ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Чувствуваме за потребно да се обратиме со таканаречено отворено писмо до сите членови на СОНК, а во тој контекст, секако и до раководствата на нашиот Синдикат на сите нивоа (од синдикалните организации, регионалните одбори, па се до највисоките органи на СОНК). Имено, повеќе месеци наназад направени се големи поместувања вкупно во државата и тоа во најзначајните сфери на функционирањето, со што се создадени битни промени во начинот на функционирање на значајните институции од аспект на социјалното партнерство и социјалниот дијалог. Веднаш да напоменеме дека ова не е ново искуство за СОНК, бидејќи такви драстични промени во сферата на функционирањето на органите на власта на сите нивоа во државава во изминативе повеќе од две децении, се случија неколкупати. СОНК особено од времето на неговото радикално реформирање, па се до денес многу успешно ги надминуваше сите ново создадени предизвици и тоа најмногу заради неговиот непроменет, а толку пати применет и проверен принципиелен став на максимално конструктивен и коректен социјален партнер и не отстапување од стратешките и суштински интереси на своето членство. Тоа СОНК го докажа и во времето кога власта ја имале сегашните позициони политички партии, но и кога на власт беа сегашните опозициони политички партии и за тоа имаме непобитни и докази и резултати од таквиот принципиелен и исправен однос на СОНК.

СОНК и сега е исправен пред многу важен предизвик за одбрана на веќе споменатите стратешки и суштински интереси на своето членство, и тоа не заради смена на политичките партии кои сега ја остваруваат власта, туку заради тоа што дел од носителите на исклучителни високи функции на дел од ресорите на национално ниво, кои се на чело на ресори кои се за нас од посебно значење: МТСП, МОН, Министерство за култура и Министерство за финансии. Секако дека нашето членство, како и целата јавност знаат за проблемот со нефункционирање на Економско социјалниот совет – ЕСС, кој е исклучително значаен национален орган во кој се изразуваат интересите на трите социјални партнери во државата (власта, работодавачите и синдикатите) и покрај сите наши укажувања, реакции и слично, за жал и понатаму продолжува целосното пасивизирање, па дури може да се каже на некој начин и исмејување на овој орган.

Законската обврска на претставниците на органите на власта, во случајов на национално ниво, за остварување на социјален дијалог и преговори со репрезентативните синдикати, последните неколку месеци целосно не функционира. Последен пример на таквото крајно незаконско и недемократско однесување и од аспект на меѓународните стандарди, е предлогот на Министерството за финансии за Буџетот за наредната година. Без никаква консултација со социјалните партнери, која да повториме е задолжителна (според Законот за работни односи и Колективните договори), направена е кабинетска проекција во делот на платите за наредната година и на еден крајно неприфатлив начин соопштена на претставниците на работодавачите и на интересен состав на претставници на синдикати (од аспект на тоа дека дел од нив кои не се ни од далеку репрезентативни, а со тоа и нелегитимни за преговори), како и на претставници на невладини и граѓански организации кои по ниеден основ немаат надлежност во делот на правата од работен однос, е соопштена како конечна проекција, а е прифатена од страна на Владата.

 

СОНК во неколку наврати, уште пред повеќе од два месеци, заедно со КСС побара и најави преземање на порадикални средства доколку не дојде до процентуално усогласување на сите плати и во сите дејности соодветно со зголемувањето на висината на минималната плата. Тоа значи зголемување на сегашната основна плата на сите работни места за 19%. Наместо тоа, сега Министерството за финансии и Владата излегуваат со неприфатливи 5% зголемување на платите за градинките, основните и средните училишта во нашите дејности и тоа со септемвриската плата, која треба да се исплати во октомври следната година!!! Не е предвидено никакво зголемување на платите за вработените во културата и високото образование, како дел од нашите дејности, како и во сите останати дејности од јавниот сектор, со исклучок само на здравството и одбраната. Ваквиот потег, сега веќе може да се каже на Владата, значи целосно згаснување на социјалното партнерство и социјалниот дијалог, како и целосно ставање вон сила на колективните договори, кои имаат сила на закон и без никаков законски основ интервенирање во делот на платите што е надвор од било каков правен систем.

