ОДРЖАН СОСТАНОК НА ФОКУС-ГРУПАТА ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „AI NAVIGATORS“

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на ден 05.12.2024 година, одржа состанок на фокус – групата во рамките на Erasmus+ проектот: „Навигатори на вештачка интелигенција: зајакнување на наставниците за ерата на вештачката интелигенција“ („AI Navigators: Empowering Teachers for the AI Era”), 2024-1-MK01-KA220-SCH-000253777).

На состанокот се водеше интерактивна дискусија во пријатна и инспиративна атмосфера и се споделија информации за предизвиците со кои се соочува образованието, а во врска со вештачката интелигенција.

Воедно, учесниците во фокус – групата дадоа свое мислење, како алатките со вештачка интелигенција можат најдобро да се интегрираат во образовниот процес. Исто така, споделија и свои искуства, идеи и ставови за прилагодување на оваа технологија за потребите на наставниците.




ОДРЖАНА ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ YOUWELL

На 15 ноември 2024 година во хотел Солун, Скопје, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК одржа Финална конференција во рамки на Erasmus+ проектот “Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата – YouWell” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, на која присуствуваа над 50 претставници од основното, средното и високото образование.

Конференцијата ја отвори претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој ги поздрави сите присутни, накратко ја образложи важноста на самиот проект и потребата од негово продолжување во иднина.

На финалната конференција присуствуваа и претставници од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје и Министерството за образование и наука, кои го пофалија проектот и резултатите кои се постигнати во истиот, изразувајќи подготвеност за поддршка на вакви проекти, кои ќе ги мотивираат младите да останат во нашата земја и да придонесуваат за поквалитетно образование.

На оваа конференција, можност имаа да се обратат и сите оние кои учествуваа и беа дел од овој проект, односно  наставниците едукатори и нивните менторирани наставници.


Наставниците едукатори го искажаа задоволството од можноста да работат на ваков проект и сметаат дека е одлична можност за размена на идеи и споделувања на искуства. Ја презентираа пилот програмата и начинот на работа со нивните менторирани млади наставници во текот на изминатите 10 месеци и ги посочија клучните проблеми со кои тие се соочуваат на своите работни места.

Менторираните наставници пак, го искажаа задоволството што имаа ментори во поинакво светло од оние кои ги добиваат согласно закон. Посочија дека овој проект е реализиран во вистинско време и дека на секој наставник му е потребен ментор со којшто ќе соработува во текот на целиот работен циклус.

Финалната конференција заврши со заклучок дека овој проект треба да се продолжи со вклучување на повеќе наставници во него. Беа нагласени клучните резултати и идните чекори за подобрување на квалитетот на образованието, кои би ги мотивирале младите наставници да ја продолжат својата работа со истиот ентузијазам што го имале при изборот на професијата.




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на 4 (четири) наставници од средно образование за обука на навигатор за вештачка интелигенција

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, за потребите на проектот „Навигатори на вештачка интелигенција: зајакнување на наставниците за ерата на вештачката интелигенција“ („AI Navigators: Empowering Teachers for the AI Era”), 2024-1-MK01-KA220-SCH-000253777, објавува јавен повик за ангажирање на 4 (четири) наставници од средно образование за обука на навигатор за вештачка интелигенција.

Јавниот повик може да се погледне на следниот линк.




СОНК – ДОМАЌИН НА ЧЕТВРТИОТ ПАРТНЕРСКИ СОСТАНОК ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ YOUWELL

Во периодот од 02.10.2024-04.10.2024, во Скопје се одржа Интернационална работилница за евалуација, како дел од  Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell (Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата), на која присуствуваа претставници од сите партнерски организации во проектот.
Наставниците – едукатори ја презентираа својата работа со младите менторирани наставници и сите позитивни и негативни аспекти за време на пилот фазата.
Исто така, свое обраќање имаа и младите менторирани наставници, кои го раскажаа своето искуство за време на десетте месеци со наставниците едукатори и сите предизвици со кои се соочиле.

Генерален заклучок беше дека ваков проект е доста потребен во сите земји учеснички и сите се надеваат дека ќе има продолжување на истиот.

Воедно, на 02.10.2024 година се одржа и четвртиот партнерски состанок од овој проект, на кој беа договорени и последните активности до завршување на проектот.




ДА ГО ПОЧИТУВАМЕ ГЛАСОТ НА УЧИТЕЛОТ – СРЕЌЕН СВЕТСКИ ДЕН НА УЧИТЕЛИТЕ!




ОДРЖАНА 30-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

На ден 21.09.2024 година, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 30-та редовна седница, на која главен акцент беше Барањето на СОНК за усогласување на платите во основното и средното образование, за 2024 година.

По опширната дискусија, Советот на СОНК едногласно донесе Констатации и Заклучоци, кои може да ги погледнете ТУКА.




УЧЕСТВО НА СОНК НА 10-ТИОТ СВЕТСКИ КОНГРЕС НА EDUCATION INTERNATIONAL (EI)

Во периодот од 29-ти јули до 2-ри август 2024 година, во Буенос Аирес, Аргентина се одржува 10-тиот Светски конгрес на Education International (EI), на тема: „Растење на нашите синдикати, издигнување на нашата професија, одбрана на демократијата“.

Светскиот конгрес е највисоко тело за одлучување на EI и ги обединува претставниците на синдикатите за образование од целиот свет за колективно да го водат глобалното образовно движење.

На Конгресот учествуваат повеќе од 1200 претставници на синдикати за образование, од над 150 земји, кои дебатираат и одлучуваат за напредокот на едукаторите и образованието. Нивните дискусии и одлуки ќе ја водат работата на ЕI во следните неколку години и ќе го обликуваат образовнието низ целиот свет.

