СОНК ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА
ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ВО СОЦИЈАЛНАТА ПОЛИТИКА ДА СЕ ПРИМЕНУВААТ И УСОВРШУВААТ
Од страна на организациите учесници од странство, присуствуваа нивните највисоки претставници, а од страна на СОНК учествуваа претставниците на највисокото раководство и Претседателите на регионалните органи на СОНК, кои воедно се и членови на Советот на СОНК. Од повеќето теми кои беа предмет на дискусија на учесниците, ќе ги издвоиме следниве:
• ,,Европските политики, имиграцијата и социјалната кохезија: јазот помеѓу нивоата на развој и потребната соработка”;
• ,,Македонија и договорот за пристап кон ЕУ: отворени прашања и перспективи”;
• ,,Глобалните предизвици и градење на социјалниот договор: одговорите на синдикатите”;
• ,,Кревкиот мир на Балканот: предизвиците на слабата економија и враќањето на национализмот” и
• ,,Осмислување на европскиот модел и справување со отворените предизвици: од пазарот на труд, преку социјалните права, до имиграциските прашања”.
Покрај воведните излагања за споменатите теми имаше и плодна и интересна дискусија од страна на повеќе учесници на Конференцијата, со што истaта може да се оцени како исклучително успешна и тоа од повеќе аспекти. Имено, ретки се примерите на меѓународни семинари на кои се разработуваат исклучително важни прашања и тоа на организации кои не се дел само од иста сфера, што беше случај на споменатиот семинар. Станува збор за тоа што учесници беа претставници на организации кои се дел од граѓанските организации и претставници на, како што претходно напоменавме, многу афирмирани синдикални организации од Регионот.
Посебно треба да се истакне фактот што СОНК како домаќин на Конференцијата е грански синдикат, а останатите учесници се исклучително афирмирани граѓански организации на европско ниво, па и пошироко, како и граѓански организации од скоро сите држави од нашиов Регион. Тоа е големо, дополнително признание за СОНК и потврда на афирмираноста на нашиот Синдикат и во меѓународни рамки, а тоа секако произлегува од неговите неспорни резултати, што се потврдува и со бројноста на членството кое е убедливо најголемо во рамките на нашата држава и еден од најголемите грански синдикати во Регионот.
На крајот ќе го споменеме и делот од писмото од господинот Фрањо Топиќ, Претседател на ХКД „Напредок“, еден од организаторите на Конференцијата, доставено до Претседателот на СОНК, во кое истакнува: „Многу ми е мило што бевме заедно на Конференцијата во Скопје. Сите ние сме многу задоволни од истата. Се уверивме дека СОНК е голем и моќен синдикат…Сигурни сме дека соработката помеѓу нас и СОНК ќе продолжи и во иднина“.