Ова беше и главната причина за последната реакција на КСС се разбира и на СОНК, како дел од истата и најава на преземање на сите легитимни и легални средства за решавање на проблемите исклучиво во согласност со законите и колективните договори на нашата држава и секако согласно меѓународните конвенции.

Раководството на СОНК нема да отстапи од цврстите позиции на одбрана на утврдените права со закон и со колективните договори што ги има потпишано нашиот Синдикат и особено во одбраната на најсуштинските права од работен однос на нашите членови:

  • сигурноста на работното место;
  • сигурноста на платите соодветно на сложеноста на работното место и коефициентите според колективните договори и
  • целосна заштита од било какви притисоци по било какви основи и слично.

 

Раководството на СОНК очекува изместените состојби во социјалното партнерство и непочитувањето на законите и колективните договори набрзо да бидат надминати, а во спротивно, наскоро Советот на СОНК, како највисок орган на одлучување, ќе одржи седница на која ќе бидат утрвдени натамошните активности на нашиот Синдикат, со мерки кои ќе бидат преземени соодветно на тоа како ќе се одвиваат натамошните состојби во врска со погоре изнесените проблеми.

Очекуваме и бараме од сите наши членови, цврсто да стојат на конгресните определби на нашиот Синдикат и правата и обврските кои произлегуват од Статутот на СОНК, за што имаме целосна поддршка и од меѓународните синдикални организации, во кои СОНК е редовна членка, како и од сите самостојни слободни синдикати во нашата држава. Особено сакаме да укажеме и да ја потенцираме потребата од цврсто чување на единството и на монолитноста на Синдикатот, бидејќи тоа е од исклучителна важност за остварување на сите наши барања. Посебно треба да се чува во овој момент нашата организација од обидите за нејзино разбивање, а вистинската цел на таквите душегрижници не се за да бидат постигнати некакви повисоки цели, туку само реприза на нешто што веќе е видено пред десетина години (обидот за формирање СОНК при  ССМ, МЕСО и слични артикли….), а сега како што е случајот во културата, каде што претседателот на таквата група, која ја прогласија за синдикат, сега е директор на една од најзначајните културни институции во нашата држава и… толку од ветувањата за големите резултати за другите вработени  во културата.

 

Претседател,

Јаким Неделков




ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

 

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

1 ви мај – меѓународниот ден на трудот, повеќе од 100 години претставува симбол на борбата на работниците за остварување на нивните права за достоинствена работа, за живот, за демократија, за слобода.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија нема да се приклучи кон славењето на овој ден од многу едноставна причина, бидејќи состојбата на работниците во Македонија не е за славење. Заради тоа, ќе кажеме дека го одбележуваме овој меѓународен ден на трудот, на кој ден во минатото борците за работничките права ги дале и сопствените животи во борбата за остварување на човековите права за 8 часа работа, 8 часа рекреација и 8 часа одмор.

Оваа година  1-ви мај во Македонија се одбележува во посебни услови, кога во светот и кај нас се прогласени вонредни услови од пандемија на вирусот COVID-19. Во вакви вонредни услови на живеење и работа, имаме и вонредни мерки предложени и усвоени од Владата, кои одат во правец на намалување на правата на работниците по однос на нивниот  социо-економски статус, како и правото на нормално живеење, работење, функционирање.

