ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС
Почитувани членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), членови на останатите синдикати, работници, македонска јавност…
Преку овој првомајски проглас сакаме да се обратиме до членовите на СОНК и не само до нив, туку и до сите работници во државата, како и до целата јавност со наше видување на состојбите на работниците од аспект на социјално-економската положба, социјалниот дијалог и партнерство, сигурноста на работното место, безбедноста при работа и т.н.
Одбележувањето на Први мај, меѓународниот празник на трудот, датира уште од пред повеќе од 130 години, односно во спомен и чест на штрајкувачите од Чикаго, кои во 1886 година штрајкувале од први до четврти мај со единствено барање, а тоа е осумчасовно работно време. Штрајкот бил крваво задушен, при што полицијата употребила сила и како резултат на тоа имало и неколку жртви. Водачите на штрајкот биле уапсени, осудени и погубени.
На првиот конгрес на Втората интернационала одржан во 1889 година било одлучено: “Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба”. Оттогаш, празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.
Први мај се слави секаде во светот, некаде со масовни протести, а некаде со првомајски викенд на некое излетничко место, со првомајска скара и музика. Во Македонија нема голема традиција за организирање на големи првомајски протести, освен симболични првомајски маршови или прошетки на некои синдикални организации, со што ќе се одбележи овој ден на работниците. Секако, ние како најголем Синдикат во државата имаме свој став околу ова прашање, дали масовно да се излезе на овој ден и да се протестира, во симболичен број да се маршира или ако е празник да се празнува на начин како што налага нашата традиција.
Нашиот став е дека празникот треба да се празнува, а за работа, секоја организација која се занимава со одбрана и зголемување на правата на работниците има на располагање цела година. И овој наш став да не изгледа гола демагогија, ќе го поткрепиме со неколку аргументи. СОНК во изминативе децении и години конкретно докажуваше и докажува со организирање на протести и штрајкови дека е единствениот Синдикат кој е во состојба тоа да го направи, без лажни закани и ветувања, без правење на сопствен маркетинг, без разлика која политичка опција е на владеење…. Ако постои сомнеж во вистинитоста на овие факти, може многу лесно да се проверат, а и да се присетите која друга работничка организација во последнава деценија – две организирала сериозен протест или штрајк????
Со овој првомајски проглас нашата идеја не беше да се саморекламираме, туку, уште еднаш на ваков начин да го изразиме нашето незадоволство околу положбата на нашите членови во дејностите детска заштита, основно, средно, високо образование, наука и култура. И покрај сите заложби на нашиот Синдикат, во сите споменати дејности заеднички е фактот што тие како едни од најважните дејности во државата, ако не и најважни, се на дното на скалилото на плати во јавниот сектор во државата, а пак и да не зборуваме за надвор од неа, во соседството и пошироко. Во последниве неколку години државата се обиде да направи обид за подобрување на социјалниот статус на оваа категорија на работници, но тоа беше сосема симболично и незадоволително од една страна, како и селективно, од друга страна. Зголемувањето на платите од 5% за детските градинки, основното и средно образование ни одблизу не ги задоволуваат основните потреби за егзистенција, наспроти зголемување на минималната плата на национално ниво од 20%. Ситуацијата во установите од културата и високото образование и науката е уште полоша, од позиција на ниски плати, дури ни без тие 5% зголемување во 2018 година. Ветувањата за зголемување на платите и во 2019 година за дополнителни 5% за СОНК се добродојдени, но процентот е апсолутно неприфатлив, односно низок. СОНК во повеќе наврати укажуваше и бараше усогласување на платите со процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво.
Што се однесува до социјалниот дијалог и партнерство, наша проценка е дека во последните неколку години е во континуирано опаѓање. СОНК воопшто не е задоволен од односот на некои министерства кои за многу важни измени на законски решенија не го вклучуваат социјалниот партнер во изготвување на заеднички прифатливи решенија што се во интерес и на работниците и на државата, што впрочем е законска обврска. Исто така, цениме и дека селективниот однос кон одредени синдикати е апсолутно неприфатлив и спротивен на Законот.
За СОНК како грански синдикат и како дел од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) е исто така неприфатлив игнорантскиот однос на ресорните министерства и на Владата и покрај јавните упатени Барања за остварување на сериозни средби и разговори со што би се затвориле отворените прашања и проблеми. Особено навредува ваквиот однос и покрај низата јавни социјални протести во изминатава година што ги организираше СОНК во рамките на КСС. За ваквиот однос на државата кон релевантни социјални партнери во однос на социјалниот дијалог и партнерство во Македонија даде и Меѓународната Конфедерација на синдикати -ITUC во последниот свој извештај, каде што Македонија е ставена на листата со држави од Африка, каде што правата на работниците секојдневно се кршат.
Севкупно, состојбите на работниците во Македонија се на многу ниско ниво, од аспект на социјален статус и економска сигурност, во однос на социјалниот дијалог и партнерство, во однос на почитување на законите и други правни акти, во однос на сигурноста на работните места, во однос на безбедноста при работа и т.н.
Доколку многу сериозно и многу брзо не се сфатат нашите укажувања, дотолку повеќе надлежните во државата ќе ја сфатат сериозноста и силата на нашиот Синдикат.
Не ја потценувајте одлучноста, силата и единството на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија.
Да живее 1-ви мај, меѓународниот ден на работниците, да живее СОНК, да живеат сите прогресивни сили во Македонија !!!