ПОТПИШАНИ ЗАПИСНИЦИ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТЕН ОДНОС ВО ОПШТИНИТЕ КУМАНОВО, СТАРО НАГОРИЧАНЕ, РАНКОВЦЕ, КРАТОВО, КРИВА ПАЛАНКА И ЛИПКОВО

Во текот на месец Февруари 2022 година, претседателот на Регионалниот Одбор на СОНК- Куманово, Никола Стојмановски, како член на Комисиите за трансформација на работниот однос во Општините Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово, Крива Паланка и Липково има потпишано повеќе Записници за трансформација на работниот однос во основните и средните училишта и тоа: за 10 лица од основните и 1 лице од средните училишта.

Воедно, во изминатиот период, претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Куманово го одржа првиот состанок со новоизбраните претседатели на синдикални организации. На работната средба беа избрани членови на Надзорен одбор и нивни заменици, како и членови во Советот на СОНК по структура.

На работната средба се разговараше за проблемите и незадоволството во основно и средно образование. Исто така, се дискутираше за  работното време во градинките, кое се разликува во различни установи и за кое треба да се изнајде решение.

Регионалниот одбор на СОНК- Куманово дава силна поддршка на Заклучоците донесени на првата седница на Советот на СОНК и бара утврдување на финален текст на колективните договори за основно и средно образование, нивно потпишување и доследно почитување на истите, во спротивно бара да се отпочне со подготовки за организирање на генерален штрајк.




О.О.У. БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ ОД СКОПСКИ АЕРОДРОМ – ДОМАЌИН НА ДИРЕКТОРОТ НА ETUCE И РАКОВОДСТВОТО НА СОНК

О.О.У. Браќа Миладиновци од скопски Аеродром – домаќин на директорот на ETUCE и раководството на СОНК

 

Директорот на европската Конфедерација на синдикатите за образование, г-ѓа Сузан Флокен, придружувана од раководството на СОНК, беше во посета на општинското основно училиште ”Браќа Миладиновци” од Скопје, каде што имаше можност да поразговара со директорот на училиштето, г-динот Тони Димов и со членовите на синдикалната организација на СОНК од оваа установа.

Од страна на директорот бевме информирани за работата на училиштето кое е единствено во градот Скопје, што успешно работи со две наставни програми, националната програма и меѓународната IB програма. Тој ни посочи за потешкотиите во нивното работење и реализација на законските обврски, но воедно и искажа позитивни ставови во однос на ангажираноста и високиот професионализам на вработените во тоа училиште, што резултира со одлични резултати кај учениците. Тој, исто така, го подржува ангажирањето на СОНК за  подобрување на социјалниот статус на вработените, особено за неговото училиште, при што побара помош и подршка од СОНК за изнаоѓање на законско решение за наградување на вработените кои работат по споменатите две програми.

Претседателот на синдикалната организација на СОНК, г-ѓа Анета Велкоска, во кратки црти ни ја опиша работата во оваа синдикална организација, партнерскиот однос со директорот на училиштето, активното учество во Регионалниот одбор на СОНК, како и за статутарното право на секој од членовите, преку синдикалната организација, да може да даде придонес во севкупното работење на СОНК. Во дискусијата, од страна на повеќе членови на синдикалната организација, беше кажано дека се задоволни од работењето на нивната организација, но побараа поголемо ангажирање од сите оние коишто имаат законска можност да придонесат за подобрување на платите во образованието, подобрување на условите за работа, како и подобрување на законските решенија во основното образование.

Г-ѓата Сузан Флокен беше воодушевена од работењето на училиштето и од посветеноста на сите вработени, а особено на наставниците за реализација на наставните програми.  Таа се согласи дека просветните работници во Македонија заслужуваат многу повеќе во однос на личните доходи, вложување во инфраструктурата во училиштата, наставните средства и помагала, едукација на наставниците, а особено за вакви училишта кои што реализираат две наставни програми.

 




ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ                 ОРГАНИЗАЦИИ НА СОНК ОД ГРАДИНКИТЕ

ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

Раководството на СОНК на 24.08.2018 година одржа работна средба со претседателите на синдикалните организации на СОНК од детска заштита – градинките, на која што присуствуваа најголемиот дел на раководството од оваа дејност.
Исто така, на оваа работна средба беше поканет да присуствува и министерот за труд и социјална политика или овластени лица од страна на министерот, но за жал, на истата не присуствуваше министерот, ниту имаше образложение за неприсуство на претставниците од ова министерство.

