Втора редовна седница на Советот на СОНК

ПРЕТСТОИ ИНТЕНЗИВНА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА ВО СОНК




СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ја информира јавноста дека активно ќе земе учество во организирање и спроведување на јавниот социјален протест, што ќе се одржи во Кичево на 23 февруари 2019 година, во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС.
Членовите на СОНК, особено се заинтересирани за изразување на своето незадоволство од следните причини:
– Поради енормно ниските плати на вработените во детските градинки, основното, средното, високото образование, науката и културата во Македонија.
– Затоа што со зголемување на минималната плата на национално ниво не се зголемуваат платите на сите работни места согласно коефициентите утврдени со колективните договори.
– Затоа што не е исполнето ветувањето на високи функционери во Министерството за труд и социјална политика за зголемување на платите во градинките, започувајќи од 01.01. 2019 год.
– Затоа што СОНК, како релевантен социјален партнер на МОН, не е вклучен во делот на изготвување на закони за основно и средно образование, како и поради планирање на реформи во средното стручно образование, со што се очекува таквите планирани реформи да предизвикаат голем број на работници да се стекнат со статус на технолошки вишок.
– Затоа што надвор од елементарната логика е скратено правото на додаток за трошоци за превоз до и од работното место, каде што голем број на вработени од нашите дејности издвојуваат и до 1/4 од својата скромна плата.
– Затоа што не постои колективен договор за високо образование и наука, повеќе од две децении, со што би се воспоставил ред во дејноста високо образование и наука.
– Затоа што се прави обид предлог колективниот договор за култура, кој што беше на јавна расправа и беше прифатен од СОНК и Министерството за култура, да се негира и да се подметне друг колективен договор, за кој што немаме релевантна информација кој е изготвувачот. Со тоа продолжува хаосот во дејноста култура и покрај најавите од министерството дека до крајот на март 2019 година ќе има нивелација на платите на вработените во културните установи, иако знаеме дека во овој период тоа не е возможно заради престојните претседателски избори.
– Затоа што за СОНК неприфатлива е идејата за трансфер на работниците од образование, наука и култура во приватен сектор.
– Затоа што СОНК како репрезентативен синдикат во образованието, науката и културата, нема да дозволи никакви реформи во овие дејности, коишто нема да бидат во полза на своите членови.
СОНК дава силна поддршка на раководството на КСС во барањето за отпочнување преговори за изменување и дополнување на Општиот Колективен договор за јавен сектор, со што ќе се дефинираат некои прашања и ќе се подигнат некои права на работниците вработени во јавниот сектор, вклучително и во образованието, науката и културата, а особено за враќање на стекнатото право за регрес за годишен одмор, јубилејни награди, воведување на 13 плата и други додатоци на плата.
Поради овие и многу други причини, СОНК ќе земе масовно учество на јавниот протест, за што го повикува сопственото членство, членовите на семејствата на нашите членови, останатите синдикати во државата, невладините организации и сите граѓани, кои ја препознаваат искрената заложба на нашата организација за подигнување на социјалниот и економскиот статус, како и за враќање на достоинството на вработените во дејностите образование, наука и култура.




СОНК ПОБАРА ОД МОН ДА СЕ ЗЕМАТ ВО ПРЕДВИД ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ

По барање на СОНК, денес во просториите на МОН се одржа работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска. На оваа средба се дискутираше за реформите во основното образование, како и кариерниот развој на наставниците. Од страна на СОНК беа презентирани и елаборирани Заклучоците од 24-та седница на Советот на СОНК, а исто така, беа дадени конструктивни и аргументирани забелешки за споменатите прашања.Убедени сме дека од страна на МОН ќе бидат прифатени забелешките на СОНК, со што ќе се изнајдат можности за подобро реформирано основно образование, како и пореални услови сите наставници и стручни соработници да имаат можност да конкурираат и напредуваат во својата кариера.




ПИСМА СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК ПРИСТИГНАА И ОД БРАТСКИТЕ СИНДИКАТИ

Поддршка на СОНК за најавениот штрајк, кој ќе започне на 11.04.2022 година, пристигнува и од братските синдикати од целиот регион.

Во продолжение ви пренесуваме дел од писмата за поддршка:

 




Учесниците од СОНК успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор

Во рамки на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година, во Софија, 15-те наставници кои беа избрани од Македонија, Бугарија и Словенија за имплементација на овој проект,  успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор.

Обуката “Mentoring through coaching” беше  реализирана од страна на тимoт на организациите: National Management School од Бугарија и New Mindset Coaching & Training од Белгија.  Истата имаше за цел следење и поддршка на наставници кои се нови во професијата во овие земји, односно поддршка на свои колеги кои се на почеток на својата кариера како наставници, а практичната реализација на стекнатите знаења од обуката ќе започне од месец октомври 2023 година.

Програмата имаше за цел да создаде поддршка и мотивација за подобра меѓусебна соработка и развој на вештини кои се потребни за следните чекори.

Во овие 5 дена, во просториите на Social Innovators во Бугарија, учесниците го започнаа своето патување и мотивирано се впуштија во откривање и учење, каде главниот фокус беше ставен на развивање суштински вештини за „обучување“ кои излегуваат надвор од училницата – вештини за живот! Овие вештини за „обучување“ ќе ги поттикнат сите учесници во програмата да станат уште подобри комуникатори, слушатели и решавачи на проблеми, што е основа за личен и професионален развој. Преку примена на иновативниот формат “Clarity Check-in Series” беше воведена техниката на емпатија и разбирање меѓу наставниците – едукатори, а преку креативните картички за проектот DiArc се поттикнуваа креативноста и имагинацијата, овозможувајќи им на учесниците да размислуваат “надвор од кутијата” и да истражуваат нови перспективи. Игрите со LEGO се покажаа како неочекувана алатка за помагање на обучуваните наставници – едукатори да ги идентификуваат своите цели и да се замислат себеси како ефикасни наставници – едукатори. На општо задоволство на сите, се изгради една заедница на високо-мотивирани наставници – едукатори, подготвени да остават трајно влијание во образовниот процес.

Патувањето продолжува од месец октомври, кога овие 15 наставници – едукатори ќе започнат со работа во своите земји, со своите колеги и ќе продолжат на оваа нова патека на менторство која се открива пред нив.




ПОТПИШАНА СПОГОДБА ПОМЕЃУ СОНК И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

ПОТПИШАНА СПОГОДБА ПОМЕЃУ СОНК И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

Почитувани,
на следниот линк превземете ја спогодбата помеѓу СОНК и Министерството за култура:

Спогодба СОНК и Министерството за култура




ОДРЖАН МАСОВЕН ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ШТРАЈК НА СОНК

ОДРЖАН   МАСОВЕН   ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ  ШТРАЈК  НА  СОНК

Во текот на вчерашниот ден, 2-ри септември, почетокот на учебната година, врз основа на Одлуката на Советот на СОНК, донесена на 19-та редовна седница на ден 23-08-2019 година, во  синдикалните организации на СОНК од основното и средното образование, се одржа еднодневен предупредувачки штрајк.

Самата организација на предупредувачкиот штрајк, со сите пропратни материјали и најави за одржување, како и денот на одржување на истиот, со однапред договорениот тек во Упатството, доставен од страна на СОНК, помина на  достоинствено ниво. Исто така, вредно е да се напомене дека на предупредувачкиот штрајк немаше поголеми притисоци од власта на сите нивоа, почнувајќи од училиштата, локалните самоуправи и на централно ниво.

Од извештаите поднесени до штрајкувачкиот одбор на СОНК, од страна на претседателите на регионалните одбори на СОНК, во својство на претседатели на штрајкувачкиот одбор на ниво на секој Регион, може да се заклучи дека Одлуката на Советот на СОНК, со мали исклучоци, е испочитувана од сите синдикални организации на СОНК, но и поголем број од вработените кои не се членови на СОНК, кои по пат на солидарност се приклучија кон предупредувачкиот штрајк.

За овој еднодневен предупредувачки штрајк на СОНК и Барањата на Советот на СОНК, во знак на безрезервна поддршка, до СОНК во писмена форма пристигнаа многубројни писма со поддршка од страна на родители, членови на синдикални организации од дејноста предучилишно образование – детските градинки и културата, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, од сите грански синдикати на КСС, како и од синдикати за образование со кои СОНК има воспоставено билетерални односи од Република Србија,  Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Албанија, Косово, Република Српска,  и Европската Конфедерација на синдикати за образование – ETUCE, за што сме им бескрајно благодарни.

Наредниот период од еден месец, поточно во текот на месец септември, за Советот на СОНК, согласно Одлуката е период во кој, по пат на преговори, а во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство со Министерството за образование, се очекува да се постигне договор за висината на процентот и периодот на реализација на зголемување на платите на вработените во основното и средно образование.

Во овој период се очекува СОНК и МОН да го отворат прашањето за потпишување на Колективен договор за високо образование и наука.

Во почетокот на месец октомври, Советот на СОНК ќе одржи седница, на која ќе се разгледа исходот на преговорите со МОН, по однос на зголемувањето на платите во сите сфери на образованието и зависно од истиот ќе донесе одлука за натамошните чекори на СОНК.

