СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА УЧИТЕЛИТЕ 5-ти ОКТОМВРИ

СОНК ,МОН, и Сојузот на просветните работници денеска го одбележаа Светскиот ден на учителот – 5 Октомври со доделување признанија за осуммина најдобри наставници и стручен кадар во учебната 2012/2013 година.
Денот им го честиташе ресорниот министер Спиро Ристовски кој нагласи дека како наследници на просветителот Климент Охридски наставниците се дел од континуираниот процес за унапредување на македонскиот образовен систем.
Наставниците се нашиот основен линк и алатка со која ќе го градиме општеството. Треба да се поработи на подобрување на статусот и перцепцијата на наставникот во општеството. Тоа не треба да биде страв од наставникот, како што имаше во минатото, но да се најде вистинскиот начин преку кој наставникот ќе ја добие целосно и достојно својата улога. Како Министерство и како Влада и во следниот период многу поинтензивно ќе работиме на тој процес наставникот да го добие вистинското место во општеството. Образованието е најдобар механизам преку кој можеме да станеме конкурентни во светот по која било основа, истакна Ристовски.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков во своето обраќање на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ истакна дека е задоволен од сегашниот статус на наставниците кој бил занемарен до пред шест години и од функционирањето на социјалниот дијалог со Владата. Задоволен е од инвестициите на Владата во образовната инфраструктура и од најавата за зголемување на платите за јавниот сектор од 5 отсто од октомври 2014 година. Притоа додаде дека Синдикатот ќе се залага зголемувањето да биде многу порано и во поголем процент доколку се создадат потребните економски услови во државата.
- Особено деградиран до срамни граници во првите десетина години од осамостојувањето на нашата држава. Токму СОНК беше тој што енергично побара и во најголем дел успеа да ги промени работите на подобро. Сега не сме на претпоследното место со плати во јавниот сектор, како пред шесет-седум години, туку сме во горниот дел од табелата. Тоа не е состојба со која се задоволуваме, туку и понатаму постојано пред надлежните покренуваме иницијативи и барања за подобрување на состојбата. СОНК има принципиелен став за поддршка на сите реформски зафати кои ќе создадат услови за подобрување на образованието, но бараме и мерки за соодветно подигање на статусот на просветните работници, рече Неделков.
За благородната улога на наставничката професија говореше и Владо Тимовски, претседател на Домот на просветните работници, кој на новинарско прашање се согласи дека воспитната копонента е занемарена и дека за неа наставниците треба повеќе да се едуцираат, но додавајќи и дека училиштето не е единствен фактор што влијае врз градењето воспитани ученици.
За 2012/2013 признанија добија: дефектологот Анета Петровска од посебното основно уиилиште „Иднина“, одделенскиот наставник Викица Манолева од ООУ „Крсте Мисирков“ од Радовиш, наставникот по физичко образование Југослав Спасиќ од ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово, наставникот по биологија Фатрие Арифи од ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, педагогот Николина Јашкова од ОУ „Даме Груев“ од село Куклиш, Струмица, и професорката по економски предмети Елена Секирарска од средното училиште „Перо Наков“ од Куманово, како и две посебни признанија – за Лидија Николовска, психолог од кумановската градинка „Ангел Шајче“ и за Решат Асланоски од Голо Брдо, за особен придонес за подобрување на просветната дејност.
Светскиот ден на учителот се одбележува од 1966 од Интернационалата за образование која обединува наставници и воспитувачи од 166 земји. Македонија е член од 1995 година од кога и го чествува овој ден. Годинава мото на светското одбележување на 5 Октомври е „Ангажирање за квалитетно образование“.

 
линкови
ghghfsfsghghghngh
 
Економско социјален совет на Р.Македонија
Биро за развој на образованието
Министерство за труд и социјална политика
Министерство за образование наука
Министерство за култура
Државен просветен инспекторат
 
  Copyright © СОНК 2011