Работна средба помеѓу СОНК и МОН - Отворени сите актуелни прашања

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) на 21.01.2012 година одржа работна средба со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.
На работната средба присуствуваа претставници од СОНК: Претседателот на СОНК Јаким Неделков, Почесниот претседател на СОНК Дојчин Цветаноски, Генералниот секретар Весна Неделковска, Претседателот на Републичкиот одбор за основно образование Мирјана Андреска, Претседателот на Републичкиот одбор за средно образование Сузана Талимџиоска и Претседателот на Републичкиот одбор за високо образование и наука Петар Христов, Министерот за образование и наука г-дин Панче Кралев со негови најблиски соработници, Директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ со најблиски соработници и Директорот на Државната просветна инспекција Ѓорѓе Арсов.
Во првиот дел од состанокот беа отворени повеќе прашања од надлежност на нашиот Синдикат и на социјалните партнери меѓу кои
-отпочнување на преговори за потпишување на колективни договори за високо образование и за наука, како и за ученичките и студентските домови;
-водење на обемна педагошка документација на наставниот кадар;
-оценување на наставниците;
-број на ученици во паралелки;
-обем на наставен план и програма;
-превоз на вработените во руралните средини;
-статусот на наставниот кадар со примена на Законот за јавни службеници;         
-трансформација на работен однос од определено на неопределено работно време и евентуални делумни и технолошки вишоци на вработените.

На прашањата што ги отвори СОНК на работната средба, заедничка констатација од двете страни беше дека и СОНК и МОН имаат многу блиски и истоветни ставови за решавање на овие проблеми.
          Со цел да се забрза постапката за оптимални решенија, беше договорено да се интензивираат средби во рамките на социјалниот дијалог и да се одржуваат не подолго од месец и половина, а во меѓувреме  да се формираат работни групи кои посебно ќе работат на решавање на прашања од надлежност на Бирото за развој на образованието,  посебно со Државниот просветен инспекторат и прашања кои се генерално на ниво на МОН.           Исто така договорено е СОНК и МОН согласно член 81 и  член 78  од колективните договори за основно и средно образование, веднаш да побараат вклучување на ЗЕЛС со цел имплементација на овие членови а кои се во врска со решавање на технолошки вишок.

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

  Copyright © СОНК 2011