СЕ СЛУШНА ГЛАСОТ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР
Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, во текот на вчерашниот ден, 17 јануари 2018 година во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија се оддржа предупредувачкиот Јавен протест.
На масовниот протест зедоа учество членовите од единаесетте грански синдикати од Јавниот сектор на КСС кои јавно го искажаа своето незадоволство и кажаа: ДА за зголемување на платите во Јавниот сектор, согласно процентот на зголемување на минималната плата, Да за исплата на К-15, Да за почитување на колективните договори, Да се почитува гласот на репрезентативните синдикати при носење на законите, Да за пристоен живот, …..но и НЕ за најавеното селективно зголемување на платите во Јавниот сектор, Не за За кршење на законите и колективните договори, НЕ за мобинг на работните места…..
Ден пред одржувањето на протестот членовите на Извршниот одбор на КСС беа примени во Владата на Р. Македонија од членови на Владата, каде што разговараа за прашања што беа поставени во Барањата на КСС. Раководството на КСС доби уверување од ресорните министри присутни на средбата, дека за најголемиот дел на отворени прашања не постои реална пречка за надминување на недоразбирањата и дека во наредниот период по пат на социјален дијалог ќе отпочнат преговори и ќе се бараат решенија по однос на проблемите во дејностите од Јавниот сектор.
Протестот заврши со обраќање пред присутните на Претседателот на КСС, Благоја Ралповски и Претседателот на СОНК, Јаким Неделков.