет на сите оние на кои им е потребен.

Истиот ден, се одржа и седница на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, на која беше изготвен Финансискиот извештај за работењето на Советот за 2020 година, а кој дополнително ќе биде предмет на разгледување и усвојување на некоја наредна седница.

 

 




ПОТПИШАН ПРВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како единствен репрезентативен синдикат во дејноста образование и министерството за образование и наука – МОН го потпишаа првиот грански Колективен договор за високо образование и наука, на национално ниво, кој важи за вработените во установите од овие дејности. Овој Колективен договор ги нормира и унапредува правата од работен однос во секторот високо образование и наука: вработување, унапредување, право на годишен одмор, право на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ итн. Во договорот се дефинира начинот на пресметување на платата, кој се темели на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната плата на национално ниво. Особено е важно да се спомене дека со овој начин на пресметка на плата се обезбедува систем на валоризација, но и континуиран раст на платите, кои ќе растат заедно со просечната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите како во изминатиот период.  Дополнително, од страна на МОН ќе се исплаќаат минат труд и прекувремена работа.

Кон овој Колективен договор барање за пристапување поднесе Независниот академски синдикат – НАкС, кој активно учествуваше во изготвување на истиот. СОНК позитивно одговори на ова барање и даде согласност за пристапување на членовите на НАкС, за кои ќе важат истите права и обврски од Колективниот договор за високо образование и наука, како што важат за потписниците на овој Договор.

Сметаме дека овој Колективен договор е исклучително важен во однос на решенија на системски проблеми кои ги засегаат вработените во овие дејности со години, социјалниот дијалог и регулирање на односите помеѓу различните чинители. Очекуваме дека статусот и материјалните права на сите вработени во високото образование и науката ќе продолжат да се унапредуваат и дека зацртаните барања во целост и со забрзано темпо ќе се реализираат по завршување на кризата.

 

 

 

 




СОНК ќе земе активно учество на најавениот протест на КСС

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија –  КСС, на 15.04.2021 година ќе земе активно учество на социјалниот протест во организација на КСС. СОНК ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека заради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест.

Имено, повеќе од две години на нашата Конфедерација и е одземена законската можност да учествува во креирање на економската политика во државата, од причина што- некој така сака. Две години документите за репрезентативност на КСС седат во некоја фиока во Министерството за труд и социјална политика и се прави класична опструкција врз синдикалното делување на највисоко ниво. Штетата направена врз гранските синдикати, здружени во КСС е огромна и непроценлива.

И како ова да не е доволно, па се посегна по раководството на синдикатот. Бројни се примерите на раскинување на договори за работа (бркање од работа) од страна на работодавачите врз синдикалните лидери на сите нивоа. Најпрво се отпочна со бркање од работа на претседателот на конфедерацијата, а потоа и на претседатели на грански синдикати при КСС, претседатели на синдикални организации, активни членови……  Дел од нив се деградирани со преместување од постоечките работни места на пониски работни места, за повеќе нивоа,  други се  преместени на работни места оддалечени и повеќе од 100 километри од местото на живеење, а некои пак деградирани со намалување на работни задачи  и т.н.

Сето ова се прави со цел да се спречи синдикалното организирање и дејствување на КСС и гранските синдикати во неа, неводејќи сметка дека пред сe, со ваквите постапки, се гази врз достоинството на човекот, се уништуваат цели семејства, се прекршуваат повеќе закони и колективни договори, меѓународни конвенции…… Дали со ваквиот жесток притисок врз синдикатите и синдикалните лидери и активисти се прави обид да се задуши синдикализмот во државата? Дали се прави обид во државата да има место само за “подобни” синдикати и “невладини” организации? Дали со ваквиот однос на  “социјалните” партнери спрема КСС и гранските синдикати во КСС некој мисли дека ќе го замолчат КСС и повеќе нема да бара почитување на Законот за минимална плата и усогласување на колективните договори во согласност со споменатиот закон? Дека повеќе нема да бара 100% исплата на плата заради боледување или изолација од Ковид -19? Дека нема кој да бара зголемување на платите и излез од длабока сиромаштија и борба за гола егзистенција? Дали се смета дека притисоците врз инспекторатите и судиите да носат записници и одлуки по мерка на работодавачите ќе го обесхрабри и скрши КСС?