СОНК, во повеќе наврати, бараше од Владата да ги преиспита своите Одлуки и воедно да ги повлече сите оние Уредби коишто се однесуваа за намалување на платите на работниците во јавниот сектор, како и укинување на додатоците на плата, коишто се права загарантирани со закон и колективен договор. СОНК, исто така, жестоко реагира и изразува големо незадоволство од Владата, која што практично без никаков социјален дијалог, со репрезентативните синдикати, особено со СОНК, кој што е убедливо најголем синдикат во јавниот сектор, носи Уредби со кои еднострано ги суспендира, односно ги прекршува Законот за работни односи, законите за дејности, колективните договори и меѓународните конвенции, кои го гарантираат правото на плата и додатоци на плата на работниците. СОНК стои на својот став дека, дури и во вакви околности, односно и во вонредна состојба на државата, мора да се почитува правото на социјален дијалог и партнерство, особено кога се работи за вакви осетливи прашања, што се однесуваат на социјалната сигурност на работниците. Исто така, не смееме да го премолчиме фактот што веќе една година Комисијата за утврдување на репрезентативност избегнува да се состане и да утврди, согласно фактичката состојба, репрезентативност на национално ниво на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Оттука, се поставува прашањето зошто не се дава репрезентативност на КСС и дали има некаков договор помеѓу власта и дел од членовите на оваа Комисија?! Веројатно одговорот ви е познат, а резултат на тоа е вистинскиот синдикат кој се залага за зачувување и подобрување на правата на работниците – КСС, да се дистанцира, замолчи и да не му се даде можност да учествува во таканаречениот Економско-Социјален Совет и на таканаречените преговори со Владата, каде што со тежината на своите аргументи ќе ги оправда своите забелешки, сугестии и предлози, во правец на надминување на оваа исклучително тешка положба за целата држава, за работниците, за работодавачите….

Од тие причини, СОНК упатува барање до Владата, оваа, но и идната, со кои што:

  1. Ќе се врати демократијата во синдикалното организирање и дејствување, како и почитување на репрезентативноста на синдикатите.
  2. Ќе се подигне социјалниот дијалог и партнерство на највисоко ниво, согласно домашните закони, колективните договори и меѓународните конвенции.
  3. Владата да обезбеди мерки, со кои што ќе се сведе на минимум отпуштањето од работа на работниците заради моменталната вонредна состојба.
  4. Владата со сериозен пристап да ги разгледа предложените антикризни мерки од Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР.
  5. Владата, сега и во иднина, да се откаже од намерата за кратење на плати и додатоци на плати на работниците, со што би заштедиле средства, со кои ќе се инвестира во последиците од кризата.
  6. Владата да ги искористи сите национални расположливи човечки ресурси, без разлика на партиска припадност, во изнаоѓање на најсоодветни прифатливи решенија за надминување на оваа економска криза.

СОНК е свесен за моменталната ситуација на државата, особено од аспект на нефункционирање на голем дел од приватниот сектор, што предизвикува отпуштање на работници од една страна, како и немање на капацитет за полнење на буџетот, од друга страна. Исто така, свесни сме дека оваа здравствена криза се преточува во светска економска криза, која што несомнено нема да ја заобиколи и нашата држава. Од тие причини, уште еднаш укажуваме на сериозноста на овој проблем и потребата за консензус меѓу политичките субјекти во државата, во однос на изноѓање најдобри економски мерки и решенија, за што е можно побезболно да се надмине кризата. Секако и ние како синдикати се ставаме на располагање, со сиот наш капацитет, заедно здружени и единствени да помогнеме во ваквата ситуација.

Ние сме убедени дека доколку се искористат капацитетите на СОНК и КСС, без се фаворизира некој квази синдикат, кој што од формален карактер се претставува како единствен заштитник на работничките права, тогаш во тој случај ќе имаме многу повеќе шанси за успех и што побезболно излегување од оваа здравствена и економска криза.

Ни престои неизвесен и тежок период, период на отпуштања и економска криза и конечно дојде вистинско време синдикатите во Македонија да го оправдаат името “Синдикат” и цврсто да застанат во одбрана на работничките права.

ДА ЖИВЕЕ 1-ВИ МАЈ, ДА ЖИВЕЕ СОНК, ДА ЖИВЕЕ КСС, ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА – ДА ЖИВЕАТ РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА.

 

 




СИЛНО ПОТВРДЕНО ПРИЈАТЕЛСТВОТО ПОМЕЃУ СИНДИКАТОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА СЛОВЕНИЈА И НАШИОТ СИНДИКАТ

Членовите на Главниот одбор на Синдикатот за образование на Словенија престојуваа во посета на Р.Македонија




“СТРУЧЊАЦИТЕ“ ОД НАСТАВНИЧКИОТ ПЛЕНУМ

РЕАКЦИЈА НА ЕДЕН ОД МНОГУТЕ „СТРУЧНИ“ СОВЕТИ“ ОД НАСТАВНИЧКИОТ ПЛЕНУМ




Од 1 јануари СОНК со ново раководство

Советот на СОНК, на својата последна седница, ги утврди имињата на новоизбраните претседатели на Регионални одбори, кои својата функција ја преземаат од 1 јануари 2022 година. Со ова, завршуваат изборите на сите нивоа во СОНК онака како што беше и планирано, до крајот на оваа година.

