КОНГРЕСНИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЈАВНА РАСПРАВА ПРЕД ЧЛЕНСТВОТО НА СОНК

ОДРЖАНА 27-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

На 14-08-2021 година, Советот на СОНК, во проширен состав, ја одржа својата 27-ма редовна седница, на која беа усвоени повеќе Предлог документи за работата на престојниот VII-ми Конгрес на СОНК.

Имено, согласно Статутот на СОНК, Одлуката за одржување на VII-от Конгрес на СОНК и Одлуката за одржување на изборни активности во СОНК на сите нивоа, Советот на СОНК на седницата усвои:

  • Предлог – Извештај за работата на СОНК за периодот од декември 2015 година до септември 2021 година;
  • Предлог Програма за активностите на СОНК за периодот од октомври 2021 до октомври 2026 година;
  • Предлог – Статут за измени и дополнувања на Статут на СОНК;
  • Предлог – Критериуми за избор на Претседател на СОНК;
  • Носење Одлука за број и состав на делегати за VII-от Конгрес на СОНК.

Сите овие документи, најтранспарентно и демократски, впрочем како и досега, ќе бидат на јавна расправа во синдикалните организации на СОНК и секој наш член ќе има право да даде свои забелешки, мислења и предлози по однос на истите. По расправата по овие документи во синдикалните организации на СОНК, која треба да заврши најдоцна до 10-ти септември оваа година, претседателите на регионалните одбори на СОНК, сите издржани предлози ќе ги сумираат и достават до Советот на СОНК, кои ќе бидат вградени во конечните текстови на документите за VII-от Конгрес на СОНК.

На седницата беа отворени и повеќе прашања од интерес на членовите на СОНК од сите дејности и иницирани повеќе чекори за решавање на истите. Советот на СОНК заклучи дека најитно, во соработка со МОН, треба да се отворат и отпочнат преговори за потпишување на колективни договори за основно и средно образование, кои ќе бидат усогласени во делот на платите со минималната плата на национално ниво. Исто така,  беше разговарано да се дојде до договор со преговори, евентуално, со новата концепција во образованието да не се предизвикаат технолошки вишоци, особено во средното образование, како и за исплаќање на прекувремена работа на вработените кои работеа со физичко присуство и имаа зголемен обем на работа.

 




Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) во дводневна посета на СОНК

На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК , на 1ви и 2ри март оваа година, во работна посета пристигна Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) госпоѓа Сузан Флокен.

СОНК е полноправна редовна членка  на  ETUCE повеќе од 2 децении, организација во која што членуваат над 11 милиони членови здружени во повеќе од 150 репрезентативни синдикати од над 50 европски држави.

Во своите редовни активности нашиот синдикат континуирано испраќаше информации во оваа многу важна меѓународна организација од областа на синдикатите за образование со што ја информираше за актуелните состојби во однос на социјалниот дијалог и партнерство помеѓу релевантните социјални партнери, односно МОН и СОНК, како и значењето и почитувањето на репрезентативноста на синдикатите во однос на неговата улога во креирање на образовната политика и реформирањето на образовниот процес во Р.Македонија. Во таа смисла, СОНК укажуваше на незадоволителниот партнерски однос со МОН во рамките на законите и меѓународните конвенции кои ја третираат оваа проблематика.

Во својата посета г-ѓа Флокен оствари работна средба со Министерот за образование и наука,  г-ѓа Рената Дескоска со која што разговараа за прашања поврзани со образованието во Р.Македонија како и за улогата на СОНК како репрезентативен социјален партнер во градењето на образовните реформи, законските измени, условите за работа на просветните работници како и социјалниот статус на вработените во образованието. Во своето обраќање, г-ѓа Флокен подвлече дека цврсто стои зад активностите на СОНК и има полна подршка од Европската конфедерација на синдикатите за образование со што му даде големо признание на нашиот синдикат пред надлежните од МОН и исто така истакна  дека се ќе стори во рамките на нејзините надлежности да придонесе за подобрување на партнерскиот однос помеѓу  двете институции и взаемно почитување од страна на истите.

Во понатамошните активности на високиот синдикален претставник од  ETUCE беа остварени и работни средби со дел од раководството на СОНК, членови на Советот, на кои што подетално се запозна со организациската поставеност на нашиот синдикат, нејзиното функционирање и изворно за проблемите во Регионалните одбори согласно нивните надлежности.




Среќна учебна година




НЕКА ДУХОТ НА НОВАТА 2021 ГОДИНА ВИ ГИ ИСПОЛНИ СРЦАТА СО СПОКОЈСТВО И МИР, А НОВОГОДИШНАТА СВЕТЛИНА ВИ ГО ОСВЕТЛИ ПАТОТ КОН СРЕЌАТА И УСПЕХОТ НА СЕКОЕ ПОЛЕ




ПРЕДЛОГ ТЕКСТОТ НА ОКД Е НЕПРИФАТЛИВ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

На ден 11.07.2023 година, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа 21-та редовна седница на која расправаше за Предлог текстот на Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија – ОКД.

Предложениот текст на ОКД односно предложените проценти на зголемување на платите во јавниот сектор е неприфатлив за членовите на СОНК особено од дејноста образование, па оттука по опширната дискусија Советот на СОНК едногласно донесе Заклучоци и Барања, кои може да ги погледнете ТУКА.




ОДДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛАНА ПОЛИТИКА

ДОНЕСЕН Е ЗАКЛУЧОК НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК ОД ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ




СОНК ќе земе активно учество на најавениот протест на КСС

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија –  КСС, на 15.04.2021 година ќе земе активно учество на социјалниот протест во организација на КСС. СОНК ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека заради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест.

Имено, повеќе од две години на нашата Конфедерација и е одземена законската можност да учествува во креирање на економската политика во државата, од причина што- некој така сака. Две години документите за репрезентативност на КСС седат во некоја фиока во Министерството за труд и социјална политика и се прави класична опструкција врз синдикалното делување на највисоко ниво. Штетата направена врз гранските синдикати, здружени во КСС е огромна и непроценлива.

И како ова да не е доволно, па се посегна по раководството на синдикатот. Бројни се примерите на раскинување на договори за работа (бркање од работа) од страна на работодавачите врз синдикалните лидери на сите нивоа. Најпрво се отпочна со бркање од работа на претседателот на конфедерацијата, а потоа и на претседатели на грански синдикати при КСС, претседатели на синдикални организации, активни членови……  Дел од нив се деградирани со преместување од постоечките работни места на пониски работни места, за повеќе нивоа,  други се  преместени на работни места оддалечени и повеќе од 100 километри од местото на живеење, а некои пак деградирани со намалување на работни задачи  и т.н.

Сето ова се прави со цел да се спречи синдикалното организирање и дејствување на КСС и гранските синдикати во неа, неводејќи сметка дека пред сe, со ваквите постапки, се гази врз достоинството на човекот, се уништуваат цели семејства, се прекршуваат повеќе закони и колективни договори, меѓународни конвенции…… Дали со ваквиот жесток притисок врз синдикатите и синдикалните лидери и активисти се прави обид да се задуши синдикализмот во државата? Дали се прави обид во државата да има место само за “подобни” синдикати и “невладини” организации? Дали со ваквиот однос на  “социјалните” партнери спрема КСС и гранските синдикати во КСС некој мисли дека ќе го замолчат КСС и повеќе нема да бара почитување на Законот за минимална плата и усогласување на колективните договори во согласност со споменатиот закон? Дека повеќе нема да бара 100% исплата на плата заради боледување или изолација од Ковид -19? Дека нема кој да бара зголемување на платите и излез од длабока сиромаштија и борба за гола егзистенција? Дали се смета дека притисоците врз инспекторатите и судиите да носат записници и одлуки по мерка на работодавачите ќе го обесхрабри и скрши КСС?

Секој што мисли дека со притисоци, бркање од работа, спречување на синдикалното организирање и дејствување ќе ја спречи борбата за остварување на работничките права, многу се излажал. КСС е премногу голем и силен и може да се одбрани од секакви напади.

Слоганот на протестот гласи „ДОСТА Е …… ПРЕТЕРАВТЕ“.

И навистина е доста. Вака, со вакви „демократски” методи не се оди во Европа. Меѓународната заедница будно ги следи демократските процеси во државата, како и меѓународните синдикални пријатели, европската и светската конфедерација на синдикати. Меѓународната организација на трудот подготвува тужба против Владата на Република Македонија. Навистина е ДОСТА, велат работниците, но и младината што секојдневно ја напушта татковината, разочарана од системот.

СОНК ги повикува своите членови да излезат на закажаниот протест и со своето присуство да дадат поддршка на заедничката синдикална борба  за остварување на своите права и подобро утре.




ТУРИСТИЧКИТЕ АРАНЖМАНИ НА Т.А.СКАУТ ОТСЕГА И ВО СИНДИКАЛНАТА ПОНУДА НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Туристичката агенција СКАУТ потпишаа Договор за деловна соработка.

Со овој договор, на членовите на СОНК им се овозможува купопродажба на туристички услуги од асортиманот на Т.А. СКАУТ, по повластени цени, на одложено плаќање, без камата, преку задршка од плата.

Повеќе детали околу актуелните понуди на Т.А.Скаут можете да погледнете на следниот линк.

 




ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL – ПОДДРШКА, МЕНТОРСТВО И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ПОЧЕТНИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Со задоволство Ве известуваме дека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го започнува Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at SchoolYouWell, во соработка со братскиот синдикат Подкрепа, како и останати партнери од Бугарија, Белгија и Словенија.

Проектот ќе трае 24 месеци, за кој период наставниците со искуство ќе имаат обука за менторство, со цел воведување и професионално усовршување на наставници почетници, кои штотуку влегуваат во наставничката професија.

Ефективното менторство на наставниците почетници може да заштеди време и трошоци, зголемувајќи ја ефективноста, задоволството од работата, задржувањето и привлечноста на професијата.

Целта на проектот е наставниците почетници да се чувствуваат безгрижно во нивното професионално патување и да развијат силна мотивација и компетенции да останат во избраната професија.

Повеќе информации за проектот можете да добиете на следните линкови:

www.youwellproject.eu – официјална веб страна на проектот

https://www.facebook.com/youwellproject – официјална facebook страна на проектот




СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ ЕДИНСТВЕН КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК