Работилница за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 07 и 08 април 2023 година, одржаа работилница во Охрид, за подготовка на акционен план за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа, а во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”.

Присутните членови ги искажаа проблемите со кои се соочуваат на своите работни места, а воедно дадоа иницијатива за формирање на Комисија за жалби за непримена на законот и прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Исто така, беше предложено да се врши едукација на синдикалните претставници преку синдикална школа, како и да се подигнат капацитетите на граѓанските организации и синдикатите во креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Сето погоренаведено ќе помогне да се изготви Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор, која ќе биде доставена до надлежните министерства, со цел подобрување на условите за работа во дејностите што ги застапува СОНК.

Присутните на работилницата ја искажаа потребата од повеќе вакви работилници, обуки и семинари на национално ниво, со единствена цел вработените во овие дејности да се запознаат со правата и обрските од Законот за безбедност и здравје при работа.




СОНК НА ПРВИОТ РАБОТЕН СОСТАНОК СО ПАРТНЕРИТЕ – УЧЕСНИЦИ ВО ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL

На 01.03.2023 година, во Софија, во рамките на Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell, кој е финансиран од Европската унија, се одржа првиот работен состанок на сите партнери учесници во проектот.

Домаќин на состанокот беше Синдикатот за образование од Република Бугарија –  Поткрепа, а освен СОНК, присутни беа и Mладинскиот центар за култура од Целје – Република Словенија, Tренинг центарот за обука од Брисел – Белгија и Националното училиште за менаџмент од Софија – Република Бугарија.

На работниот состанок, најнапред беа презентирани главните елементи на проектот: целите,  резултатите и временската рамка, потоа секој партнер накратко ја презентираше својата организација, но и мотивацијата да се приклучи на проектот, а се презентираа и главните активности и конкретни чекори што треба да се следат за реализација на проектот во наредните 20 месеци.




ПРВА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ СОНК И МТСП

Денес, 10.09.2020 година, во просториите на Министерството за труд и социјална политика е остварена прва работна средба помеѓу министерот за труд и социјална политика, г-ѓа Јагода Шахпаска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков.

На работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на двете институции, а со цел надминување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените во установите за згрижување и воспитување на децата – детските градинки.

Главен акцент, од страна на претседателот на СОНК, беше ставен на прашањето околу работното време на воспитувачите и негувателите во детските градинки.

На работната средба, по однос на ова прашање, министерката зазема цврст став за потребата за продолжување на работното време, поточно 40-часовно работно време, повикувајќи се на општествена одговорност од страна на секој граѓанин, во услови на пандемија од Ковид- 19.

Претседателот на СОНК укажа на почитување на Законот за заштита на деца и Колективниот договор, каде е регулирано работното време и за воспитувачите и за негувателите.

Од оваа причина, СОНК апелира до директорите од детските градинки да ги почитуваат пропишаните важечки акти во нашата држава, кои ги регулираат поблиску правата и обврските на вработените од оваа дејност. Воедно ги охрабруваме членовите на СОНК да продолжат со работното време согласно Законот за заштита на деца и Колективниот договор, а доколку се наметне ново работно време од директорите, да бараат тоа да биде исклучиво наредба по писмен пат.

СОНК стои отворен за соработка со Министерството за труд и социјална политика и директорите на установите и се надева дека во најкраток можен рок, по пат на искрен социјален дијалог, ќе го надмине овој проблем, со што не би имало потреба од превземање на други чекори за заштита на правата на нашите членови.




СОНК ОСТВАРИ РАБОТНА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

На 1-10-2020 година, кога званично и отпочна новата учебна 2020/2021 година, во Министерството за образование и наука се оствари работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за образование и наука.

На работната средба, освен што се разговараше за почетокот на учебната година со сите предизвици и недостатоци, во услови на пандемија, се разговараше и по однос на Барањата, доставени од СОНК на 14-09-2020 година (можат да се видат на веб страната на СОНК) до министерот за образование и наука, кои се однесуваат на одредени прашања во сите сфери на образованието и тоа:

  • по однос на прашањето или поточно проблемот на поделбата на паралелките, согласно протоколите за работа во основното образование и поделбата на учениците, онаму каде што се изведува настава со физичко присуство, при што ќе се зголеми обемот на работата на наставниците, беше договорено секоја општина да направи анализа и да изнајде решение со вработувања на наставници за итни и неодложни работи или да се изврши обештетување согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија.
  • по однос на доставените Барања од страна на СОНК, во кои се вградени сите горливи прашања во сите сфери на образованието, генерално беше постигнат договор да се формираат работни групи и да се отпочне со преговори по сите отворени прашања од барањата.
  • како едно од најитните и приоритетни прашања,за што се согласија и двете страни, беше отпочнување на преговори за изготвување на колективен договор за високо образование и наука и беше договорено, во најкус можен рок , да се формира работна група и да се отпочне со изготвување на колективниот договор, во кој што, како основица за пресметка на платите би била минималната плата на ниво на држава.

СОНК и во овој случај, сака да го охрабри и убеди своето членство, дека само преку искрен и коректен социјален дијалог на сите нивоа, секако отпочнувајќи на ниво на работодавач – установа, на ниво на локална самоуправа – општина и на централно ниво, може да се дојде до постигнување на договор, односно решавање на проблемите.




ПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ НА РАСПРАВА ПРЕД ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Регионалните одбори на СОНК – Кисела Вода и Чаир расправаа по предлог Законот за основно образование, доставен во јавноста од страна на Министерството за образование и наука. Во анализaта на текстот од нацрт законот беа воочени  низа забелешки, но од аспект на интересите на нашата организација, заштита и унапредување на правата на вработените во основното образование, ќе истакнеме само дел од поважните забелешки за кои сме убедени, заради тежината на аргументите, ќе бидат прифатени во конечниот текст.
Предничеа дискусиите на членовите на СОНК кои изразуваа незадоволство околу предлог на членови од Законот, кои за одредени прекршоци предвидуваат парична казна, особено за планирањето и реализирањето на додатната и дополнителната настава, како и по сите основи од глава XVI – Прекршочни одредби. Ставот на присутните беше јасен да се избришат паричните казни за наставниците по сите основи. Исто така, коментиран беше и членот кој регулира награда на вработените во најдоброто училиште со зголемување на платата од 30% во следните 12 месеци, член кој што е доста нејасен, дали се однесува на најдобро училиште на општинско или национално ниво, како и констатацијата дека вработените се доведуваат во нерамноправна положба, бидејќи не работат во исти услови, во иста средина, со еднаков потенцијал на квалитет на ученици и т.н.

Големо внимание предизвика членот на Законот, со кој што се организира наставата во текот на учебната година, при што во случај на штрајк директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот. Овој член е апсолутно неприфатлив за СОНК, за кој што во изминатиот период многу пати реагиравме и упативме остри реакции за текст на член од Закон, кој што е спротивен на принципите на синдикалното здружување и дејствување, Законот за работни односи и Уставот на Република Македонија, како и на меѓународните Конвенции, кои ги третираат правата на работниците здружени во синдикати.  Впрочем и Меѓународната организација на трудот (МОТ) остро реагираше на ваквиот текст на Законот и побара итно бришење на оваа одредба.

Намалувањето на фондот на часови од  прво до деветто одделение, исто така предизвика силен интерес и дискусија помеѓу членовите на СОНК. Намалувањето на наставни часови во одделенска настава е прифатлив предлог, но во предметна настава постои оправдан страв кај наставниците за предизвикување на делумен технолошки вишок, иако има предвидени додатни ангажмани (за кои се сомневаме дека се компетентни), за наставниците на кои би им се намалил фондот на часови. СОНК бара одредба во Законот, со која што цврсто ќе се гарантира сигурноста на работните места на сите вработени во основното образование и секоја реформа во образованието што ќе биде во спротивност на интересите на вработените, особено во делот на социјалниот статус и сигурност и смета дека без консултација со репрезентативниот синдикат, ќе биде однапред осудена на неуспех.

Предлогот за намалување на број на ученици во паралелките е една од конгресните резолуции на СОНК, за кое што се залагаме подолго време. Новиот предлог на МОН за намалување на паралелките од 20 до 30 ученици би требало да се преиспита, од причина што сметаме дека постои простор за поголемо намалување  на горната граница на ученици, што е особено важно за подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес. Свесни сме дека би имало и финансиски импликации и оптеретување на Буџетот во делот на плати, за евентуални дополнителни вработувања, но во споредба со подобрување на крајниот резултат – поквалитетни стекнати  знаења и вештини на учениците, тоа би било споредно во однос на примарната цел.Дадени беа и други забелешки и предлози во делот на нормирање на работата на наставниците, организирање и реализација на слободни ученички активности, ученички натпревари , водење на педагошка евиденција и администрација, оценување на учениците (описно), професионално усовршување и кариерен развој на наставниците, како и избор на директор во училиштето, деполитизација и департизација на образовните установи и т.н




4 –та РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

ТРГНЕТЕ ГИ РАЦЕТЕ ОД СОНК




ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА СОНК

НИТУ СТОПАТИ ПОВТОРЕНИ ЛАГИ – НЕМА ДА ПОМИНАТ ВО ВИСТИНА




Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) во дводневна посета на СОНК

На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК , на 1ви и 2ри март оваа година, во работна посета пристигна Директорот на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) госпоѓа Сузан Флокен.

СОНК е полноправна редовна членка  на  ETUCE повеќе од 2 децении, организација во која што членуваат над 11 милиони членови здружени во повеќе од 150 репрезентативни синдикати од над 50 европски држави.

Во своите редовни активности нашиот синдикат континуирано испраќаше информации во оваа многу важна меѓународна организација од областа на синдикатите за образование со што ја информираше за актуелните состојби во однос на социјалниот дијалог и партнерство помеѓу релевантните социјални партнери, односно МОН и СОНК, како и значењето и почитувањето на репрезентативноста на синдикатите во однос на неговата улога во креирање на образовната политика и реформирањето на образовниот процес во Р.Македонија. Во таа смисла, СОНК укажуваше на незадоволителниот партнерски однос со МОН во рамките на законите и меѓународните конвенции кои ја третираат оваа проблематика.

Во својата посета г-ѓа Флокен оствари работна средба со Министерот за образование и наука,  г-ѓа Рената Дескоска со која што разговараа за прашања поврзани со образованието во Р.Македонија како и за улогата на СОНК како репрезентативен социјален партнер во градењето на образовните реформи, законските измени, условите за работа на просветните работници како и социјалниот статус на вработените во образованието. Во своето обраќање, г-ѓа Флокен подвлече дека цврсто стои зад активностите на СОНК и има полна подршка од Европската конфедерација на синдикатите за образование со што му даде големо признание на нашиот синдикат пред надлежните од МОН и исто така истакна  дека се ќе стори во рамките на нејзините надлежности да придонесе за подобрување на партнерскиот однос помеѓу  двете институции и взаемно почитување од страна на истите.

Во понатамошните активности на високиот синдикален претставник од  ETUCE беа остварени и работни средби со дел од раководството на СОНК, членови на Советот, на кои што подетално се запозна со организациската поставеност на нашиот синдикат, нејзиното функционирање и изворно за проблемите во Регионалните одбори согласно нивните надлежности.




ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА ИНТЕРНАЦИОНАЛАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ВО ПОСЕТА НА СОНК

ПОСЕТА ОД ИСКЛУЧИТЕЛНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА СОНК




Членовите на СОНК на уште една работилница за здрава и безбедна работна средина

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 05 и 06.05.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Центар, Карпош и Гази Баба.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, како и да ги посочат проблемите со кои се соочуваат на своите работни места во однос на безбедноста и здравјето при работа.

Актуелните теми за безбедноста и здравјето при работа беа презентирани од страна на предавачи и стручни лица во оваа област, а работилницата имаше и интерактивен карактер, на која присутните добија одговори на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.