website tracking Самостоен синдикат за образование наука и култура на Македонија

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И КУЛТУРАТА ЌЕ ДОБИЈАТ РЕШЕНИЈА СО ПОМАЛКУ ОД 5 ГОДИНИ РАБОТЕН СТАЖ

На 21-03-2011 година во Министерството за образование и наука (МОН), се одржа работна средба на која присуствуваа Министерот за образование и наука Никола Тодоров, Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами и Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков.  На средбата присуствуваа и најблиските соработници на двете министерства и од СОНК.
                Работната средба беше посветена на изнаоѓање решение во врска со барањето на СОНК да се овозможи трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време и на вработени кои имаат помалку од 5 години работен стаж, а ги исполнуваат законските услови за работните места. СОНК се залага за вакво решение, како продолжение на Спогодбата од 2008 година, со која во изминативе нешто повеќе од 2 години успешно се извршени трансформации на над 4000 вработени, пред се во основните и средните училишта.
                Со новиот договор со ресорните министерства СОНК сака во трансформацијата да бидат вклучени и вработените во градинките и установите од културата, но истото да се однесува не само на вработените кои имаат повеќе од 5 год. работен стаж, туку и за тие кои имаат помалку од 5 год. работно искуство.
                Министерот за образование и наука , како и Министерот за труд и социјална политика изразија целосна подготвеност за прифаќање на предлогот на СОНК и беше договорено на една од првите наредни седници на Владата  на Р. М., ова прашање да се постави на дневен ред со цел да се покрене потребната процедура за измени на Законот за работни односи ( ЗРО), во делот на засновање на работниот однос.
                        Министерот за труд и социјална политика изјави дека претходно ќе свика седница на Економско- социјалниот совет, кој треба да даде поддршка за споменатите измени во ЗРО.
Како што беше разговарано на работната средба, се очекува ваквите измени во ЗРО да не бидат задолжителни за сите работодавачи, туку да се даде законска можност на оние работодавачи кои имаат таква потреба, што значи дека за ваквата трансформација е неопходна согласност на работодавачот.
                        По донесување на споменатите измени во ЗРО, а истите се очекува да бидат донесени во скратена постапка, СОНК  со Министерството за образование и наука,  Министерството за труд и социјална политика и со министерството за култура ќе склучи спогодба  за операционализирање на таквата законска можност за вработените во детските градинки, во образованието во сите степени и во јавните установи од културата.

             Се очекува со оваа законска поволност, според првичните сознанија што ги има СОНК  повеќе од 1000 вработени со над 2 год. работно искуство, да добијат  решенија за неопределен работен однос.