На оваа седница Советот расправаше и за актуелните состојби во основното и среднотo образование, односно за процесот на преговарање и утврдување на текстови за измени и дополнување на Колективни договори за основно и средно образование. Презентирано беше дека текстовите во најголем дел се усогласени со МОН, но заради познатите политички случувања преговорите во моментот се прекинати.

Советот на СОНК донесе заклучок во наредниот период да се продолжи  со барањето за потпишување на  Колективните договори и да се отпочне  со усогласување на минималната плата според истите. Ова барање важи и за МТСП, со што би се усогласиле и платите на вработените во детските градинки.




ВЕСТА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК ПРЕКУ ETUCE ДО ЦЕЛА ЕВРОПА

Веста за генералниот штрајк на СОНК е објавена на официјалната веб страна на Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE).

„Штрајкот е секогаш последното средство кога преговорите не успеваат“ – подвлекуваат од ETUCE и упатуваат загриженост за тековните преговори и решавање на проблемот меѓу СОНК и Владата.

Објавата можете во целост да ја прочитате на следниот линк.




СОВЕТОТ НА СОНК ДОНЕСЕ И ЕДНОГЛАСНО ГИ УСВОИ ЗАКЛУЧОЦИТЕ

14-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

Советот на СОНК, во полн состав, на 26-10-2018 година ја одржа својата 14-та редовна седница, на која на дневен ред беа повеќе актуелни состојби од работењето на СОНК, а во надлежност на највисокиот орган на СОНК.

На седницата главен акцент беше ставено прашањето на продолжувањето на социјалниот дијалог , по одржаните средби со министрите во дејностите што ги застапува СОНК, а по неизбежниот прекин на истиот, во период на пред и по одржувањето на референдумот во Р.Македонија. По опширната дискусија, Советот на СОНК донесе заеднички став дека треба да се донесат Заклучоци, кои ќе се испратат до сите  министри, за продолжување на преговорите и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања во сите дејности што ги застапува СОНК, а во надлежност на СОНК, МОН, МТСП и Министерството за култура, што би значело, во дејноста детската заштита, основното, средното и високото образование, науката и во културата.

Советот на СОНК, по однос на ова прашање, едногласно ги донесе следните Заклучоци.




Честит празник – Ден на нашите просветители

Синдикатот на образование, наука и култура – СОНК на сите просветни работници им го честита празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.




КСС И ГРАНСКИТЕ СИНДИКАТИ СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК

Писма за поддршка за Генералниот штрајк на СОНК, кој започна денес 11.04.2022 година, пристигнаа и од КСС и гранските синдикати во земјава. Тие даваат целосна, недвосмислена и безрезервна поддршка за активностите на СОНК во борбата за достоинство, праведност и почит кон трудот на работниците.

Во продолжение можете да погледнете дел од писмата за поддршка:

 

 




Работилница за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 07 и 08 април 2023 година, одржаа работилница во Охрид, за подготовка на акционен план за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа, а во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”.

Присутните членови ги искажаа проблемите со кои се соочуваат на своите работни места, а воедно дадоа иницијатива за формирање на Комисија за жалби за непримена на законот и прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Исто така, беше предложено да се врши едукација на синдикалните претставници преку синдикална школа, како и да се подигнат капацитетите на граѓанските организации и синдикатите во креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Сето погоренаведено ќе помогне да се изготви Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор, која ќе биде доставена до надлежните министерства, со цел подобрување на условите за работа во дејностите што ги застапува СОНК.

Присутните на работилницата ја искажаа потребата од повеќе вакви работилници, обуки и семинари на национално ниво, со единствена цел вработените во овие дејности да се запознаат со правата и обрските од Законот за безбедност и здравје при работа.