 

 

 




КОНГРЕСНИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЈАВНА РАСПРАВА ПРЕД ЧЛЕНСТВОТО НА СОНК

ОДРЖАНА 27-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

На 14-08-2021 година, Советот на СОНК, во проширен состав, ја одржа својата 27-ма редовна седница, на која беа усвоени повеќе Предлог документи за работата на престојниот VII-ми Конгрес на СОНК.

Имено, согласно Статутот на СОНК, Одлуката за одржување на VII-от Конгрес на СОНК и Одлуката за одржување на изборни активности во СОНК на сите нивоа, Советот на СОНК на седницата усвои:

  • Предлог – Извештај за работата на СОНК за периодот од декември 2015 година до септември 2021 година;
  • Предлог Програма за активностите на СОНК за периодот од октомври 2021 до октомври 2026 година;
  • Предлог – Статут за измени и дополнувања на Статут на СОНК;
  • Предлог – Критериуми за избор на Претседател на СОНК;
  • Носење Одлука за број и состав на делегати за VII-от Конгрес на СОНК.

Сите овие документи, најтранспарентно и демократски, впрочем како и досега, ќе бидат на јавна расправа во синдикалните организации на СОНК и секој наш член ќе има право да даде свои забелешки, мислења и предлози по однос на истите. По расправата по овие документи во синдикалните организации на СОНК, која треба да заврши најдоцна до 10-ти септември оваа година, претседателите на регионалните одбори на СОНК, сите издржани предлози ќе ги сумираат и достават до Советот на СОНК, кои ќе бидат вградени во конечните текстови на документите за VII-от Конгрес на СОНК.

На седницата беа отворени и повеќе прашања од интерес на членовите на СОНК од сите дејности и иницирани повеќе чекори за решавање на истите. Советот на СОНК заклучи дека најитно, во соработка со МОН, треба да се отворат и отпочнат преговори за потпишување на колективни договори за основно и средно образование, кои ќе бидат усогласени во делот на платите со минималната плата на национално ниво. Исто така,  беше разговарано да се дојде до договор со преговори, евентуално, со новата концепција во образованието да не се предизвикаат технолошки вишоци, особено во средното образование, како и за исплаќање на прекувремена работа на вработените кои работеа со физичко присуство и имаа зголемен обем на работа.

 




ПОТПИШАН НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО ДЕЈНОСТА ПРЕДУЧИЛИШНО ЗГРИЖУВАЊЕ И ВОСПИТАНИЕ НА ДЕЦА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Министерството за труд и социјална политика – МТСП потпишаа нов Колeктивен договор во дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца.

По интензивни преговори на работните групи на СОНК и МТСП и со потпишување на овој колективен договор се решаваат голем број од предизивиците со кои се соочивме во минатиот период и се оди уште еден чекор понапред во зголемувањето на правата и условите за работа на работниците од оваа дејност.

Како резултат на добриот социјален дијалог и доверба помеѓу двата социјални партнери, успеавме да ги зголемиме платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15% и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите во иднина.

Континуиран раст на платите, со секое зголемување на минималната плата, ќе добијат и помошно – техничките лица, со новата договорена формулација за нивните плати, во овој колективен договор.

Со новиот колективен договор се надмина повеќегодишниот проблем со работното време на воспитувачите и негователите, односно им се дава можност за реализирање на другите програмски активности во други просторни средини, во установата или надвор од неа.

За членовите на СОНК се обезбедува регрес за годишен одмор, право коешто за прв пат го добиваат нашите членови и кое ќе отпочне со примена од 2023 година.

Исто така, за членовите на СОНК се воведува надоместок за работа во група со зголемен број на деца, надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишно воспитание и образование, преку иновативни и креативни активности во дејноста, надоместок за јубилејни награди за работа во градинката, како и други надоместоци и додатоци.

Покрај овие права, за членовите на СОНК се воведува и четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се предвидува учество во повеќе комисии во установата, заштита на синдикалниот претставник, а се зголемуваат и правата за време на штрајк.

Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот, се воспоставува право на приправникот да го полага приправничкиот испит по втор пат, а исто така се зголемуваат и роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.

Иако, за жал, не успеавме да го регулираме правото на плата на административните работници, бидејќи истата се регулира со Законот за административни службеници, сепак тие може да ги користат сите останати придобивки од овој колективен договор, како наши членови од оваа дејност, а во овој контекст би го издвоиле надоместокот за вршење на дополнителни работи и работни задачи надвор од систематизираното работно место.

Како Синдикат покажавме дека се бориме и понатаму ќе се бориме за правата на своите членови, кои заслужуваат подобри услови за работа, подобар социјален живот, поголеми синдикални, социјални и работнички права.

СОНК секогаш имал слух и разбирање за потребите на своите членови, а Колективниот договор е потврда за нивно почитување и фундамент за понатамошни заложби на СОНК и МТСП.




