ПОТПИШАН НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО ДЕЈНОСТА ПРЕДУЧИЛИШНО ЗГРИЖУВАЊЕ И ВОСПИТАНИЕ НА ДЕЦА
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Министерството за труд и социјална политика – МТСП потпишаа нов Колeктивен договор во дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца.
По интензивни преговори на работните групи на СОНК и МТСП и со потпишување на овој колективен договор се решаваат голем број од предизивиците со кои се соочивме во минатиот период и се оди уште еден чекор понапред во зголемувањето на правата и условите за работа на работниците од оваа дејност.
Како резултат на добриот социјален дијалог и доверба помеѓу двата социјални партнери, успеавме да ги зголемиме платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15% и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите во иднина.
Континуиран раст на платите, со секое зголемување на минималната плата, ќе добијат и помошно – техничките лица, со новата договорена формулација за нивните плати, во овој колективен договор.
Со новиот колективен договор се надмина повеќегодишниот проблем со работното време на воспитувачите и негователите, односно им се дава можност за реализирање на другите програмски активности во други просторни средини, во установата или надвор од неа.
За членовите на СОНК се обезбедува регрес за годишен одмор, право коешто за прв пат го добиваат нашите членови и кое ќе отпочне со примена од 2023 година.
Исто така, за членовите на СОНК се воведува надоместок за работа во група со зголемен број на деца, надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишно воспитание и образование, преку иновативни и креативни активности во дејноста, надоместок за јубилејни награди за работа во градинката, како и други надоместоци и додатоци.
Покрај овие права, за членовите на СОНК се воведува и четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се предвидува учество во повеќе комисии во установата, заштита на синдикалниот претставник, а се зголемуваат и правата за време на штрајк.
Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот, се воспоставува право на приправникот да го полага приправничкиот испит по втор пат, а исто така се зголемуваат и роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.
Иако, за жал, не успеавме да го регулираме правото на плата на административните работници, бидејќи истата се регулира со Законот за административни службеници, сепак тие може да ги користат сите останати придобивки од овој колективен договор, како наши членови од оваа дејност, а во овој контекст би го издвоиле надоместокот за вршење на дополнителни работи и работни задачи надвор од систематизираното работно место.
Како Синдикат покажавме дека се бориме и понатаму ќе се бориме за правата на своите членови, кои заслужуваат подобри услови за работа, подобар социјален живот, поголеми синдикални, социјални и работнички права.
СОНК секогаш имал слух и разбирање за потребите на своите членови, а Колективниот договор е потврда за нивно почитување и фундамент за понатамошни заложби на СОНК и МТСП.