ОДРЖАНА 3-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ
НА С О Н К

Распишани редовните избори во синдикалните организации на СОНК

Советот на СОНК на 26.03.2011 година ја одржа 3-та редовна седница на која расправаше и одлучуваше по повеќе актуелни прашања во надлежност на нашиот Синдикат. Советот едногласно донесе Одлука за распишување на редовни избори во синдикалните организации и регионалните одбори на СОНК, а ги усвои и останатите потребни документи за спроведување на овие избори. Изборите во синдикалните организации ќе започнат на 15.04.2011 година, односно веднаш по добивање на комлетниот изборен материјал кој ќе биде изготвен од страна на Советот на СОНК. Крајниот рок за завршување на изборите во синдикалните организации е 30 јуни 2011 година. Конституирањето на новиот состав на регионалните одбори и пододбори на СОНК ќе започне на 22.08.2011 година а истите треба да завршат на 30.09.2011 година. Советот донесе и Одлука за покренување на постапка за бришење од Централниот регистар на оние синдикални организации кои не ги извршуваат статутарните обврски кон СОНК, а го користат името на нашиот Синдикат, како и печат, штембил и жиро сметка на СОНК. СОНК ќе покрене постапка и за поединечна одговорност за претседателите на таквите синдикални организации пред надлежните органи (бројот на вакви синдикални организации е незначителен но Советот одлучи повеќе да не се толерираат таквите случаи во нашиот Синдикат). Во вториот дел од работата на седницата на Советот присуствуваше Министерот за образование и наука г-дин Никола Тодоров со соработниците Елена Ивановска, раководител на секторот за основно и средно образование и г-дин Ангел Митевски, шеф на кабинетот на Министерот. Министерот Тодоров поопширно зборуваше за активностите на МОН во врска со повеќе прашања кои се предмет на социјален дијалог со СОНК и барање на заеднички решенија за истите. Изрази задоволствo од континуираните и конструктивни односи помеѓу МОН и СОНК кои се мошне значајни во побрзо решавање на взаемните прашања во интерес на вработените во образованието. Тодоров го изрази своето задоволство и од брзото усогласување на заеднички став во врска со барањето на СОНК за измени во З.Р.О. околу намалувањето на границата на работен стаж на 2 години од сегашните 5 години за трансформирање од определено на неопределно работно време. Во своето обраќање пред Советот, Министерот истакна дека во последните години се направени значајни чекори за подобрување на економско-социјалната положба на вработените во образованието, особено преку зголемување на платите на вработените, но ја искажа подготвеноста на МОН заедно со СОНК да се продолжи со таквиот тренд веднаш откако ќе се создадат реални можности од аспект на буџетот. Тодоров зборуваше и за вложувањата во изградба на нови училишта како и адаптација и реновирање на дел од нив, како и за планот на Владата и на МОН за неколку од наредните години да се заврши со обнова и модернизација на сите застарени училишни објекти. Стана збор и за проблемот со решавање на реалните трошоци за дел од вработените за кое МОН и СОНК подолго време бараат прифатливо решение во рамките на законските одредби и надлежностите по ова прашање на МОН, на Единиците на локалната самоуправа и на училиштата. Претседателот на СОНК Јаким Неделков како и повеќе членови на Советот на СОНК изразија задоволство од воспоставениот дијалог и комуникација со Министерот како и со останатите надлежни во МОН, како и заложби и очекувања овие позитивни релации да продолжат и понатаму. На крајот од седницата Советот на СОНК едногласно го прифати новиот пакет на поволности кој е ексклузивен само за членовите на нашиот Синдикат од ИК-Халк банка, Скопје