Воедно, делегатите на Конгресот ќе го изберат следниот претседател и Извршен одбор на EI.




Одржан настан за локална евалуација на активностите во рамките на проектот YouWell

Во рамките на Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell (Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата), на 03 и 04 јули 2024 година, во Струга, се одржа настан за локална евалуација на активностите, на кој присуствуваа координаторите на овој проект, наставниците – едукатори и младите менторирани наставници.

 

Настанот го отвори претседателот на СОНК, Јаким Неделков, со кратко претставување на проектот. Потоа се продолжи со презентација на досегашните активности од проектот, како и информација околу активностите коишто следат.

 

Во рамките на овој настан, наставниците – едукатори ја презентираа нивната досегашна работа со младите менторирани наставници за време на пилот фазата од проектот, искажувајќи го задоволството од соработката со нив.

Според младите менторирани наставници, процесот на менторирање дошол во вистински момент, со оглед на фактот дека истите се соочуваат со проблеми на работото место. Исто така, напоменаа дека освен формалното менторирање, истите немале можност да бидат дел од менторирање на ваков начин, кој е потребен на секој вработен без оглед на дејноста во која работи.

Состанокот заврши со поддршка за иницијативата на СОНК, со предлог за менторирање на повеќе наставници, на начин кој го овозможува овој проект. Воедно, сите присутни потенцираа дека за проблемите и предизивиците со кои се соочуваат нововработените наставници, треба да бидат информирани и претставници од Министерството за образование и наука, со цел подигнување на квалитетот на менторирање, како и полесно надминување на предизвиците со кои се соочуваат младите наставници во своето работење.




УСВОЕН ФИНАНСИСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА СОНК ЗА 2023 ГОДИНА

Советот на СОНК едногласно го усвои Финансискиот извештај по предлог на Надзорниот одбор на СОНК

На ден 21.03.2024 година, Надзорните одбори на Советот на СОНК и Синдикалниот фонд го разгледаа финансиското работење на Советот и Фондот во 2023 година.  Двата Надзорни одбори констатираа дека во изминатата година финансирањето на Синдикатот е стабилно и уплатата на синдикална членарина е во континуиран пораст, што е резултат на континуираното зголемување на платите во дејностите што ги застапува СОНК. Исто така, Надзорните одбори констатираа дека се намалени режиските и другите трошоци за непречено функционирање на организацијата, додека пак, неповратните средства за помош на своите членови,  кои ги доделува Синдикалниот фонд,  се  зголемени во однос на минатата година. Севкупна оценка е дека Советот на СОНК и Синдикалниот фонд работат домаќински, средствата се трошат наменски, се води уредна книговодствена документација и двете сметки се во одлична состојба.

Управниот одбор на Синдикалниот фонд предложи, а Собранието на Фондот го прифати зголемувањето на основицата на Синдикалниот фонд, која ќе изнесува 10.000,00 денари. Тоа би значело дека износот на сите неповратни помошти (за новороденче, за подолготрајно боледување, за повреди на работно место, за пензионирање, за материјална штета од пожар и поплава, за школување на студенти надвор од место на живеење, за трајна неспособност за работа и за смрт), во наредниот период ќе се зголеми за 25%.

Собранието на Синдикалниот фонд го прифати предлогот на Управниот одбор, во наредниот период, синдикалниот бескаматен кредит да се зголеми од 22.000,00 на 25.000,00  денари, кој ќе се враќa на максимални 10 месечни рати.

Освен овие финансиски зголемувања на веќе постоечки основи, за помош на членовите на Синдикалниот фонд беа предложени и прифатени уште два нови основи за неповратна помош, и тоа:

  • материјална помош за родител, член на Синдикалниот фонд, чие дете тргнува во прво одделение. Оваа помош ќе биде во примена од новата учебна година 2024/2025, а ќе изнесува 50% од основицата.
  • материјална помош на член на Синдикалниот фонд за склучување на брак, која ќе изнесува 100% од основицата.

Со оглед на тоа што Синдикалниот фонд одлично функционира и има доволно средства да ги сервисира барањата на своите членови, Собранието на Фондот се заложи и во наредниот период да воведе нови помошти, за што апелира до сите синдикални организации, кои не се членки на Фондот, да се зачленат и да ги уживаат привилегиите од своето членување.

По завршување на работата на Надзорните одбори, Советот на СОНК на својата 27-ма редовна седница, одржана на 22.03.2024 година, едногласно го усвои Финансискиот извештај за работењето на СОНК во 2023 година.




КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ЗА ОСНОВНО И СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ – ТЕМА НА ДЕНЕШНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

Денес, 17.02.2024 година, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 26-та редовна седница, на која се дискутираше за завршените преговори помеѓу СОНК и Министерството за образование и наука (МОН) во врска со колективните договори за основно и средно образование.

На седницата, главен акцент беше ставен на причините кои доведоа до непотпишување на двата колективни договори. Беше констатирано дека СОНК и МОН беа на прагот на потпишување на истите, односно дека текстовите на двата договори поминаа на јавна расправа пред членството и повторно беа усогласени помеѓу двете институции.

Како главни причини за непотпишување на договорите беа посочени: необезбедени финансиски средства од страна на Министерството за финансии (МФ), како и немање на репрезентативност во дејноста образование. Во однос на репрезентативноста, беше дискутирано дека подолг временски период се врши опструкција од страна на Комисијата за утврдување на репрезентативност при Министерството за труд и социјална политика (МТСП), па од таа причина е и неможноста за потпишување на колективните договори за основно и средно образование.

По опширната дискусија, членовите на Советот дадоа предлози за надминување на наведените проблеми, а по завршување на седницата, СОНК одржа прес-конференција на оваа тема.