СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ја информира јавноста дека активно ќе земе учество во организирање и спроведување на јавниот социјален протест, што ќе се одржи во Кичево на 23 февруари 2019 година, во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС.
Членовите на СОНК, особено се заинтересирани за изразување на своето незадоволство од следните причини:
– Поради енормно ниските плати на вработените во детските градинки, основното, средното, високото образование, науката и културата во Македонија.
– Затоа што со зголемување на минималната плата на национално ниво не се зголемуваат платите на сите работни места согласно коефициентите утврдени со колективните договори.
– Затоа што не е исполнето ветувањето на високи функционери во Министерството за труд и социјална политика за зголемување на платите во градинките, започувајќи од 01.01. 2019 год.
– Затоа што СОНК, како релевантен социјален партнер на МОН, не е вклучен во делот на изготвување на закони за основно и средно образование, како и поради планирање на реформи во средното стручно образование, со што се очекува таквите планирани реформи да предизвикаат голем број на работници да се стекнат со статус на технолошки вишок.
– Затоа што надвор од елементарната логика е скратено правото на додаток за трошоци за превоз до и од работното место, каде што голем број на вработени од нашите дејности издвојуваат и до 1/4 од својата скромна плата.
– Затоа што не постои колективен договор за високо образование и наука, повеќе од две децении, со што би се воспоставил ред во дејноста високо образование и наука.
– Затоа што се прави обид предлог колективниот договор за култура, кој што беше на јавна расправа и беше прифатен од СОНК и Министерството за култура, да се негира и да се подметне друг колективен договор, за кој што немаме релевантна информација кој е изготвувачот. Со тоа продолжува хаосот во дејноста култура и покрај најавите од министерството дека до крајот на март 2019 година ќе има нивелација на платите на вработените во културните установи, иако знаеме дека во овој период тоа не е возможно заради престојните претседателски избори.
– Затоа што за СОНК неприфатлива е идејата за трансфер на работниците од образование, наука и култура во приватен сектор.
– Затоа што СОНК како репрезентативен синдикат во образованието, науката и културата, нема да дозволи никакви реформи во овие дејности, коишто нема да бидат во полза на своите членови.
СОНК дава силна поддршка на раководството на КСС во барањето за отпочнување преговори за изменување и дополнување на Општиот Колективен договор за јавен сектор, со што ќе се дефинираат некои прашања и ќе се подигнат некои права на работниците вработени во јавниот сектор, вклучително и во образованието, науката и културата, а особено за враќање на стекнатото право за регрес за годишен одмор, јубилејни награди, воведување на 13 плата и други додатоци на плата.
Поради овие и многу други причини, СОНК ќе земе масовно учество на јавниот протест, за што го повикува сопственото членство, членовите на семејствата на нашите членови, останатите синдикати во државата, невладините организации и сите граѓани, кои ја препознаваат искрената заложба на нашата организација за подигнување на социјалниот и економскиот статус, како и за враќање на достоинството на вработените во дејностите образование, наука и култура.