Реакција на Синдикатот за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, во врска со информацијата дека ,,ќе се вработуваат наставници и професори на неопределено време”

Владината Одлука за трансформација на работни договори на вработените во образованието, како и насловите на дел од пишаните и електронски медиуми, СОНК ги прифати со голема зачуденост од повеќе причини:

1. Изненадува фактот што во јавноста се пласира информација дека трансформација на работни договори од определено на неопределено време е возможно согласно Законот за работни односи (ЗРО) исклучиво само после 5 години работен стаж. Ова воопшто не е точно, затоа што по иницијатива на СОНК во 2011 година дополнет е ЗРО во овој дел на работни договори и возможна е трансформација после 2 години работен стаж.

2. По иницијатива на СОНК, а со Спогодба помеѓу СОНК, МОН, МТСП и Министерството за култура, уште од 2008 година се формирани Комисии за трансформација на работни договори и до март 2017 година се трансформирани над 9000 работни места во образованието.

3. Непобитен е фактот дека со промена на централната и локалните власти, споменатите комисии за трансформација практично и не функционираат, со што се нарушува континуитетот на трансформации на работни договори после 2 години работен стаж.

СОНК особено реагира на многу ,,силните” наслови во медиумите за Одлуката на Владата на РМ, од причини што се создава впечаток и јавно мислење дека во дејноста образование најголемиот дел од вработените се вработени на определено време, што апсолутно не е вистина.
Исто така, СОНК многу одговорно пристапуваше кон трансформација на работни договори од аспект на создавање на евентуален технолошки вишок, што согласно сегашната информација, искрено стравуваме за неконтролирано трансформирање на работни договори, односно секое вработување да биде на неопределено време, што не оди во прилог нити на Министерството за образование, локалните самоуправи како и на нашиот синдикат, доколку имаме производство на технолошки вишоци.
Заради сето ова претходно кажано, СОНК смета дека е непринципиелно и некоректно да се занемари досегашниот принцип на взаемно работење со социјалните партнери (локална самоуправа и МОН) и еднострано да се излегува во јавноста дека МОН со Одлука на Владата на РМ ќе го решава проблемот за трансформација на работни договори од определено на неопределено работно време, што само по себе укажува на не почитување на партнерскиот однос помеѓу двата релевантни социјални партнери. Со самото тоа еднострано се прекршува Спогодбата помеѓу МОН и СОНК од 2008 година.