РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ СОНК И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

По  взаемен договор на 22.04.2012 година во Министерството за образование и наука беше одржана нова средба помеѓу СОНК и МОН. Од страна на СОНК на средбата присуствуваа претседателот на СОНК Јаким Неделков, почесниот претседател Дојчин Цветаноски, генералниот секретар Весна Неделковска, претседателoт на Републичкиот одбор за основно образование Мирјана Андреска, претседателот на Републичкиот одбор за средно образование Сузана Талимџиоска Чурлиноска и претседателот на Републичкиот одбор за високо образование и наука Перо Христов. Од страната на МОН покрај Министерот Панче Кралев присуствуваа  новиот директор на ДПИ Надица Николоска, заменик директор на БРО Ајше Ајрулаи и раководителот на секторот за основно и средно образование Елена Ивановска.
          На работната средба беа сумирани резултатите од повеќето состаноци на работните групи  на СОНК, ДПИ и БРО, кои се одржуваа во текот на февруари и март оваа година. Обострано беше констатирано дека на средбите биле отворени многу прашања кои се од надлежност и интерес и на СОНК и на МОН.
          За поголемиот дел од овие прашања со поширока анализа и аргументација двете страни имаат извршено усогласување на ставовите, а за еден помал дел договорено е преговорите да продолжат и во наредниот период.
          Од позначајните прашања констатирано е дека Упатството за вреднување на работата на наставниците и стручните соработници е потребен документ и во основа истиот е прифатлив и за СОНК, а одредени одредби кои СОНК сметаше дека не се добри решенија, ДПИ прифати истите да бидат изменети, и да бидат дел од Упатството. Исто така беше прифатена забелешката на СОНК поедини просветни инспектори понекогаш манифестираат и арогантен однос при вршење на инспекција во училиштата и за надминување на овој проблем. ДПИ прифати да преземе соодветни активности истото во наредниот период да не се случува, а доколку и натаму има такви појави таквите инспектори ќе бидат санкционирани.
          Со БРО беа водени повеќе разговори на кои беа отворени многу прашања, а како поважни со наставните планови и програми за кои СОНК смета дека се преобемни. Претставниците на БРО не ги отфрлија тврдењата на СОНК, но сметаат дека треба да помине уште извесно време, а потоа да се направи пообемна анализа. СОНК излезе со цврст став дека наставниците се преоптеретени со непотребно администрирање и побара истото да се сведе во границите на тоа што е неопходно, за да можат наставниците да имаат повеќе време да се посветат на воспитно-образовниот процес. И БРО и МОН се согласни да се изврши поопстојно согледување и доколку се покаже дека постои можност да се изврши рационализирање во овој дел  истото и да се сведе на тоа што е неопходно на водење на педагошка евиденција.
          Ова прашање останува предмет на договарање за натамошните средби помеѓу БРО и СОНК.
          Претставниците на СОНК побараа намалување на фондот на часови, особено во основните училишта, односно од I до IX одделение и намалување на бројот на ученици во паралелка, со цел да се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес, што е во интерес и на учениците и на наставниците, но посредно во голем дел ќе помогне во решавање и на проблемот со технолошкиот вишок, како последица на евидентно опаѓање на наталитетот. МОН ги прифаќа аргументите на СОНК, но смета дека за тоа треба да се обезбедат и соодветни финансиски услови а во дел на училишта и просторни. Беше договорено СОНК ова барање да го достави и до Владата на Република Македонија за да може со овој проблем да бидат запознати и другите ресорни министерства, кои треба да се вклучат во разрешување на ова прашање.
          На средбата беше разговарано и околу примената на Законот за јавни службеници, со посебен акцент на не докрај направено информирање на наставниците, поради што во дел од училишта има погрешно сфаќање на новиот статус на наставниците како јавни службеници. Беше договорено да се интензивираат напорите и на СОНК но и на МОН, вклучувајќи ги ДПИ и БРО, во непосредни контакти со наставниците да ги објаснуваат одредбите од Законот за јавни службеници. СОНК континуирано ќе ја следи примената на овој Закон и доколку констатира дека некои одредби од истиот ќе значат создавање на негативни состојби, веднаш ќе побара измена на истите за кои очекува да има поддршка од МОН.           На крајот од средбата беше договорено наскоро да се одржи средба помеѓу СОНК, МОН и ЗЕЛС на која ќе бидат изнесени сите прашања за кои е надлежна локалната самоуправа, а во тој контекст посебно прашањето за решавање на делумен или целосен технолошки вишок, како и прашањето за решавање на проблемот со превоз на вработените кои живеат подалеку од училиштата во кои работат.

 
линкови
ghghfsfsghghghngh
 
Економско социјален совет на Р.Македонија
Биро за развој на образованието
Министерство за труд и социјална политика
Министерство за образование наука
Министерство за култура
Државен просветен инспекторат
 
  Copyright © СОНК 2011