СОНК ДАВА СИЛНА ПОДДРШКА НА БАРАЊАТА И ПРОТЕСТОТ НА СИНДИКАТОТ НА ПОЛИЦИЈАТА
Од името на 30.000 членство на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, сакаме да ви испратиме силна поддршка во активностите што ги превзема вашиот синдикат односно Синдикатот на полицијата во Македонија – СПМ. Воедно, сакаме да ве увериме дека вие како членка на Конфедерацијата на слободни синдикати, каде што впрочем и СОНК припаѓа, имате отворена поддршка од сите нас, а особено заради оправданите барања коишто ги упатувате до Министерството за внатрешни работи. Вие, како полициски службеници, кои согласно вашите овластувања треба да ги штитите и спроведувате законите во државата, соочени сте со дејствија против вас од страна на државна институција, што е спротивно на домашните и меѓународните закони и конвенции. Неприфатливо за сите нас е непризнавањето на СПМ од страна на МВР, во однос на сопирање на синдикална членарина, како и пресметките со синдикалните претставници на СПМ. Ова го сметаме за грубо мешање и спречување на синдикално организирање и дејствување. Исто така, неприфатливо е за нас синдикалците, коишто се бориме за почитување и унапредување на правата на работниците, како “награда” за нашите активности да бидеме незаконски распоредувани и деградирани на работното место. Енергично стоиме зад одбрана на правата и интересите на сите работници во државата и гласно протестираме за секакво влијание и мешање на власта на сите нивоа, во синдикалното организирање и дејствување. Полициските службеници, коишто се секогаш први во одбрана на мирот и стабилноста на нашата држава, треба да бидат и први на скалата за награда на вложениот труд. Исто така, социјалниот статус на вработените во МВР треба да биде достоен на тежината и важноста на професијата и работата што ја извршуваат.
СОНК е убеден дека вашиот организиран протест ќе биде успешен и дека вашите оправдани барања ќе бидат слушнати, сериозно сфатени и прифатени од надлежните во државата. Исто така, СОНК смета дека само здружени, единствени и вистински синдикати можат и треба да претставуваат сериозен фактор во државата, коишто ќе бидат почитувани од страна на надлежните. Сметаме дека во духот на вистински социјални партнери, по пат на социјален дијалог, ќе се изнајдат взаемно прифатливи решенија и за Синдикатот на полицијата и за Министерството за внатртешни работи. Во спротивно, за очекување се и дополнителни активности и притисоци од страна на СПМ, кои ќе добијат силна поддршка од СОНК и од гранските синдикати при КСС, како и меѓународните синдикални организации, каде што КСС е редовна членка.
Со почит,
Претседател,
Јаким Неделков, с.р.