Секој што мисли дека со притисоци, бркање од работа, спречување на синдикалното организирање и дејствување ќе ја спречи борбата за остварување на работничките права, многу се излажал. КСС е премногу голем и силен и може да се одбрани од секакви напади.

Слоганот на протестот гласи „ДОСТА Е …… ПРЕТЕРАВТЕ“.

И навистина е доста. Вака, со вакви „демократски” методи не се оди во Европа. Меѓународната заедница будно ги следи демократските процеси во државата, како и меѓународните синдикални пријатели, европската и светската конфедерација на синдикати. Меѓународната организација на трудот подготвува тужба против Владата на Република Македонија. Навистина е ДОСТА, велат работниците, но и младината што секојдневно ја напушта татковината, разочарана од системот.

СОНК ги повикува своите членови да излезат на закажаниот протест и со своето присуство да дадат поддршка на заедничката синдикална борба  за остварување на своите права и подобро утре.




СОНК ПОБАРА ОД МОН ДА СЕ ЗЕМАТ ВО ПРЕДВИД ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ

По барање на СОНК, денес во просториите на МОН се одржа работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска. На оваа средба се дискутираше за реформите во основното образование, како и кариерниот развој на наставниците. Од страна на СОНК беа презентирани и елаборирани Заклучоците од 24-та седница на Советот на СОНК, а исто така, беа дадени конструктивни и аргументирани забелешки за споменатите прашања.Убедени сме дека од страна на МОН ќе бидат прифатени забелешките на СОНК, со што ќе се изнајдат можности за подобро реформирано основно образование, како и пореални услови сите наставници и стручни соработници да имаат можност да конкурираат и напредуваат во својата кариера.




СОВЕТОТ НА СОНК ДОНЕСЕ ЗАКЛУЧОЦИ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ

ОДРЖАНА 24-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

На 12-01-2021 година Советот на СОНК, во проширен состав, on-line ја одржа својата 24-та редовна седница, на која што беа разгледани повеќе прашања за актуелни состојби во детските градинки, основното, средното, високото образование и наука, како и културата.

Како дел од активностите на СОНК, кои беа предмет на расправа во синдикалните организации на СОНК во основните училишта, секако и како една од актуелните теми беше Нацрт-Концептот за реформи во основното образование. Советот на СОНК, по опширната расправа темелејќи ја на доставените записници од синдикалните организации, констатира дека СОНК ја поздравува иницијативата за реформирање на образованието и смета дека истата е неопходна, но избрзана, без создавање на неопходни услови за непречено одвивање на истата, без претходнo отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ Нацрт-Концепт за реформи во основното образование.

Од погоре наведените причини, Советот на СОНК донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведат пилот училишта во кои би се отпочнала истата и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите.

На оваа седница Советот на СОНК го отвори и прашањето околу веќе објавениот јавен повик за кариерен развој на наставниците во основно образование, поточно за наставници ментори. И по однос на ова прашање, членовите на Советот на СОНК  го поздравуваат овој чекор на МОН, што впрочем е и заложба на СОНК уште со потпишаните колективни договори во кои се предвидени напредувања на наставниот кадар, но смета дека е избрзан чекор, без доволен временски период за аплицирање, дискриминаторски во однос на наставниците во средното образование. Исто така, спротивен  на Правилникот за начинот на формирање на комисиите и нивниот број, проценување  на пристигнатите апликации и документација на наставниците за стекнување на звањето наставник-ментор и наставник-советник, бодирањето на кандидатите, ранг листата, како и начинот на работењето на комисиите.

Советот на СОНК, по однос на овие две многу важни прашања, донесе заклучок дека истите треба да се преточат во документ, кој ќе биде доставен до министерот за образование, а во исто време да се побара и работна средба, на која ќе  се пренесат ставовите на СОНК.

Дел од членовите на Советот го отворија и прашањето за зголемување на работното време на воспитувачите и негувателите во некои градинки односно работно време во група со деца. Заклучокот беше дека треба што поскоро да се искористат правните механизми за одбрана на правата на работниците.

Советот на СОНК беше информиран од страна на претседателот дека Колективниот договор за високо образование и наука е во завршна фаза на изработка и се очекува истиот да биде потпишан во најскоро време.

Заклучоците кои се испратени до МОН може да ги погледнете тука.