website tracking Самостоен синдикат за образование наука и култура на Македонија
РЕАКЦИЈА НА СОНК ВО ВРСКА СО НАПЛАТА НА РАДИО ДИФУЗНАТА ТАКСА

До: Јавно Претпријатие –Македонска
радио телевизија – МРТ
-Управен одбор
С  К  О  П  Ј  Е

Предмет: Ж  А  Л  Б  А

Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК

Против: решенијата што ги донесува Јавното претпријатие Македонска радио телевизија за синдикалните организации на СОНК со кои се задолжуваат да плаќаат радио-дифузна такса. Споменатите решенија се целосно во спротивност со Законот за радио-дифузна дејност како и измените и дополнувањата на истиот Закон. Од тие причини СОНК бара Управниот одбор на ЈП МРТ итно да ги повлече издадените решенија и да наложи престанување на натамошно издавање на вакви решенија за синдикалните организации на СОНК. СОНК исто така инсистира итно да се стопира извршувањето на издадените решенија.

Доколку истото итно не биде направено СОНК ќе се обрати до сите надлежни државни органи во Република Македонија, како и до меѓународните организации, а посебно до Интернационалата за образование со седиште во Брисел како светска асоцијација на синдикатите за образование, во која СОНК е полноправна членка.

О  Б  Р  А  З  Л  О  Ж  Е  Н  И  Е

Синдикалните организации на СОНК (повеќе од 500) се облик на синдикално организирање во рамките на СОНК во градинките, основните и средните училишта, високото образование, науката, културата и спортот, согласно Законот за работни односи и Статутот на СОНК.

Во ниту една синдикална организација на СОНК нема вработено ниту еден работник, ниту пак истите поседуваат било каков деловен простор, ниту пак поседуваат радио или телевизиски приемник. Членовите на СОНК кои се организирани во синдикални организации се во работен однос во установите од погоре наведените дејности и истите согласно Законот за радио-дифузна дејност плаќаат или треба да плаќаат радио-дифузна такса бидејќи ги исполнуваат условите за таква обврска.

Синдикалната членарина, што доброволно се издвојува од личните примања од членот на СОНК се издвојуваат и користат исклучиво  строго наменски за синдикални активности. Битен е и фактот што голем дел од синдикалните организации на СОНК (поради бројноста на вработените во нивните установи) и делот на членарина како процент од нивните примања што ја уплаќаат на жиро сметката на синдикалната организација не го достигнува износот на месечната радио-дифузна такса. Тоа би значело дека синдикалната организација е формирана за да плаќа радио-дифузна такса, што би било апсурд и секако доколку така би се поставиле работите ќе се отворат многу други сериозни прашања во делот на уставното право за слободно синдикално организирање и делување.

Убедени сме дека Управниот одбор на ЈП МРТ ќе ја согледа направената грешка и итно ќе донесе соодветна Одлука во врска со ова, со цел овој проблем да не добие пошироки димензии.

    Претседател,
ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ

 

До: Влада на Република Македонија
С  К  О  П  Ј  Е

Предмет:Реакција

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) најостро реагира на постапката на  Јавното претпријатие Македонска радио телевизија во врска со издавање и извршување на решенија за наплата на радио дифузна такса на синдикалните организации на нашиот Синдикат. Доколку ова итно не биде стопирано сметаме дека тоа преставува директно спречување на уставното право за синдикално слободно организирање и делување, дури и згаснување на синдикалните организации во државата.

Имено, синдикалните организации не се ниту трговски друштва ниту установи, што значи не создаваат никаков приход, не поседуваат никаков деловен простор, ниту пак имаат ниту еден вработен во истата, а не поседуваат радио или ТВ приемник.

На жиро-сметките на синдикалните организации се наоѓаат средства што членовите доброволно ги издвојуваат исклучиво за синдикални активности, а во голем дел од синдикалните организации  вкупниот месечен износ на членарина е приближно колку месечната радио дифузна такса во некои дури и помала од тој износ (мали установи од културата, помали основни училишта, како и дел од градинките). Значи ли тоа дека овие синдикални организации се формирани и постојат само за да плаќаат радио дифузна такса.

Ваква груба примена на Законот за радио дифузна дејност може да предизвика несогледливи последици по синдикалното организирање и делување во Република Македонија и доколку надлежните државни органи, вклучувајќи ја и Владата на Република Македонија, итно не превземат мерки за стопирање на истото, СОНК ќе преземе и други мерки а ќе ја извести и Интернационалата за образование со седиште во Брисел, како светска асоцијација на Синдикатите за образование во која СОНК е редовна членка.

Како што е познато синдикалното членување е доброволно што значи дека дел на вработени и не се членови во синдикални организации, според тоа и не плаќаат синдикална членарина, а ги имаат сите права во претпријатијата а во нашиот случај во установите во кои што работат како и членовите на синдикатите. Вака применет Законот значи дека тие што се членови на Синдикатот со плаќање на радио дифузна такса на одреден начин треба да бидат казнети  заради тоа што синдикално се организирале.

Во очекување дека Владата исправно ќе реагира по ова наше обраќање, примете ги нашите искрени поздрави,

Претседател,
ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ

Доставено и до:                               
 -Мин.за образов.и наука
-Мин.за труд и соц.политика
-Мин.за култура-Мин.за транспорт и врски