ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

image_pdfimage_print

Чувствуваме за потребно да се обратиме со таканаречено отворено писмо до сите членови на СОНК, а во тој контекст, секако и до раководствата на нашиот Синдикат на сите нивоа (од синдикалните организации, регионалните одбори, па се до највисоките органи на СОНК). Имено, повеќе месеци наназад направени се големи поместувања вкупно во државата и тоа во најзначајните сфери на функционирањето, со што се создадени битни промени во начинот на функционирање на значајните институции од аспект на социјалното партнерство и социјалниот дијалог. Веднаш да напоменеме дека ова не е ново искуство за СОНК, бидејќи такви драстични промени во сферата на функционирањето на органите на власта на сите нивоа во државава во изминативе повеќе од две децении, се случија неколкупати. СОНК особено од времето на неговото радикално реформирање, па се до денес многу успешно ги надминуваше сите ново создадени предизвици и тоа најмногу заради неговиот непроменет, а толку пати применет и проверен принципиелен став на максимално конструктивен и коректен социјален партнер и не отстапување од стратешките и суштински интереси на своето членство. Тоа СОНК го докажа и во времето кога власта ја имале сегашните позициони политички партии, но и кога на власт беа сегашните опозициони политички партии и за тоа имаме непобитни и докази и резултати од таквиот принципиелен и исправен однос на СОНК.

СОНК и сега е исправен пред многу важен предизвик за одбрана на веќе споменатите стратешки и суштински интереси на своето членство, и тоа не заради смена на политичките партии кои сега ја остваруваат власта, туку заради тоа што дел од носителите на исклучителни високи функции на дел од ресорите на национално ниво, кои се на чело на ресори кои се за нас од посебно значење: МТСП, МОН, Министерство за култура и Министерство за финансии. Секако дека нашето членство, како и целата јавност знаат за проблемот со нефункционирање на Економско социјалниот совет – ЕСС, кој е исклучително значаен национален орган во кој се изразуваат интересите на трите социјални партнери во државата (власта, работодавачите и синдикатите) и покрај сите наши укажувања, реакции и слично, за жал и понатаму продолжува целосното пасивизирање, па дури може да се каже на некој начин и исмејување на овој орган.

Законската обврска на претставниците на органите на власта, во случајов на национално ниво, за остварување на социјален дијалог и преговори со репрезентативните синдикати, последните неколку месеци целосно не функционира. Последен пример на таквото крајно незаконско и недемократско однесување и од аспект на меѓународните стандарди, е предлогот на Министерството за финансии за Буџетот за наредната година. Без никаква консултација со социјалните партнери, која да повториме е задолжителна (според Законот за работни односи и Колективните договори), направена е кабинетска проекција во делот на платите за наредната година и на еден крајно неприфатлив начин соопштена на претставниците на работодавачите и на интересен состав на претставници на синдикати (од аспект на тоа дека дел од нив кои не се ни од далеку репрезентативни, а со тоа и нелегитимни за преговори), како и на претставници на невладини и граѓански организации кои по ниеден основ немаат надлежност во делот на правата од работен однос, е соопштена како конечна проекција, а е прифатена од страна на Владата.

 

СОНК во неколку наврати, уште пред повеќе од два месеци, заедно со КСС побара и најави преземање на порадикални средства доколку не дојде до процентуално усогласување на сите плати и во сите дејности соодветно со зголемувањето на висината на минималната плата. Тоа значи зголемување на сегашната основна плата на сите работни места за 19%. Наместо тоа, сега Министерството за финансии и Владата излегуваат со неприфатливи 5% зголемување на платите за градинките, основните и средните училишта во нашите дејности и тоа со септемвриската плата, која треба да се исплати во октомври следната година!!! Не е предвидено никакво зголемување на платите за вработените во културата и високото образование, како дел од нашите дејности, како и во сите останати дејности од јавниот сектор, со исклучок само на здравството и одбраната. Ваквиот потег, сега веќе може да се каже на Владата, значи целосно згаснување на социјалното партнерство и социјалниот дијалог, како и целосно ставање вон сила на колективните договори, кои имаат сила на закон и без никаков законски основ интервенирање во делот на платите што е надвор од било каков правен систем.

Ова беше и главната причина за последната реакција на КСС се разбира и на СОНК, како дел од истата и најава на преземање на сите легитимни и легални средства за решавање на проблемите исклучиво во согласност со законите и колективните договори на нашата држава и секако согласно меѓународните конвенции.

Раководството на СОНК нема да отстапи од цврстите позиции на одбрана на утврдените права со закон и со колективните договори што ги има потпишано нашиот Синдикат и особено во одбраната на најсуштинските права од работен однос на нашите членови:

  • сигурноста на работното место;
  • сигурноста на платите соодветно на сложеноста на работното место и коефициентите според колективните договори и
  • целосна заштита од било какви притисоци по било какви основи и слично.

 

Раководството на СОНК очекува изместените состојби во социјалното партнерство и непочитувањето на законите и колективните договори набрзо да бидат надминати, а во спротивно, наскоро Советот на СОНК, како највисок орган на одлучување, ќе одржи седница на која ќе бидат утрвдени натамошните активности на нашиот Синдикат, со мерки кои ќе бидат преземени соодветно на тоа како ќе се одвиваат натамошните состојби во врска со погоре изнесените проблеми.

Очекуваме и бараме од сите наши членови, цврсто да стојат на конгресните определби на нашиот Синдикат и правата и обврските кои произлегуват од Статутот на СОНК, за што имаме целосна поддршка и од меѓународните синдикални организации, во кои СОНК е редовна членка, како и од сите самостојни слободни синдикати во нашата држава. Особено сакаме да укажеме и да ја потенцираме потребата од цврсто чување на единството и на монолитноста на Синдикатот, бидејќи тоа е од исклучителна важност за остварување на сите наши барања. Посебно треба да се чува во овој момент нашата организација од обидите за нејзино разбивање, а вистинската цел на таквите душегрижници не се за да бидат постигнати некакви повисоки цели, туку само реприза на нешто што веќе е видено пред десетина години (обидот за формирање СОНК при  ССМ, МЕСО и слични артикли….), а сега како што е случајот во културата, каде што претседателот на таквата група, која ја прогласија за синдикат, сега е директор на една од најзначајните културни институции во нашата држава и… толку од ветувањата за големите резултати за другите вработени  во културата.

 

Претседател,

Јаким Неделков