На работната средба се отворија повеќе прашања и проблеми со кои што се соочуваат вработените, членови на СОНК од дејноста заштита на деца. Имено, главен акцент беше ставен на игнорантскиот однос од страна на ова министерство, поточно немањето социјален дијалог и партнерство со што би се надминале повеќето проблеми во детските градинки. Беа отворени и прашањата по однос на условите за работа во детските градинки како за вработените така и за децата кои што престојуваат и немањето услови за работа со двојно или тројно зголемен број на деца и непочитување на нормативите и стандардите утврдени во законските акти за оваа дејност.
Исто така, на работната средба претставниците го пренесоа незадоволството на вработените од детските градинки по однос на социјалниот статус, кое е на најниско ниво, како во државата така и во нашето опкружување. Со зголемување на најниската плата на национално ниво, еднострано е суспендиран веќе потпишаниот колективен договор, каде што за секое работно место е утврден соодветен коефициент, со што неколку работни места се изедначуваат со платите, а истите се приближуваат до носителите на дејноста.
По исцрпната дискусија на голем број вработени во градинките, на крајот од работната средба се донесе Заклучок дека, доколку овие погоре посочени проблеми најитно не се решат по пат на социјален дијалог, раководството на СОНК да организира генерален штрајк во оваа дејност. За овие и други прашања што се во надлежност на СОНК, Советот на СОНК ќе расправа на редовна седница што ќе се одржи на 31.08.2018 година, на која ќе се донесе конечна Одлука за организирање на штрајк во детските градинки во Република Македонија.




Документи усвоени на 6-от Конгрес на СОНК

ДОКУМЕНТИ УСВОЕНИ НА 6-от КОНГРЕС НА СОНК




ОДРЖАН ЈАВНИОТ ПРОТЕСТ НА СОНК ПРЕД ВЛАДАТА

ОДРЖАН ЈАВНИОТ ПРОТЕСТ НА СОНК ПРЕД ВЛАДАТА

СОНК НЕ ОТСТАПУВА ОД БАРАЊАТА НА ЧЛЕНСТВОТО

 

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најброен грански синдикат, учествуваше на најавениот Јавен протест, организиран од страна на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, како репрезентативен синдикат во јавниот сектор, кој што се одржа на 8-ми јуни оваа година.

КСС, секако и СОНК, во изминатиов период одржаа неколку регионални протести, во повеќе градови низ нашата држава, но истите останаа без резултати, односно Владата немаше слух за легитимните  барања на вработените од јавниот сектор и ниту еднаш не изрази спремност да разговара со синдикатот. Од тие причини се донесе одлука за организирање на овој масовен протест. И во оваа прилика, да се потсетиме на Барањата, упатени до сите релевантни фактори во нашата држава, кои  се :

  • подигнување на степенот на социјалниот дијалог и партнерство со репрезентативните синдикати;
  • безусловно почитување на законите и колективните договори;
  • зголемување на платите во сите дејности, согласно зголемување на минималната плата на национално ниво, односно зголемување за 25%;
  • учество на репрезентативните синдикати во планираните реформи во јавниот сектор, особено во образованието;
  • во дејности каде што нема, склучување на колективни договори.

И покрај огромните индивидуални и генерални притисоци : на уредно поканетите медиуми за одржување на прес конференција на КСС и на СОНК, беа опструирани и немаше присутен ниту еден новинар. Со ваквата постапка цениме дека имаше обид за спречување на слободата на говорот и известување на јавноста и нашите членови за протестот. Исто така, денот на одржувањето на протестот- сабота, Владата го прогласи за работен ден за сите вработени во јавниот сектор од Скопје, со што уште еднаш се направи обид за опструкција, обид за да се спречат многу наши членови да излезат и јавно да го искажат своето незадоволство, пред се од социјалниот статус.             Протестот се одржа во Скопје пред Владата, на кој зедоа учество околу 6.000 членови на гранските синдикати при КСС, секако со најголем број на членови од СОНК.

