ГРАДИНКИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОЧИТУВА ЗАКОНОТ И КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ВО ДЕЛОТ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ

СОНК ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПРЕД МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

На ден 7-12-2020 година, СОНК предводен од претседателот, г-дин Јаким Неделков, одржа прес-конференција, пред Министерството за труд и социјална политика.

На пресот учествуваше и дел од раководството на СОНК, кое спонтано се приклучи и даде придонес на активностите што ги презема СОНК.

Имено, во последниов месец, во дел од градинките во нашата држава, врз основа на издадено Решение од страна на инспектори при Министерството за труд и социјална политика, се бара неделното работното време на воспитувачите и негователите, да се зголеми на 40 часа, што е спротивно и на Законот за детска заштита и на потпишаниот Колективен  договор за оваа дејност.

СОНК, по однос на овој проблем, оствари повеќе средби со претседателите на синдикални организации и со Министерот за труд и социјална политика, со цел, а по пат на социјален дијалог, да се надмине ова прашање. За жал и покрај сите агументи кои укажуваат дека ваквата состојба е неиздржана и против одредбите од Законот и Колективниот договор за оваа дејност, директорите на установите се приморани, согласно издадените решенија,  писмено или усно да им наложат на вработените да работат со 8 часовно работно време.

Претседателот на СОНК, Неделков, на прес-конференцијата, ја осуди ваквата состојба во детските градинки и одговори на потребата, која беше побарана од страна на Министерот за труд и социјала политика, г-ѓа Јагода Шахпаска, овие вработени во услови на пандемија од Ковид-19, да бидат опшествено одговори и подвлече дека:

-вработените во детските градинки, без разлика дали се наоѓаат во вонредни или редовни услови за работа, без исклучок, секогаш се однесувале и ќе се однесуваат со најголема општествена одговорност и најсовесно ја извршуваат својата работа со нешто најмило и свето, а тоа е најмладата популација односно децата.

-во овие вонредни услови, со најголема одговорност, тврдат дека почитувајќи ги протоколите, никогаш не се случило да не се прифати дете во периодот предвиден за тоа или да не се предаде детето на родител, кога тој ќе дојде да го земе. Напоменуваат дека, со добро менаџирање во установите нема мешање на групи на деца и вработени, така што воспитувачот и негувателот од сопствената група ги примаат односно предаваат децата.

-тврдат дека се општествени одговорни и заради тоа што не ретко остануваат и подолго на работа, се додека не дојде и последниот родител по своето дете и за тоа никогаш не гледале на час или на работно време.

-тврдат дека се општествено одговорни и покрај многуте тешки услови за работа во градинките, пред се, од просторни услови и големина на групите, коишто неретко се и двојно поголеми од нормативот и никогаш не  го намалиле квалитетот на грижата, воспитанието и образованието на децата.

-тврдат дека се општествено одговорни и заради неисполнување на одредбите од Правилникот за стандардите и нормативите за работата на детските градинки, во делот на потребен кадар за работа со целосни групи. Тоа значи дека работата што треба да ја работат тројца, тие со децении ја работат двајца.

-тврдат дека се општествено одговорни  и заради тоа што во случај на отсутност на колешка во група, од разни причини, нејзината работа се префрла на еден вработен, без да се најде нејзина замена и работното време со деца трае повеќе од 10 часа.

-тврдат дека се општествено одговорни и покрај сите работни обврски што ги реализираат во установата, а заради немање услови, работат и онлајн настава од дома со деца коишто од разни причини не посетуваат настава.

-тврдат дека се општествено одговорни бидејќи обуките за професионален развој ги посетувааат надвор од работното време.

-и покрај огромната опасност од пренесување на вирусот од децата врз нив, без исклучок, ја работат најсовесно нивната работа, иако ниту еден директор нема потпишано изјава за проценка на ризик на работно место.

-и секако, да не се заборави дека вработените во детските градинки со децении имаат најниска плата во јавниот сектор, иако нивната работа е можеби најсензитивна и најодговорна.

На крајот од прес-конференцијата, претседателот Неделков се обрати до Министерот за труд и социјална политика велејќи дека сите погоре наведени аргументи доволно говорат за одговорни трудољубиви работници, коишто во ваков период наместо да бидат заштитени од евентуални заболувања и несакани последици, со вакви непромислени реакции на инспекторите, се доведува во прашање нивното здравје, ентузијазам и исполнителност. Неделков порача дека се надева Министерството ќе стори се за да се врати работното време за работа со деца, согласно Закон и Колективен договор. Исто така, смета дека по пат на социјален дијалог, конечно ќе се затвори ова прашање и во наредниот период ќе се дискутира и  изнајде заедничко решение, за прашања кои ќе го подигнат воспитно-образовниот и згрижувачки процес во градинките, како и подигнување на социјалниот статус на вработените во градинките. Во спротивно, СОНК ќе ги искористи сите расположиви средства за одбрана на правата од работен однос на вработените во оваа дејност, вклучувајќи ги и најрадикалните.