УСТАВОТ ГО ГАРАНТИРА ШТРАЈКОТ, А ЗА МИНИСТЕРОТ – ТОА Е СРЕДСТВО ЗА УЦЕНА

РАЗГЛЕДУВАЈЌИ ГИ НАЈНОВИТЕ СОСТОЈБИ ВО ВРСКА СО ГЕНЕРАЛНИОТ ШТРАЈК СОВЕТОТ НА СОНК ГИ ДОНЕСЕ СЛЕДНИВЕ ЗАКЛУЧОЦИ

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. М. ( СОНК ), на попладневната седница одржана на 29-01-2015г, разгледувајќи ги најновите состојби во врска со Генералниот штрајк, по неколку часовна расправа ,едногласно ги донесе следниве

З А К Л У Ч О Ц И

    1. Советот во целост ги прифати јасните пораки од страна на сите синдикални организации на СОНК, кои осми ден се во штрајк, за продолжување на Генералниот штрајк, се додека ресорните министерства не започнат социјален дијалог со СОНК и додека не се договорат заеднички прифатливи решенија по Барањата.
      Советот исто така, едногласно ја изрази и неговата цврста определба за почитување на изразената подготвеност на членовите, без разлика колку долго ќе трае штрајкот, истите да истраат со одржување на истиот, се додека не се постигнат прифатливи решенија.
    1. Врз основа на информациите добиени од Регионалните одбори на СОНК, со податоци за конкретни синдикални организации во повеќе установи, се констатира дека бројот на истите, кои дополнително се вклучуваат во штрајкот, е се поголем, како и значаен број на нови зачленувања во Синдикатот, што е многу јасен аргумент дека СОНК успева да ја докаже исправноста на постапката за започнување на штрајкот и оправданоста на барањата и покрај големите притисоци и очигледната медиумска војна против СОНК од најголемиот број на електронски медиуми.
    1. Советот оцени дека предлогот даден од страна на Министерот за образование и наука за прекинување на штрајкот , како услов да се продолжи со преговорите со СОНК, е само уште еден непобитен доказ за непочитување на Уставот и законите во Р. М. и тоа од многу високо државно ниво и отфрлајќи го овој предлог изразува очекување дека многу брзо ќе биде сфатен исклучителниот и многу погрешниот начин на притисоци врз СОНК и набрзо, согласно Уставот и законите, ќе престане бојкотот на законската обврска за преговори.
      Советот, исто така, изрази жалење за изјавите на Министерот , во врска со толкувањата на законите во делот на исплата на дневниците за деновите во штрајк, со што ги пречекори дури и своите надлежности со јавно изнесената негова одлука дека тоа ќе го направи СОНК! За ова прашање СОНК ќе изготви посебен документ ,со кој, согласно законските прописи, ќе утврди чија е обврската за плаќање на дневниците за време на штрајк.
    1. Советот на СОНК, врз основа на констатациите дека секој ден евидентно се зголемува поддршката на СОНК за штрајкот и оправданоста на Барањата, од страна на огромен број родители, средношколци, студенти, универзитетски професори и др., како и голем број на невладини и непартиски организации, го овласти најтесното раководство на СОНК, да стапи во контакт со истите, со цел да биде договорен начинот на кој може да ја конкретизираат нивната поддршка на СОНК. Во таа смисла Советот го реафирмира досегашниот принципиелен став за неучествување во политичко -партиски прашања, но ќе ја прифати поддршката на сите кои се легитимно организирани, врз основа на законите во државата и кои му изразуваат, исто така, легитимна поддршка на СОНК.
    1. Советот расправаше и по предлозите , а од некои Региони формулирани како барања до Советот, за преземање на поенергични легитимни мерки, вклучително и организирање на централен протест во Скопје, или пак ,протести во поголемите градови и врз основа на тоа заклучи, Регионалните одбори наредните неколку денови, да извршат консултација со членството и врз основа на истото, Советот на СОНК да донесе конкретна одлука, на нова седница која ќе се одржи на 1-ви февруари
    1. Се задолжува Стручната служба на СОНК, овие Заклучоци да ги достави до ресорните министерства, Интернационалата за образование, Европската конфедерација, Меѓународната организација на трудот, Комисијата на европската унија во Скопје, како и до сите синдикални организации, преку Регионалните одбори на СОНК.
    1. Овие Заклучоци влегуваат во сила, со денот на нивното донесување.

Претседател
Јаким Неделков

СЛЕДНА СТАТИЈА

СОВЕТОТ НА СОНК ЕДНОГЛАСЕН: ТРПЕНИЕТО И КОРЕКТНОСТА НЕ СЕ БЕСКОНЕЧНИ

ПРЕТХОДНА СТАТИЈА

ДЕМАНТ