СОНК ВО ЗАВРШНА ФАЗА ОД ПОДГОТОВКИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНИОТ ПРОТЕСТ
Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), раководството на СОНК влегува во завршна фаза на подготовките за најавениот социјален протест, што ќе се одржи на 17 јануари 2018 година во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија.
На овој протест активно учество ќе земат 11 грански синдикати кои се здружени во КСС, кои на 21 Декември 2017 година донесоа Одлука со која јавно ќе го изразат своето незадоволство за односот на актуелната власт кон репрезентативните синдикати, неможноста преку социјален дијалог да ги остварат своите социјални барања, како и да го искажат својот револт за сé пожестокиот притисок на раководните лица во јавните установи врз синдикалните активисти. Ваквите состојби во дејностите што ги покриваат гранските синдикати во КСС, а секако и во СОНК, на раководствата и на членовите на синдикатите им даваат и погоем поттик и енергија за изразување на своето незадоволство преку протест, а особено по молкот и игнорантскиот однос на власта, која и покрај уредно доставена документација за протестот, сеуште не најде за потреба да разговара со раководството на КСС за проблемите на работниците во јавниот сектор и нивните барања.
Раководството на СОНК очекува во последната недела до одржување на протестот од страна на власта на сите нивоа, да се направи обид за спречување на членовите на нашиот синдикат да излезат на мирен протест. Ова ќе го сметаме за директно мешање во работата на синдикатите, што е со Устав загарантирано право и за таквите постапки законодавецот предвидел и казна затвор до 3 години. Сакаме навреме да предупредиме и да укажеме дека секој оној кој ќе се обиде на било каков начин да го спречи социјалниот протест ќе биде соочен со правна постапка против него. Воедно, го охрабруваме нашето членство да пријавува и доставува информација и документација доколку има обид за дејствија од страна на лица или претставници на институции, со кои се попречува правото на протест. Исто така, сакаме да ги предупредиме и директорите и раководните лица на установите ( градинки, училишта, културни установи, високообразовни и научни установи) да не планираат активности како што се совети, семинари итн., во периодот кога е закажан Јавниот Протест. Со оглед дека протестот е закажан повеќе од две недели и таквите постапки на директорите ќе ги сметаме за обид на спречување за одржување на Јавниот Протест што е казниво според Кривичниот законик на Р. Македонија.