ETUCE ДАВА СИЛНА ПОДРШКА НА РАБОТАТА НА СОНК

Директорот на европската Конфедерација на синдикати за образование – ETUCE, Сузан   Флокен, во посета на СОНК

 

ETUCE ДАВА СИЛНА ПОДРШКА НА РАБОТАТА НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија беше домаќин на директорката на Конфедерацијата на синдикати за образование во Европа,     г-ѓа Сузан Флокен, со која одржа состанок во седиштетото на СОНК. На состанокот освен претседателите на Регионалните одбори на СОНК присуствуваа и претседателот на синдикатот за образование на Р. Албанија, Неврус Каптели и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.

Воведното обраќање го имаше претседателот на СОНК, г-дин Јаким Неделков, кој што изрази огромно задоволство од доаѓањето на овој, како што кажа, многу важен гостин за нас, од позиција на прв човек на европското семејство на синдикати за образование, кое брои над 11 милиони членови од вкупно 132 репрезентативни синдикати за образование во Европа.

Во своето обраќање, г-ѓа Сузан Флокен го потенцираше значењето на  Европската конфедерација на синдикатите за образование – ETUCE и големата улога во кроењето на образовните политики на ниво на Европа. Дополнително се задржа на  потребата да се промовира квалитетното образование, да се инвестира повеќе во образованието и сл. Според неа, најважен од се е социјалниот дијалог помеѓу синдикатот и социјалните партнери на сите нивоа, но исто така  дава и голема подршка на активностите на СОНК, кои што одат во правец на организирање и реализирање на протести, со што јавно се искажуваат ставовите и незадоволството на СОНК околу платите, социјалниот дијалог, реформите и т.н.

Како нејзин завршен став беше дека зад СОНК и неговата работа  стојат над 11 милиони членови на Европските синдикати за образование. По неа се надоврза и претседателот на синдикатот за образование на Р. Албанија, кој што во кратки црти ја објасни ситуацијата во неговата држава. Тој особено нагласи дека мигрирањето на популацијата е сериозен проблем во Р. Албанија, бидејќи со тоа се намалува бројот на ученици во училиштата.

Во дискусијата учествуваа и претседателите на Регионалните одбори на СОНК, кои од синдикален аспект ги изнесоа своите ставови околу состојбите и проблемите на вработените во сите сфери на образованието. Од нивните обраќања можат да се издвојат неколку важни прашања, а тоа се: ниските плати во сите сфери на  образованието и науката, заложбата на СОНК за поголемо учество во носење на нацрт текстови за законите за основно и средно образование, нацрт текст за Колективен договор за високо образование и наука, спроведување на реформи без негативни последици на вработените, како на пример  евентуални технолошки вишоци и т.н.

По барање на СОНК, г-ѓа Сузан Флокен беше примена од министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми, со кој разговараше за европските перспективи на образовниот систем во Македонија, социјалниот статус на вработените во образованието, законските решенија во однос на проблемите со наталитетот и миграција на семејства во европските држави, реформи во средното стручно образование и т.н., при што, на крајот од разговорите,  министерот за образование и наука, претседателот на СОНК, директорот на ETUCE и претседателот на албанскиот синдикат за образование дадоа изјави за јавноста.