Доколку во краток временски период нема резултати, по однос на барањата од страна на нашиот синдикат, Советот на СОНК ќе одржи седница, на која ќе бидат разгледани сите можни идни чекори и активности, кои СОНК ќе ги преземе за остварување на зацртаните барања, не исклучувајќи ја можноста и за носење Одлука за организирање и одржување на генерален штрајк во сите дејности што ги застапува нашиот синдикат.

 

 

 




ДОНЕСЕНИ ОДЛУКИ ЗА РЕДОВНИ ИЗБОРИ ВО СОНК

ОДРЖАНА 26-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

Највисокиот орган на СОНК, Советот на СОНК во проширен состав, на својата редовна 26-та седница, која се одржа на 16.06.2021 година, по извршените детални анализи, донесе Одлуки за распишување на редовни избори во СОНК на сите нивоа.

Имено, водејќи сметка во услови на пандемија, која недозволуваше да се одржат редовните изборни активности во 2021 година, Советот на СОНК имаше донесено Одлука за пролонгирање на изборите во СОНК на сите нивоа, донесена на 23-та редовна седница, која се одржа на 04.09.2020 година. Ценејќи ги сегашните услови кога пандемијата е во опаѓање, Советот на вчерашната седница оцени дека Одлуката за пролонгирање на изборите на сите нивоа, треба да се стави вон сила , со што се  создаваат можности за распишување на редовни избори во СОНК.

Согласно Статутот на СОНК, Советот едногласно ги донесе следниве Одлуки:

-Одлука за одржување на VII-от редовен Конгрес на СОНК, кој ќе се одржи во месец октомври 2021 година;

-Одлука за датум и место на одржување на VII-от редовен Конгрес на СОНК, за кој Советот одлучи истиот да се одржи на ден 16.10.2021 во Скопје;

-Одлука за распишување на избори во синдикалните организации и региналните одбори на СОНК, кои активности во синдикалните организации треба да започнат на 18.10.2021 година, а да завршат најдоцна до 01.12.2021 година. Активностите во регионалните одбори да започнат на 01.12.2021 година, а да завршат најдоцна до 20.12.2021 година и

-Предлог дневен ред за работата на VII-от редовен Конгрес на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.

Советот оцени дека за одржување на состаноците во синдикалните организации и регионалните одбори, потребен е краток Извештај за работата на СОНК,  за мандатен период од декември 2015 до јуни 2021 година, којшто ќе им биде од помош на претседателите за реализација на состаноците. На овие состаноци, кои треба да се одржат во наредниов период,  освен Извештајот, пред членството треба да се презентираат и  донесените Одлуки од страна на Советот на СОНК.




СОВЕТОТ НА СОНК НА 05-09-2015 ГОД. ЈА ОДРЖА I-ТА СЕДНИЦА ВО НОВ СОСТАВ

VI- ОТ КОНГРЕС НА СОНК ОДЛУЧЕНО ДА СЕ ОДРЖИ НА 12 ДЕКЕМВРИ 2015 ГОДИНА




Втора редовна седница на Советот на СОНК

ПРЕТСТОИ ИНТЕНЗИВНА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА ВО СОНК




ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК

На ден 29.03.2022 година, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 4-та редовна седница, на која изврши детална анализа на Записниците од одржаните состаноци на ниво на синдикални организации на СОНК, а во врска со носење Одлука за Генерален штрајк.

На седницата, неминовен беше заклучокот дека Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и дека во изминатиот период оствари повеќе средби, како со Владата, така и со социјалните партнери МОН И МТСП, за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. Но, за жал, во овој временски период, по однос на нашите барања, нема никаков резултат.  Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања.

По опширната расправа на седницата, земајќи го во предвид  изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање на штрајк, Советот на СОНК едногласно донесе Одлука за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би започнал на 11.04.2022 година.

Советот ги задолжи регионалните одбори на СОНК да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би се одвивал во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени. Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени  во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат.

СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови.

Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски. ЗАДОВОЛНИ И МОТИВИРАНИ ПРОСВЕТНИ РАБОТНИЦИ, ПОКВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ И ВОСПИТАНИЕ, ЗАДОВОЛНИ РОДИТЕЛИ, ПРОСПЕРИТЕТНО ОПШТЕСТВО.

Се зависи од нас………




ОДРЖАНА ТРЕТАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

УСВОЕН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ОДРЖАНИТЕ СЕМИНАРИ СО ЧЛЕНОВИТЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК